Закажете преглед

Закажи преглед

00389 2 3091 484

03.07.2018

ОДРЖАН СТРУЧЕН СОСТАНОК НА ТЕМА „АКТУЕЛНИ НОВИНИ ВО КАРДИОРЕСПИРАТОРНАТА ПЕДИЈАТРИСКА НЕГА И ТРЕТМАН“ ВО ZAN MITREV CLINIC

На 27.06.2018 година во амфитеатарот на ZAN MITREV CLINIC беше одржан стручен состанок од областа на педијатријата кој беше поддржан од Здружението на педијатрите на Република Македонија. Состанокот беше акредитиран од Лекарската Комора на Р. Македонија и на него присуствуваа 120 педијатри, општи лекари, семејни лекари и оториноларинголози кои работат со болести во детска возраст од сите градови во државата. На состанокот беа изнесени најновите ставови и сознанија, базирани на медицина на докази, за кардиореспираторната педијатриска нега и третман.

Состанокот го отвори медицинскиот директор Д-р Емил Стоицовски, а претседателот на здружението на педијатри на Р. Македонија, Аспазија Софијанова, го изрази своето задоволство од стручноста на педијатрискиот состанок и можноста да се разменат искуства со колегите. Нашиот педијатар Асс. д-р Наташа Чучкова Никчевска зборуваше за поврзаноста на астмата со рефлуксната болест, можностите за дијагностика и третман. Прим. д-р Благица Манчева го изнесе проблемот на опструктивната slеep apnea кај деца, како и модалитетот на дијагностика со полисомнографија. Нашиот оториноларинголог, Прим. д-р Борислав Гогушевски, говореше на проблематиката „Воспаление на средното уво кај децата–рана детекција и третман“.

Нашиот исклучително докажан интервентен кардиолог д-р Милев зборуваше за клиничките аспекти на Перзистентен форамен овале кај деца и возрасни, како и начините на пристап за негово интервентно решавање. Доц. д-р Софијанова ги изнесе проблемите на инвазивна наспроти неинвазивна механичка вентилација кај новородени деца.

Состанокот беше многу добро прифатен во стручните кругови, кои изразија задоволство од избраните теми, стручноста и ширината на проблематиките кои беа опфатени на состанокот. Состанокот организиран од нашата клиника беше оценет како вистински начин да се вмрежат знаењата на педијатрите од државава, без разлика дали доаѓаат од јавното или приватното здравство, да се размената знаења и да се пратат новините во педијатријата со цел да се подигне нивото во дијагностиката и терапијата на болестите кај децата. Завршен збор на состанокот даде и Акад. д-р Митрев со порака за понатамошна комуникација и размена на знаење и дијагностички можности помеѓу државното и приватното здравство, бидејќи на крајот здравјето на нашата иднина, нашите деца, е најбитно за сите.