Закажете преглед

Закажи преглед

00389 2 3091 484

Дневна доза здравје

Назад до Дневна доза здравје

20.12.2022

Инциденталом на надбубрежна жлезда

Надбубрежната жлезда е парен ендокрин орган, сместена во ретроперитонеалниот простор, на горните полови на обата бубрега. Нејзината морфологија се состои од кора и срцевина и секој од овие компартмани лачи одреден тип на хормони (кортизол, алдостерон, адреналин итн).
Од промените кои може да настанат во надбубрежната жлезда се вбројува и инциденталомот. Тоа е адренална маса која е случајно откриена, најчесто при некоја од радиографските техники (ехо, КТ или МР на абдомен), примарно наменети за друга состојба.
Првиот чекор во дијагнозата и понатамошниот тек на водење е детален ендокринолошки преглед, каде би се барале евентуално присутни прикриени или евидентни клинички знаци на зголемено лачење на хормоните од надбубрежната жлезда. Надбубрежните инциденталоми се хормонски активни само во 20% од случаите. Кај нефункционалните, може да се појави губиток на телесна тежина и појава на тапа абдоминална болка.
Следниот чекор е лабораториско утврдување дали постои хормонска функционалност на промената. За тоа е потребно да се одредат хормоните од надбубрежната жлезда во крв и урина и да се направат соодветни тестови кои би укажале и на евентуалниот терапевтски пристап и водење во иднина. Сите пациенти со случајно откриени промени, треба да се испитаат за постоење на феохромоцитом.
Третиот чекор е утврдување на радиографските карактеристики на промената. Нејзината големина (< 4cm или > 4cm) и изгледот (хомогеност или хетерогеност, правилни или неправилни рабови, присутни калцификации) се најдобрите индикатори за можна малигност.
Откако ќе се дефинира природата на промената следно е терапевтскиот пристап. Доколку се утврди дека адреналниот инциденталом е функционално активен, тој треба хируршки да се отстрани. Неактивните инциденталоми воглавном се следат на 6 месеци.
Тимот од специјалисти во Клиниката Жан Митрев Ви стојат на располагање за сите подетални информации и услуги.