Закажете преглед

Закажи преглед

00389 2 3091 484

Дневна доза здравје

Назад до Дневна доза здравје

09.10.2020

ДЕТСКА АСТМА

Астма е хроничо опструктивно воспаление на дишните патишта кое предизвикува проблеми при дишењето. Се карактеризира со непримерно силен имунолоши одговор и хронично воспаление на белите дробови. Болеста се јавува во епизоди, т.е. акутните влошувања на болеста се менуваат со периоди во кои нема симптоми на астма.

До астматични напади доаѓа и при влошување на воспалението, вообичаено поради тоа што во непосредната околина е присутен некаков иритирачки или провокативен фактор.

Во раната детска возраст често се сретнуваат болести кои во клиничката слика манифестираат опструктивен респираторен синдром (ОРС) т.е кашлица, свиркање, гушење во горните дишни патишта и тешко дишење.
Причините кои доведуваат до оваа болест се внатрешни (ендогени) и надворешни (егзогени).

Внатрешни фактори е атописка конституција, како и наследната склоност кон алергична реакција. Ако детето нема контакт со надворешниот фактор (алерген) иако има атопија нема да развива болест.

Астмата е водечка причина за посета на одделенијата за итна медицинска помош, за хоспитализации и отсаство од училиште. За жал, детската астма не може трајно да се излечи и симптомите можат да продолжат во адултната возраст. Со правилен третман, родителот може да ги намали тегобите кај детето, симптомите да бидат под контрола и со тоа да се спречи оштетувањето на   белите дробови кои се во  развој.

Симптоми

Вообичаени знаци и симптоми кај детската астма се:

  • Честа кашлица, која се влошува кога детето има вирусна инфекција, се појавува додека детето спие или е предизвикана со напор или ладен воздух
  • Свиркање во градите или отежнато дишење кога детето е надвор
  • Скратен здив
  • Болка или стегање во градите

Детската астма исто така може да предизвика:

  • Проблем со спиењето поради недостаток на здив, кашлица или отежнато дишење
  • Епизоди на кашлица или отежнато дишење што се влошуваат при настинка или грип
  • Продолжено оздравување при бронхитис после респираторна инфекција
  • Проблеми со дишењето што го спречува играњето или спортувањето
  • Замор, што може да биде резултат на неквалитетен сон.

Знаците и симптомите на астма варираат од дете до дете и со текот на времето може да се влошат или подобрат. Детето  може да има само една индикација, како што е надразнителна кашлица или стегање во градите. Може да биде тешко да се каже дали симптомите се предизвикани од астма или некоја друга состојба. Периодично или долготрајно отежнато дишење и други симптоми слични на астма, може да бидат предизвикани од бронхитис во склоп на инфекција или друг респираторен проблем.

Фактори на ризик и причини за појава на астма

Причините за детска астма не се целосно познати. Некои фактори за кои се смета дека се вклучени се:

  • Наследна склоност за развој на алергии
  • Претходни алергиски реакции, вклучувајќи реакции на кожата, алергии на храна или поленска треска (алергиски ринитис)
  • Семејна историја за астма или алергии
  • Некои видови на инфекции на дишните патишта во многу рана возраст
  • Изложеност на чад од тутун, вклучително и пред раѓањето
  • Живеење во област со големо загадување
  • Дебелина
  • Респираторни состојби, како хроничнo течење на носот или затнат нос (ринитис), воспалени синуси (синузитис) или пневмонија
  • Киселина (гастроезофагеална рефлуксна болест или ГЕРД).

Зголемената чувствителност на имунолошкиот систем предизвикува белите дробови и дишните патишта да реагираат со едем и зголемено создавање на секрет, кога се изложени на одредени дразби. Реакцијата на активирањето може да се одложи, што го отежнува идентификувањето на причинителот.

Предизвикувачите варираат од дете до дете и може да вклучуваат:

  • Вирусни инфекции како што е обичната настинка
  • Изложеност на загадувачи на воздухот, како чад од тутун
  • Алергии на грини од прашина, влакна од домашни миленичиња, полен или мувла
  • Физичка активност
  • Временски промени или студен воздух

Понекогаш, симптомите на астма се појавуваат без очигледни предизвикувачи.

Третман

Првичниот третман зависи од видот на астмата кај детето. Целта на третманот на астмата е да се задржат симптомите под контрола, зависно дали детето има:

  • Појава на минимални симптоми или знаци на астма
  • Oграничувања на физички активности или спортување
  • Минимална употреба на кусоделувачки бронходилататори, како што е албутерол (ProAir HFA, Ventolin HFA, други)
  • Малку или никакви несакани ефекти од лековите.

Лекувањето на астма вклучува и спречување на симптоми и лекување на напад на астма. Вистинскиот лек за детето зависи од многу работи, вклучително и возраста, симптомите, тригерите на астмата и од она што се чини дека делува најдобро за да се задржи астмата под контрола.

За деца помали од 3 години, кои имаат благи симптоми на астма, лекарот може да употреби пристап со опсервација на состојбата на детето. Ова е затоа што долгорочните ефекти на лековите за астма кај новороденчињата и малите деца не се јасни. Меѓутоа, ако новороденче или дете има чести или сериозни епизоди на отежнато дишење, може да се препише лек за да види дали ги намалува симптомите.

Прим. д-р Соња Петровска
Специјалист по педијатрија