Закажете преглед

Закажи преглед

00389 2 3091 484

Дневна доза здравје

Назад до Дневна доза здравје

20.03.2023

Алергиски ринитис кај деца

Алергискиот ринитис е глобален здравствен проблем кој засега огромен процент од популацијта без разлика на возраста, социоекономските услови или етничка припадност. Користејќи конзервативна проценка, алергискиот ринитис се јавува кај над 500 милиони луѓе ширум светот.
Во голем број земји, преваленцата на алергиска сензибилизација е често повисока од 50% од населението во некои возрасни групи.
Алергискиот ринит влијае на социјалниот живот, спиењето, училиштето и работата што всушност резултира со зголемувње на трошоците за негово менаџирање.

Што е алергија?

Алергијата претставува зголемена осетливост на организмот на одредени супстанци познати како алергени. При контакт на нашето тело со овие супстанци нашиот имун систем прави силна одбрамбена инфламаторна реакција.

Алергените вообичаено се делат на:

  • инхалаторни алергени: прашина, грини, смог
  • нутритивни алергени: храна
  • контактни алергени: козметички средства, лекови, хемиски препарати и др.

Алергискиот ринит е всушност најчесиот облик на алергиска реакција – алергија.

Што чуствуваме кога имаме алергиски ринитис?

Алергискиот ринитис, кој претставува воспалителна реакција предизвикана најчесто од инхалаторни, но и нутритивни алергени, може да даде различни симптоми. Тие варираат, но доминантни манифестации се: чешање и црвенило на носот и очите, зачестено кивање, затнатост на носот, или течење на водникав секрет, сува надразнителна кашлица, гребкање во грло.

Колку време не мачат симптомите на алергиски ринитис?

АР кај децата може да се јави во повремена и стална форма, односно да биде сезонски или целогодишен. Во однос на тежината на симптомите може да биде во лесна и тешка форма.

Кому да се обратите за справување со алергискиот ринитис на детето?

Алергиски ринитис е една од најчестите состојби за кои луѓето посетуваат специјалист оториноларинголог. Децата со горнореспираторни инфекции и алергиски ринитис ги прегледува оториноларинголог кој поставува дијагноза и потоа врши контроли. Алергискиот ринитис е состојба која доколку е несоодветно контролирана, може да влијае на целокупниот живот и развој на детето. Децата може да рчат ноќно време, да немаат добар сон, што потоа резултира со тешко будење наутро, поспаност во текот на денот, намалена концентрација во училиште и немање доволно енергија за физички активности.

Долго време се мислело дека децата помлади од две години не можат да развијат алергија затоа што нивниот имун систем не е доволно развиен. Но денес веќе е докажано дека и тукушто родени деца можат да направат алергиска реакција на вообичаени алергени како што се прашина, грини, влакна од домашни миленици куче и маче или пак алергија на храна. Кога организмот ќе препознае некој од алергените како туѓо тело, тогаш започнува со имунолошка реакција против истиот.

Како се дијагностицира алергиски ринитис?

Дијагнозата се поставува со ендоскопски преглед на носот при што се визуелизира слузокожата внатре. При алергиски ринитис таа е бледа, отечена, прекриена со проѕирен, сјаен, воденикав секрет. Често пати таа може да биде и сува. Носните школки се зголемени, отечени и најчето целосно ја затвораат носната празнина и дишењето е компромитирано, нарушено. Се прави и брис, а во земениот примерок често се присутни големи количини на еозинофили. Се прават и алерготестови од нутритивен и инхалаторен панел кои се од витално значење за типот на алергенот кој ја предизвикува алергијата. Меѓу другите тестови може да се направи назален тест со директно капнување на алерген, елиминациски тест на нутритивни алергени или тест за протеинска рамнотежа – повишени вредности на гама глобулини – алергија, бета глобулини – инфламација.

Како се лекува и контролира алергиски ринитис?

За да ги ублажиме симптомите на алергиски ринитис истиот треба да се дијагностицира правилно и навремено, а потоа да биде одреден соодветен пристап во однос на третманот и менаџирањето на истиот.
Според АРИА (асоцијација за алергиски ринитис и астма) може е да бидат преземени следните чекори:

  1. Избегнување или намалување на контакт со инкриминираниот алерген
  2. Хигиена на носната слузница- со физиолошки раствор, секое утро и вечер
  3. Примање медикаментозна терапија која може да биде системска и/или тописка. Системската опфаќа антихистаминици од втора генерација, инхибитори на левкотриенски рецептори. Додека пак тоописка опфаќа деконгестиви во форма на солени раствори, тописки кортикостероиди, тописки антихистаминици, комбинирани спрееви, тописки кромони, тописки холинергици
  4. Специфична имунотерапија СИТ
  5. Обука на пациентот за самоконтрола на алергискиот ринитис
  6. Хируршки третман.

Најдобар совет е секој пациент индивидуално да биде вклучен во контролирањето на сопствената алергија и алергиски ринитис, односно да се свесни и да ја разбираат својата состојба и да се обидат сами да ја поправат со помош на советите дадени од нивните лекари. Во случај кога имаат потреба да побараат совет од нив.

Во Жан Митрев Клиника д-р Данчо Шурков специјалист оториноларинголог, ќе ви помогне во справување со алергискиот ринит и сите останати состојби поврзани со уво-нос-грло. За да закажете пеглед, јавете се во нашиот контакт центар на 02/3091-484.