ПресВработувањеМапа на сајтотСледете не на социјалните медиуми    
ТЕЛЕФОН 02-3091500
Почетна  →  Услуги

Електрофизиологија

Контакт

Информации02-3091500
Итни случаи15777

Што е електрофизиолошка студија?

My alt text

Електрофизиолошка студија (ЕФ студија) е инвазивно испитување која се применува за проценка, дијагностика и лекување на неправилен срцев ритам.

За време на ЕФ студија, докторот (субспецијалист во лекување на пореметување на срцевиот ритам – Електрофизиолог) го испитува електричниот систем на срцето со помош на неколку специјални жици (електродни катетери) поставени во срцето, а преку кои се снима интракардијалниот електрокардиограм (електрограм). Овие електродни катетери се внесуваат преку воведници поставени во вените од препоните, раце, рамо или вратот.

Откако ќе се позиционираат во срцето, електродните катетери се користат за мерење на електрични сигнали кои срцето ги генерира и спроведува при неговата работа. Паралелно со ова, преку истите жици се испраќаат електрични сигнали до срцето, со цел да се репродуцира абнормалниот срцев ритам. Со овие основни техники се испитуваат голем број од пореметувањата на срцевиот ритам, а се користат и за проценка на ефикасноста од медикаментозен третман кај некои аритмии.

Зашто ми е потребна електрофизиолошка студија?

Вашиот доктор Ви препорачал да се изведе ЕФ студија поради некоја од долу наведените причини:

  • Да се лекува документирана тахикардија
  • Да се лоцира изворот на неправилниот срцев ритам
  • Да се процени ефикасноста на ординирани лекови во лекување на неправилниот срцев ритам
  • За проценка на симптоми како несвестица, губиток на свест, срцебиење
  • Проценка на останати причини за неправилна работа на срцето кои не можат да се испитаат со неинвазивни методи

Кои се можните ризиците при изведување на електрофизиолошка студија?

Можни ризици при изведување на ЕФ студија се:

  • Дополнително пореметување на срцевиот ритам
  • Оштетување на нормалниот спроводен систем при аблација на аритмоген субрат кој е во непосредна близина на нормалниот спроводен систем
  • Крварење и повреда на крвниот сад на местото од убод каде уводниците се поставени во вена
  • Тромбоемболични компликации во тек и после ЕФ студија
  • Ретки инфекции на местото од убод
  • Ретки епизоди на перфорација на ѕидот на срцето

Ви препорачуваме да разговарате со Вашиот доктор за количината на радијација која како пациент ја добивате во тек на процедурата, и ризикот за Вашето здравје. Доколку водите евиденција за изложување на зрачење од поранешни процедури, информирајте го Вашиот доктор. Ризикот кој се асоцира со озрачување е заснован на кумулативниот ефект во тек на време.

За некои пациенти неподвижното лежење на стол претставува потешкотија која може да е проследена со болка. За сите овие прашања разговарајте со Вашиот доктор пред де се изведе ЕФ студија.

Како да се подготвам за Електрофизиолошка студија?

  • Пред да се изведе процедурата, од Вас ќе биде побарано да потпишете согласност за  дозвола да се изведе ЕФ студија. Затоа Ве молиме внимателно да го прочитате тој документ и да разговарате за  сето она што Ви е нејасно и од интерес.
  • Вашиот доктор ќе Ви ја објасни ЕФ студијата и ќе Ви овозможи да поставите прашања.
  • Информирајте го Вашиот доктор ако сте алергични на било кој лек и / или супстанца.
  • Информирајте го Вашиот доктор за СИТЕ лекови и препарати кои ги консумирате.
  • На денот од процедурата да не јадете и да не консумирате течност. Вашиот доктор ќе Ве информира кои лекови и кога (пред интервенцијата) да се прекинат.
  • Ако сте бремени или не сте сигурни, ВЕДНАШ (пред процедурата) да го информирате докторот.
  • Информирајте го Вашиот доктор доколку имате накит на Вашиот граден кош или абдомен.
  • Информирајте го Вашиот доктор доколку имате историја на потешкотии со крварење или пак користите орална антикоагулантна терапија, аспирин или било кои други лекови кои доведуваат до разредување на крвта. Веројатно, ќе биде потребно да се прекинат овие лекови пред да се изведе ЕФ студија.
  • На денот од ЕФ студијата, Вашиот доктор веројатно ќе побара да се направи проценка на коагулациониот систем за да се процени неговата состојба, како и некои други специфични лабораториски тестови.
  • Пред ЕФ студијата, може да Ви биде ординиран седатив (за да се намали претпроцедуралната анксиозност). Доколку после процедурата не останувате во болница преку ноќта, потребно е некој да Ве вози до дома. После ЕФ студијата, не е дозволено самите да управувате со возило.
  • Во зависност од Вашата здравствена состојба, Вашиот доктор може да побара и дополнителни тестови пред да се изведе ЕФ студија.

Што се случува во тек на електрофизиолошка студија?

Во зависност од видот на срцевото заболување, Вашата ЕФ студија ќе се изведе со болнички или дневен престој. Начинот на тестирање е во зависност од видот на пореметување на срцевиот ритам и согласно на тоа се одредува бројот на електродни катетери кои ќе бидат употребени. Генерално, процесот на ЕФ студија ги опфаќа следните моменти:

  • Потребно е да ја промените Вашата облека во болничка облека.
  • Ќе бидете замолени да одите во тоалет пред процедурата.
  • Ќе биде побарано од Вас да ги отстраните Вашиот накит и / или други предмети кои потенцијално можат да го попречат текот на ЕФ студијата.
  • Доколку постои влакнетост во предел каде се внесуваат уводниците (најчесто во препоните) ќе биде потребно да се отстранат. Ова ќе придонесе во брзо зараснување на раните и ќе ги намали шансите за појава на инфекција.
  • Интравенозна линија ќе биде поставена на една или обете шаки или раце пред почетокот на ЕФ студија. Ова е со цел аплицирање на лекови или течности (доколку за тоа има потреба).
  • Член од електрофизиолошкиот тим ќе постави на Вас континуирано електрокардиографско (ЕКГ) мониторирање преку што ќе се следи и снима Вашата срцева активност. Исто така ќе бидат поставени и други сензори со што ќе се следат и други витални параметри (срцева и респираторна фреквенција и сатурација на кислород).
  • Постојат неколку монитори кои ги прикажуваат Вашите витални параметри и Рентген слики од електродните катетери кои се поставени во срцето. Доколку сте во позиција да ја следите процедурата на некој од овие монитори тоа ќе Ви биде овозможено.
  • Можно е да Ви се даде седатив пред самата ЕФ студија, но најверојатно ќе бидете будни во текот на целата процедура.
  • Член на тимот ќе Ви аплицира локален анестетик во пределот каде ќе бидат поставени воведниците низ крвните садови.  При тоа, ќе почувствувате лесна нелагодност на местото од убод додека да почне да дејствува анестетикот. По ова ќе се вметнат воведниците во крвните садови. Воведница е шуплива пластична цевка низ која се внесуваат електродните катетери во крвните садови. Тие пружат непопречен пристап до крвниот сад и истовремено го штитат крвниот сад од повреда.
  • Во тек на ЕФ студија се внесуваат од еден до четири електродни катетери кои под водство на Рентген (флуороскопија) се поставуваат на стратегиски места во срцето.
  • Откако ќе се позиционираат електродните катетери, докторот ќе започне со аплицирање на серија електрични стимулуси во разни предели на срцето, со цел да се индуцира тахикардија. Откако ќе биде индуцирана, најверојатно ќе ја почувствувате брзата работа на срцето. Истата ќе биде анализирана и потоа ќе биде смирена со методи на брза стимулација, лекови или електричен струен удар.
  • За некои видови коморни аритмии е потребно да се направи ЕФ студии за проценка на ризикот од појава на малигни аритмии и / или нагла срцева смрт. Кај тие ЕФ студии, индукција на малигни тахикардии е често проследена со хемодинамска нестабилност, при што, за нормализирање на срцевиот ритам се аплицира електричната кардиоверзија. Хемодинамската стабилност ќе одреди дали кај пациентот ќе биде седирани пред истата да се изведе.
  • Понекогаш има потреба од апликација на лекови од групата на адреналин, со цел за се овозможи индуцирање на аритмијата. Откако ќе Ви биде даден ваков лек може да почувствувате непријатност или болка во градниот кош, вратот, вилицата, грбот и раката, а може да биде проследено со чувство за недостаток на воздух или отежнато дишење. Овие лекови имаат кратко дејство и овие потешкотии набргу исчезнуваат сами по себе. Доколку овие потешкотии се присутни подолго време, информирајте некој од членовите на електрофизиолошкиот тим.
  • Доколку се утврди дека одреден дел од срцевото ткиво е причинител за појава на пореметениот ритам на срцето или е дел од патот по кој патолошкиот срцевиот ритам се движи, тогаш докторот ќе изведе катетер аблација за да го отстрани ова ткиво. Ова се изведува со специјален аблативен катетер кој со високо фреквентна електрична енергија ќе го изгори аритмогениот супстрат во срцето.
  • Откако ќе заврши ЕФ студијата сите воведници и електродниот катетер ќе се извадат. После ова се аплицира притисок над убодените места за да се спречи крвавењето и да зараснат пункциите. Откако ќе се утврди дека од местата на боцкање нема крвавење, се поставува еластична преврска над која може да биде поставена песочна вреќа, за дополнителен притисок над местото од убод.
  • Членови на тимот ќе Ви помогнат да се преместите од работниот стол на количката, по што ќе бидете префрлени во болничка соба. Не е дозволено да ја виткате ногата која Ви беше боцкана во наредните неколку часа.
  • Резултатите од ЕФ студијата ќе им овозможат на Вашите доктори да проценат дали е потребно понатамошно лекување. Во некои случаи може да има потреба од дополнителни процедури како вградување на пејсмејкер или поставување на имплантибилен кардиовертер дефибрилатор. Исто така, може да се утврди и потреба за продолжување на истите или промена на терапија со нови лекови.

Што се случува после електро-физиолошката студија?

Додека сте во болница

После ЕФ студијата ќе бидете префрлени во болничка соба каде ќе останете во кревет во наредните неколку часа, во зависност од Вашата состојба. Повремено, медицинска сестра ќе ги надгледува Вашите витални знаци и убодените места. Информирајте го персоналот доколку имате било какви потешкотии. Под некои околности, некоја од воведниците може да биде оставена во крвниот сад. Вие ќе бидете во кревет додека не се отстранат сите воведници. После отстранување на сите воведници ќе можете да пиете течност и да јадете лесен оброк. После неколкучасовно лежење во кревет, ќе можете да станете со помош на некој од медицинскиот персонал. После долго лежење во кревет, се препорачува полека да станете од кревет и внимателно да се движите за да не почувствувате вртоглавица. Можете веднаш да се вратите на Вашата редовна исхрана освен ако не Ви се дадат други специфични упатства.

Ако сте лекувани со дневен престој, НЕ Ви е дозволено да управувате со моторно возило. Потребно е некој да Ве одвезе дома.

Во домашни услови

Кога ќе се вратите дома проверете дали имате крварење на убодените места. Мала модринка е вообичаена промена, но ако забележите дека на местото каде се убодените рани се појави:

  • ладен екстремитет,
  • покачена телесна температура >38.0 °C со или без треска,
  • крвавење, натекнување или зголемување на модринката,

дојдете веднаш во нашата болница или јавете се преку Контакт центар (02) 309-1484.

Важно е да се одржува правилна хигиена на раните и истите да бидат суви и чисти. Доколку имате потреба ќе Ви бидат дадени и специфични упатства за нега на рана.

Неколку дена после ЕФ студија, избегнувајте напорна физичка активност. Докторот ќе Ве информира кога ќе можете да се вратите на работа и кога да продолжите со нормалните секојдневни активности.