ПресВработувањеМапа на сајтотСледете не на социјалните медиуми    
ТЕЛЕФОН 02-3091500

Контакт

Информации02-3091500
Итни случаи15777

Вовед

ОПШТАТА АНЕСТЕЗИЈА подразбира реверзибилно губење на осетот за болка, свест, рефлекси и појава на различен степен на мускулна релаксација. Општата анестезија се состои од неколку етапи:

Предоперативна подготовка

ПРЕДОПЕРАТИВНА ПОДГОТОВКА НА ПАЦИЕНТОТ, ПРЕМЕДИКАЦИЈА – цел на оваа етапа е да се подготви пациентот за внес во операциона сала, односно да се намали возбудата(стабилизирање на крвниот притисок и пулс). За премедикација се користат седативи за смирување на пациентот и предизвикување на блага амнезија. Седативите се препорачуваат да се користат и ноќта пред операција.

Вовед во анестезија

ВОВЕД ВО АНЕСТЕЗИЈА

Пациентот е веќе на операционата маса. За последен пат се проверуваат исправноста на апаратот за анестезија и се проверуваат виталните параметри на пациентот (крвен притисок, пулс и заситеност со кислород). Воведот започнува со аплицирање на хипнотици(лекови што предизвикуваат вештачка состојба на сон) низ венска линија или со вдишување на испарливи анестетици кои брзо предизвикуваат состојба на длабок сон. Следува давање на релаксант кој го блокира спроведувањето на импулсот кон мускулното влакно и предизвикуваат тотална опуштеност-релаксираност на мускулатурата. Нареден чекор е изведување на ендотрахеална интубација и пласирање на тубус соодветен на широчината на трахеата (дишникот) на пациентот или поставување на ларингеална маска. Со ова се обезбедува безбеден дишен пат. Тубусот или ларингеалната маска се поврзуваат со апаратот за анестезија. Следно е давање на лекови за обезболување (аналгетици).

Водење на анестезија

ВОДЕЊЕ НА АНЕСТЕЗИЈА – во оваа етапа пациентот се воведува во таканаречена хируршка анестезија, односно се одбира најсоодветниот мускулен релаксант и аналгетик. Анестетиците се аплицираат континуирано во текот на хируршката интервенција. Виталните параметри внимателно се следат во тек на целата интервенција.

Будење од анестезија

БУДЕЊЕ ОД АНЕСТЕЗИЈА – со прекинување на давањето на анестетиците истите полека се метаболизираат и се елиминираат. Пациентот полека се буди, се враќаат рефлексите и тонусот на мускулатурата што се манифестира со појава на спонтано дишење. Пациентот ги извршува командите на анестезиологот,се врши аспирација на плунка и секрети, се испитува функционалноста на заштитните рефлекси и во моментот кога тие ќе се задоволат се врши екстубација на пациентот.

Постоперативна грижа

ПОСТОПЕРАТИВНА ГРИЖА НА ПАЦИЕНТОТ – се изведува во специјален простор, единица за постанестетичка грижа, кој е во близина на оперативнот блок. Се состои од континуирано следење на виталните параметри на пациентот, стабилизација на состојбата на свест, оксигенотерапија, третман на постоперативна болка и постанестетичко гадење и повраќање.