Anästhesie
Анестезиологијата е гранка на медицината чија што цел е обезболување на пациентите, поточно нивна предоперативна подготовка, обезболување во тек на оперативната постапка и постоперативно третирање на болката. Исто така анестезиологијата се занимава со следење и лечење на хомеостатските перфузиски нарушувања во организмот поврзани со хируршките и нехируршките страдања. Заради ова анестезиологијата е тесно поврзана со реанимацијата и интензивното лекување, како и справување со итни, ургентни состојби.
Зборот анестезиологија потекнува од грчкиот збор anaesthesiologia, односно an=не, esthesia=осет и logia=наука. Под поимот анестезија се подразбира вештачки предизвикана состојба на нечуствителност на целото тело или само на некој дел (општа или регионална анестезија).
Вовед
РЕГИОНАЛНАТА АНЕСТЕЗИЈА претставува временски ограничена состојба на реверзибилно прекинување на чувството на болка заради примена на разни физичко-хемиски средства во близината на едно нервно подрачје или нервни плексуси. Исто така попозната е како локална анестезија. Локалните анестетици аплицирани локално предизвикуваат блок во спроведувањето на нервните импулси низ нервите во нервниот систем. Спиналната и епидуралната анестезија се најчесто користени техники во хирургијата и во третманот на хроничните болки. Спиналната и епидуралната анестезија предизвикуваат длабока аналгезија и мускулна релаксација.
Спинална анестезија
СПИНАЛНА АНЕСТЕЗИЈА е централен блок кој настанува при директното дејство на локалниот анестетик внесен по пат на лумбална пункција врз спиналните нерви. За изведување на спиналната пункција пациентот се поставува во седечка или лежечка позиција со испакнување на ‘рбетниот столб (кифоза) кон анестезиологот. Оваа позиција овозможува максимално отворање на просторите меѓу пршлените. Местото на изведување е на долниот дел од кичмата. Времето на врзување на анестетикот за спиналните нерви е од 5 до 15 минути.
Епидурална анестезија
ЕПИДУРАЛНА АНЕСТЕЗИЈА, претставува внесување на локален анестетик во епидуралното пространство. Наоѓа широка примена во хирургијата, акушерството и третманот на болка. Епидуралната анестезија се изведува во сала. Позицијата за изведување е иста како и кај спиналната анестезија. Иглите се подебели и врвот им е закосен нагоре. Се поставува таканаречен епидурален катетер преку кој континуирано се дава анестетикот. Пред да се даде целосната доза се прима прво тест доза за да се потврди дека се работи за епидурален простор. Се аплицира 3-4 ml од анестетикот. Доколку по грешка катетерот се наоѓа во субарахноидалниот простор ќе настане потполн блок (и моторен и сензитивен). Овој тип на анестезија може да биде самостоен или во комбинација со спинална или општа анестезија.
Вовед
ОПШТАТА АНЕСТЕЗИЈА подразбира реверзибилно губење на осетот за болка, свест, рефлекси и појава на различен степен на мускулна релаксација. Општата анестезија се состои од неколку етапи:
Предоперативна подготовка
ПРЕДОПЕРАТИВНА ПОДГОТОВКА НА ПАЦИЕНТОТ, ПРЕМЕДИКАЦИЈА – цел на оваа етапа е да се подготви пациентот за внес во операциона сала, односно да се намали возбудата(стабилизирање на крвниот притисок и пулс). За премедикација се користат седативи за смирување на пациентот и предизвикување на блага амнезија. Седативите се препорачуваат да се користат и ноќта пред операција.
Вовед во анестезија
ВОВЕД ВО АНЕСТЕЗИЈА
Пациентот е веќе на операционата маса. За последен пат се проверуваат исправноста на апаратот за анестезија и се проверуваат виталните параметри на пациентот (крвен притисок, пулс и заситеност со кислород). Воведот започнува со аплицирање на хипнотици(лекови што предизвикуваат вештачка состојба на сон) низ венска линија или со вдишување на испарливи анестетици кои брзо предизвикуваат состојба на длабок сон. Следува давање на релаксант кој го блокира спроведувањето на импулсот кон мускулното влакно и предизвикуваат тотална опуштеност-релаксираност на мускулатурата. Нареден чекор е изведување на ендотрахеална интубација и пласирање на тубус соодветен на широчината на трахеата (дишникот) на пациентот или поставување на ларингеална маска. Со ова се обезбедува безбеден дишен пат. Тубусот или ларингеалната маска се поврзуваат со апаратот за анестезија. Следно е давање на лекови за обезболување (аналгетици).
Водење на анестезија
ВОДЕЊЕ НА АНЕСТЕЗИЈА – во оваа етапа пациентот се воведува во таканаречена хируршка анестезија, односно се одбира најсоодветниот мускулен релаксант и аналгетик. Анестетиците се аплицираат континуирано во текот на хируршката интервенција. Виталните параметри внимателно се следат во тек на целата интервенција.
Будење од анестезија
БУДЕЊЕ ОД АНЕСТЕЗИЈА – со прекинување на давањето на анестетиците истите полека се метаболизираат и се елиминираат. Пациентот полека се буди, се враќаат рефлексите и тонусот на мускулатурата што се манифестира со појава на спонтано дишење. Пациентот ги извршува командите на анестезиологот,се врши аспирација на плунка и секрети, се испитува функционалноста на заштитните рефлекси и во моментот кога тие ќе се задоволат се врши екстубација на пациентот.
Постоперативна грижа
ПОСТОПЕРАТИВНА ГРИЖА НА ПАЦИЕНТОТ – се изведува во специјален простор, единица за постанестетичка грижа, кој е во близина на оперативнот блок. Се состои од континуирано следење на виталните параметри на пациентот, стабилизација на состојбата на свест, оксигенотерапија, третман на постоперативна болка и постанестетичко гадење и повраќање.