ПресВработувањеМапа на сајтотСледете не на социјалните медиуми    
ТЕЛЕФОН 02-3091500
Почетна  →  Оддели

Психологија и психотерапија

My alt text

ШТО Е ПСИХОТЕРАПИЈА И ПСИХОЛОШКО СОВЕТУВАЊЕ?

Психотерапијата и психолошкото советување се професионални услуги од страна на стручни лица психотерапевти кои ги поддржуваат луѓето да развијат подобро разбирање на себе и останатите, да се справат со животните потешкотии и да ги направат промените во својот живот кои ги посакуваат.

Зборот ‘психотерапија’ во превод значи ‘нега на душата’.

Индивидуалната психотерапија претставува комплексен процес на интеракција помеѓу психотерапевтот и клиентот и нејзината цел во основа е да го поддржи личниот раст и развој на клиентот или да му помогне на клиентот да ги надмине своите психолошки потешкотии или нарушувања.

Психотерапијата е третман базиран на соработка кој се заснова на дијалог и овозможува поддржувачка средина која му нуди на клиентот можност да зборува отворено со некој кој е објективен, неутрален и без предрасуди. Клиентот и психотерапевтот работат заедно за да ги идентификуваат или променат образците кои го спречуваат клиентот да се чувствува најдобро во дадениот момент и да го живее и ужива целосно својот потенцијал.

Секоја психотераписка сеанса е планирана и креирана врз основа на  индивидуалните потреби на секој клиент.

Кога треба да размислиме за започнување со психотерапија?

Секој пат кога квалитетот на вашиот живот не е онаков каков што посакувате да биде, психотерапијата може да помогне. Некои од причините зошто некои луѓе бираат психотерапија вклучуваат чувство на тага и депресивност, анксиозност или вознемиреност, лутина која трае подолго време, кога им е потребна помош во ситуации на хронична болест која интерферира со нивната емоционална или физичка добросостојба, при краткотрајни проблеми за кои на клиентот му е потребна мала поддршка и насочување, при разводи, кога децата го напуштаат домот, кога се чувствувате преплавени од работата или при процес на жалење кога ќе се загуби некој близок и уште многу други причини.

Психотерапијата и психолошкото советување се наменети за сите кои имаат одредена потешкотија во секојдневното функционирање и посериозни психолошки проблеми или едноставно сакаат да работат на личен раст и развој. Барањето помош не е знак на слабост, напротив барањето помош е знак на храброст.

Психотерапијата е најуспешна кога клиентот самостојно избира да се вклучи во психотерапискиот процес и има силна желба за промена. Во спротивно, промената може да биде бавна. Промената значи менување и работење низ оние аспекти од животот на клиентот кои не се повеќе функционални за него, или придонесуваат кон неговите проблеми и повторувачки начини на однесување. Психотерапијата е најуспешна кога клиентот е во можност и сака да се обиде да експериментира во безбедна и поддржувачка средина.

ШТО Е АНТИ-СТРЕС ПРОГРАМА?

Антистрес програмата е дизајнирана за луѓе кои се под постојан стрес и целта е да се намали чувството на тензија и напнатост во нивното телот и да им се помогне да научат нови, поадаптивни и поздрави механизми за справување со стрес.

Психотерапијата и антистрес програмата се спроведуваат од страна на психолози специјализирани во психотерапија со многугодишно клиничко искуство.

ПСИХОЕДУКАЦИЈА ПРЕД ОПЕРАЦИЈА

Психоедукацијата пред операција е подготвителна фаза за сите пациенти кои се примаат во болницата за некаков оперативен третман. Истата вклучува кратка едукација за оперативната процедура и разговор за стресните реакции и преплавувачките емоционални реакции кои нормално се појавуваат пред почетокот на овие процедури.

Научните истражувања покажуваат дека пациентите кои се информирани и психолошки подготвени пред оперативниот зафат имаат многу поуспешен постоперативен период на рехабилитација. Процесот на психоедукација може да вклучува и користење на техники за водена фантација, вежби за релаксација кои му помагаат на пациентот да се опушти и да го намали чувството на страв и возмнемиреност. Воедно вклучува и информации за пациентите во однос на самата процедура, манџментот на болка и периодот на опоравување по операција. Во оваа психоедукативна фаза, членовите од потесното семејство исто така учествуваат активно, заради  тоа што нивната подготвеност за периодот кој следи го поддржува процесот на рехабилитација на нивниот близок.

ПСИХОДИЈАГНОСТИКА/ПСИХОЛОШКО ТЕСТИРАЊЕ

Психодијагностиката вклучува тестирање со помош на психолошки тестови кое е наменето за дијагностицирање и разјаснување на прашањата кои се однесуваат на цртите на личност, однесувањето, расположението, емоционалното функционирање и когнитивните процеси на индивидуата.

Се употребува во ситуации кога е потребно разјаснување на дијагнозата, кога постои историја на трауматски искуства, кога има злоупотреба на субстанци, при проблеми во интерперсоналните релации итн. Дополнително се употребува и како поддршка во процесот на психотерапија.

Со помош на психолошкото тестирање клиентот добива детални информации за себе, а психологот изработува објективен психолошки наод.

Услуги во овој оддел

Психотерапија и антистрес програмаПсихоедукативна подготовка за пациенти пред операцијаПсиходијагностикаНеврологија и невропсихијатрија

Доктори во овој оддел

Фросина Ристовска

Психолог - психотерапевт