ShtypHarta e faqes së internetitNa ndiqni në mediat sociale    
TELEFON +38923091500

Практикантите од Лабораторија за Генетика и Персонализирана медицина со збогатено знаење и практично искуство, споредливо со нивото на едукација кое го нудат врвните светски универзитети

My alt text

Во изминатиов период, атмосферата во нашата Лабораторија за Генетика и Персонализирана медицина беше невообичаено динамична - исполнета со многу ентузијазам и позитивна енергија. Имено, лабораторијата уште од самиот почеток практикува политика на целосна отвореност за студенти кои се заинтересирани за стекнување на практично искуство од секторот на молекуларната биологија и генетиката - во најголем дел од времето во истата е присутен барем еден практикант кој е на додипломски или магистерски студии. Меѓутоа, претходниве неколку недели во лабораторијата доаѓаа на пракса вкупно 4 студентки, кои студираат на некои од врвните светски универзитети.

Студентите првично се запознаа со тимот од лабораторијата, со самата лабораторија и со сите анализи и тестови кои се изработуваат во истата. Им беше објаснето дека лабораторијата имплементира персонализирана медицина во секојдневието на пациентите кои доаѓаат во болницата, користејќи ги молекуларно-биолошките и геномските техники за функционирањето на два подеднакво важни, а сосема различни сектори: хумана генетика (дијагностика на ретки болести и различни синдроми, определување на ризик за развивање на мултифакторијални и комплексни болести според генетската конституција, проценување на ризик за развој на онколошки заболувања како и молекуларна карактеризација на канцерите и последователна таргетирана терапија, дијагностика на кардиоваскуларни генетски заболувања, фармакогенетика, неинвазивно пренатално тестирање, тестирање за ротиделство/сродство, ХЛА типизација, нутригенетика) и молекуларна дијагностика на паготени (респираторни патогени вируси и бактерии, гастроинтестинални патогени вируси и бактерии, сексуално-преносливи болести, HCV/HBV/HIV и слично).

Практикантите беа соодветно едуцирани за молекуларно-биолошките техники и методи кои се користат за сите анализи, како што се: принципите и различните начини на изолација на нуклеински киселини (ДНК и РНК), одредување на квалитетот и приносот на изолираните нуклеински киселини со спектрофотометрија, молекуларна детекција на патогени и генотипизација со различни методи и техники, како и основи на техниките за масовно паралелно секвенционирање (анг. Next Generation Sequencing, NGS) и последователната биоинформатичка анализа на податоците добиени од NGS. Во почетниот дел од едукацијата, целата едукација беше теоретска и практично-демонстративна, а по поминувањето на целосната неопходна програма практикантите можеа и самите под надзор на генетичарите со голема доза на самодоверба и сигурност да ги извршуваат рутинските анализи во лабораторијата.

Покрај тоа, секоја од нив имаше и задолжение за личен и посебен проект во кој по поминатата едукација за биоинформатичка анализа на податоци од NGS, имаа за задача да откријат и идентификуваат патогени генетски варијации кои предизвикуваат одредени генетски болести или одредени недијагностицирани симптоми (претходно секако дијагностицирани од страна на тимот во генетската лабораторија) преку изработување на виртуелен генски панел, како и in silico дизајнирање на прајмери за потврдување на пронајдените варијации со Сангерово секвенционирање. На самиот крај од нивната пракса практикантките одржаа презентација за својот проект во големата конференциска сала во болницата.

Ана Ѓорѓиоска, студент на Jacobs University Bremen, вели дека штотуку завршила прва година на насоката за Биохемија и Клеточна Биологија (Biochemistry and Cell Biology). За лабораторијата за Генетика и Персонализирана Медицина при Клиниката Жан Митрев, дознала преку нашиот веб-сајт по што веднаш заклучила дека е одлична идеја дел од слободниот летен период да го помине на пракса токму тука.

- После комуникација со м-р Механџиска и административниот тим, ми беше одобрено да почнам со практика од 9 јули. Иако периодот кој престојувам е навидум краток, имав доволно време да се стекнам со практично искуство и нови вештини. Покрај учеството во секојдневните анализи кои се извршуваат, бев задолжена и да изработам проект во кој самостојно открив мутации во гените на пациент и зададов дијагноза, иако оригиналната дијагноза беше одамна констатирана од тимот. Искуството стекнато тука беше од огромно значење за мене, специјализираниот кадар со кој се запознав многу ми помогна да научам за нештата кои ме интересираат и ми даде идеи за текот на моето понатамошно образование и кариера – вели Ѓорѓиоска

Мими Костоска, студент на Yale University, САД, одлучила да аплицира за практика во Zan Mitrev Clinic бидејќи минатата година ја посетила генетската лабораторија којашто и влеала многу самодоверба со професионалноста во работењето.

- Па затоа, му пратив e-mail на д-р Жан Митрев уште на почетокот на оваа година. Изминативе четири недели ми беа премногу интересни. Тоа што ми беше највозбудливо беше фактот што ја видов практичната страна на тоа што го учев годинава на факултет и како тоа се имплементира во медицината. Предизвик ми беше да го изработам проектот за наоѓање на генетски варијации кои ја предизвикуваат болеста ретинис пигментоза. И да, би сакала ова искуство да се повтори! – со воодушевување раскажува Костоска.

Константина Костадиновска, студент на Georg-August-Universität Göttingen годинава дипломираше на универзитетот Jacobs University Bremen во Германија на насоката Биохемија и Клеточна Биологија (Biochemistry and Cell Biology). За постењето на лабораторијата во Z.M.C. дознала универзитетот, бидејќи на сите нив им е добро познато дека нивните поранешни студенти м-р Сања Механџиска и д-р Горан Кунгуловски заедно работат во лабораторијата на којашто д-р Кунгуловски е всушност и ко-основач.

- Со оглед на тоа дека од октомври ги продолжувам моите студии на магистерската програма M. Sc Molecular Medicine на медицинскиот факултет при Georg-August-Universität Göttingen исто така во Германија, ова за мене претставува одлична можност за усовршување на моето досегашно знаење и стекнато искуство. Секојдневните рутински анализи и работата во лабораторијата ми овозможуваат да ја почувствувам огромната разлика помеѓу едукација во универзитетски услови и имплементацијата на тоа знаење во клинички рамки. Со оглед на тоа дека за моето севкупно искуство досега во лабораторијата имам само позитивни зборови, ќе останам на практика тука се до почетокот на моите студии – ни изјави Костадиновска.

Ванеса Овен, студент на Универзитетот во Виндзор во нашата клиника дојде преку сродна размена

- Јас сум половина Македонка, по мајка ми, а никогаш досега не сум била во Македонија. Оваа посета е корисна на повеќе начини, научив лабораториски термини на македонски, а моите соработници ми овозможија да се чувствувам вклучена во работата. Обединетата македонска дијаспора направи избор да ме прати во оваа клиника, бидејќи ова е врвна клиника, со многу паметни и талентирани техничари. Ова распоредување е битно за мојата иднина, со цел да продолжам во медицината, како и во целосното истражување во оваа област. За време на мојот престој како практикант во клиниката научив многу од моите ментори и ќе вратам со многу нови вештини во врска со научната работа. Научив како се вршат дијагностички задачи во клинички услови, како и за разликите помеѓу болничките лаборатории и училишните лаборатории. Ова искуство беше корисно за мене како студент, бидејќи бев подучувана за соодветниот начин како да ги вршам разредувањата, екстракциите и добивањето на ПЦР примероци, сето тоа додека следи соодветна болничка лабораториска работа. За време на мојот престој ми беше доделен проект во кој добив информација за генетски поврзани нарушувања, потоа создадов генетски панел за да се процени кои гени се патогени, а кои се бенигни кај еден примерок од пациент. Овој проект ми даде увид во тоа како здравствените работници и генетичарите работат заедно за решавање на сложените случаи. Исто така, ми покажа како гените функционираат, со мутации, како и епистазата помеѓу различните гени. Генерално, моето време поминато во ПЗУ „Жан Митрев“ беше неверојатно искуство и ќе ми се покаже како вредно во иднина. Згора на сè, научив како да пишувам со кирилско писмо, особено тешките „Ш“ и „Ц“-расположено коментира Ванеса Овен која задоволно замина во својот роден град.

Се надеваме дека успеавме да им доловиме на практикантите колку е голема важноста на персонализираната медицина во денешно време и кое е значењето на имплементацијата на истата во секојдневието, особено колку е големо значењето на NGS техниките во дијагностиката на ретките болести. Исто така, со оглед на тоа дека сите од нив студираат на некои од најдобрите и врвните светски универзитети, ние сме пресреќни што имавме можност да го збогатиме нивното знаење и практично искуство кое е споредливо со нивото на едукација кои го нудат врвните универзитети.