ПресВработувањеМапа на сајтотСледете не на социјалните медиуми    
ТЕЛЕФОН 02-3091500
Почетна  →  Услуги  →  Електрофизиологија

Што се случува во тек на електрофизиолошка студија?

Контакт

Информации02-3091500
Итни случаи15777

Што се случува во тек на електрофизиолошка студија?

Во зависност од видот на срцевото заболување, Вашата ЕФ студија ќе се изведе со болнички или дневен престој. Начинот на тестирање е во зависност од видот на пореметување на срцевиот ритам и согласно на тоа се одредува бројот на електродни катетери кои ќе бидат употребени. Генерално, процесот на ЕФ студија ги опфаќа следните моменти:

  • Потребно е да ја промените Вашата облека во болничка облека.
  • Ќе бидете замолени да одите во тоалет пред процедурата.
  • Ќе биде побарано од Вас да ги отстраните Вашиот накит и / или други предмети кои потенцијално можат да го попречат текот на ЕФ студијата.
  • Доколку постои влакнетост во предел каде се внесуваат уводниците (најчесто во препоните) ќе биде потребно да се отстранат. Ова ќе придонесе во брзо зараснување на раните и ќе ги намали шансите за појава на инфекција.
  • Интравенозна линија ќе биде поставена на една или обете шаки или раце пред почетокот на ЕФ студија. Ова е со цел аплицирање на лекови или течности (доколку за тоа има потреба).
  • Член од електрофизиолошкиот тим ќе постави на Вас континуирано електрокардиографско (ЕКГ) мониторирање преку што ќе се следи и снима Вашата срцева активност. Исто така ќе бидат поставени и други сензори со што ќе се следат и други витални параметри (срцева и респираторна фреквенција и сатурација на кислород).
  • Постојат неколку монитори кои ги прикажуваат Вашите витални параметри и Рентген слики од електродните катетери кои се поставени во срцето. Доколку сте во позиција да ја следите процедурата на некој од овие монитори тоа ќе Ви биде овозможено.
  • Можно е да Ви се даде седатив пред самата ЕФ студија, но најверојатно ќе бидете будни во текот на целата процедура.
  • Член на тимот ќе Ви аплицира локален анестетик во пределот каде ќе бидат поставени воведниците низ крвните садови.  При тоа, ќе почувствувате лесна нелагодност на местото од убод додека да почне да дејствува анестетикот. По ова ќе се вметнат воведниците во крвните садови. Воведница е шуплива пластична цевка низ која се внесуваат електродните катетери во крвните садови. Тие пружат непопречен пристап до крвниот сад и истовремено го штитат крвниот сад од повреда.
  • Во тек на ЕФ студија се внесуваат од еден до четири електродни катетери кои под водство на Рентген (флуороскопија) се поставуваат на стратегиски места во срцето.
  • Откако ќе се позиционираат електродните катетери, докторот ќе започне со аплицирање на серија електрични стимулуси во разни предели на срцето, со цел да се индуцира тахикардија. Откако ќе биде индуцирана, најверојатно ќе ја почувствувате брзата работа на срцето. Истата ќе биде анализирана и потоа ќе биде смирена со методи на брза стимулација, лекови или електричен струен удар.
  • За некои видови коморни аритмии е потребно да се направи ЕФ студии за проценка на ризикот од појава на малигни аритмии и / или нагла срцева смрт. Кај тие ЕФ студии, индукција на малигни тахикардии е често проследена со хемодинамска нестабилност, при што, за нормализирање на срцевиот ритам се аплицира електричната кардиоверзија. Хемодинамската стабилност ќе одреди дали кај пациентот ќе биде седирани пред истата да се изведе.
  • Понекогаш има потреба од апликација на лекови од групата на адреналин, со цел за се овозможи индуцирање на аритмијата. Откако ќе Ви биде даден ваков лек може да почувствувате непријатност или болка во градниот кош, вратот, вилицата, грбот и раката, а може да биде проследено со чувство за недостаток на воздух или отежнато дишење. Овие лекови имаат кратко дејство и овие потешкотии набргу исчезнуваат сами по себе. Доколку овие потешкотии се присутни подолго време, информирајте некој од членовите на електрофизиолошкиот тим.
  • Доколку се утврди дека одреден дел од срцевото ткиво е причинител за појава на пореметениот ритам на срцето или е дел од патот по кој патолошкиот срцевиот ритам се движи, тогаш докторот ќе изведе катетер аблација за да го отстрани ова ткиво. Ова се изведува со специјален аблативен катетер кој со високо фреквентна електрична енергија ќе го изгори аритмогениот супстрат во срцето.
  • Откако ќе заврши ЕФ студијата сите воведници и електродниот катетер ќе се извадат. После ова се аплицира притисок над убодените места за да се спречи крвавењето и да зараснат пункциите. Откако ќе се утврди дека од местата на боцкање нема крвавење, се поставува еластична преврска над која може да биде поставена песочна вреќа, за дополнителен притисок над местото од убод.
  • Членови на тимот ќе Ви помогнат да се преместите од работниот стол на количката, по што ќе бидете префрлени во болничка соба. Не е дозволено да ја виткате ногата која Ви беше боцкана во наредните неколку часа.
  • Резултатите од ЕФ студијата ќе им овозможат на Вашите доктори да проценат дали е потребно понатамошно лекување. Во некои случаи може да има потреба од дополнителни процедури како вградување на пејсмејкер или поставување на имплантибилен кардиовертер дефибрилатор. Исто така, може да се утврди и потреба за продолжување на истите или промена на терапија со нови лекови.