Закажете преглед

Закажи преглед

00389 2 3091 484

Дневна доза здравје

Назад до Дневна доза здравје

13.06.2022

Изложеност на сонце и витамин Д

Знаеме дека летните одмори и изгорениците од сонце го зголемуваат ризикот од меланом. Знаеме и дека гените што ги наследуваме го одредуваат нивото на тој ризик. Значи, луѓето со темна кожа, која никогаш не гори и многу малку бенки имаат многу помала веројатност да развијат меланом како резултат на сончање отколку оние со пеги и многу бенки.

Дека одредени болести произлегуваат и од наследните гени и од околината е општо прифатено стојалиште во многу здравствени области. На пример факт е дека пушењето предизвикува рак на белите дробови, но дали одреден пушач ќе развие рак на белите дробови делумно зависи и од нивните гени. Така некои луѓе ширум светот имаат поголема веројатност да станат дијабетичари поради нивните гени и нивната околина, иако и нивната исхрана исто така игра улога.

Зошто летните одмори се чини дека предизвикуваат меланом?

Повеќето луѓе кои живеат во Европа работат внатре во затворени простории. Најголем дел од нив практикуваат релативно кратки, но многу интензивни летни одмори, со голема изложеност на сонце. Така со текот на времето стана општествено прифатливо да се изложува поголем дел од телото на сонце.

Оваа комбинација на фактори резултира со многу изгореници од сонце. Истражувањата покажаа дека сончевата енергија може да ја оштети ДНК (генетскиот материјал) во клетките на нашата кожа преку изгореници. Исто така, може да ја намали способноста на имунолошкиот систем да ја поправа оштетената ДНК. Токму овој двоен предизвик се смета дека предизвикува меланом.

Сепак, несомнено има и многу добри работи во врска со изложувањето на сонце. Тоа може да биде корисно за нашето психолошко здравје и му овозможува на нашето тело да произведе витамин Д. Витаминот Д е од огромно значење за здравјето и ние обично консумираме само ограничени количини од него, освен ако не јадеме големи количини на одредена храна како што е мрсна риба. Сепак, не треба да го занемариме фактот дека постојат јасни докази кои потврдуваат дека изложувањето на сонце за време на летните одмори и настанатите изгореници предизвикуваат зголемен ризик за појава на меланом кај луѓето со светла кожа и бенки.

За да се контролира овој загрижувачки тренд, неопходно е да се управува со изложеноста на сонце кај разичните групи. Но, ова сепак треба да се направи без да резултира со недостаток на витамин Д, бидејќи витаминот Д е многу важен за човековото здравје.

Да ги разрешме неколкуте клучни прашања во врска со витаминот Д: Кои се нивоата на витамин Д кон кои треба да се стремиме? и Како да ги постигнеме?

Во студиите кои третираат ризик од кардиоваскуларни болести ниските, но и високите нивоа на витамин Д се утврдени како штетни. Од овој аспект, прашањето е каков совет да се даде? Високите нивоа, може да го зголемат ризикот од камења во бубрезите и да предизвикаат потиснување на имунолошкиот систем. Најповолни се ефектите на витаминот Д кога тој на серумско ниво изнесува околу 70 nmol/L (иако ова останува контроверзно). Нашата лабораторија сугерира дека нивоата треба да бидат поголеми од 60 nmol/L, така што пожелни се нивоа помеѓу 60 и 90 nmol/L.

Факторите кои влијаат на нивото на витамин Д вклучуваат: изложеност на сонце и боја на кожата. Ниските нивоа се присутни кај луѓето со потемна кожа кои живеат во Европа или кај луѓето со многу светла кожа кои при изложување на сонце горат. Други фактори кои влијаат се: количина на внес на масна риба во исхраната, користење на суплементи, индексот на телесна маса (нивоата имаат тенденција да бидат пониски кај дебелите) и секако гените кои сме ги наследиле.
Со оглед на сите овие фактори, тешко е да се биде прецизен во поглед на советите за балансирна изложеност на сонце со цел да се избегне рак на кожата, но и недостаток витамин Д.

Нашите препораки се следни:

Сите оние кои се подложни на горење и оние кои се со бенки да се погрижат да избегнат изгореници од сонце. Тие треба да ги следат упатствата за избегнување сонце и да користат крема за сончање кога е соодветно. Тие, исто така, треба да го регулираат недостатокот на витамин Д со земање додатоци, секако во согласност со препорачаните дневни дози за поднебјето во кое живеат. И што е најважно, да не земаат превисоки дози бидејќи високите нивоа на витамин Д во крвта може да бидат штетни.

За оние со темна кожа која речиси никогаш не гори, немаат бенки и се без семејна историја на рак на кожа сепак важи правилото за избегнување изгореници од сонце, но не и да ја намалат изложеноста на сонце до степен до кој тоа им прави недостаток на витамин Д. Понекогаш сепак може да биде неопходно да се земаат додатоци на витамин Д во зима. Оние со многу темна кожа, особено ако ја покриваат кожата од културни или религиозни причини, веројатно ќе треба да земаат додатоци на витамин Д во поголемиот дел од годината.

Во многу сончеви области во светот, големите дози на изложување на сонце, распоредени во долг временски период, исто така се штетни и затоа изложеноста на сонце треба да биде умерена. Исто така, стареењето на кожата и сквамозниот карцином се несомнено поврзани со толку големи кумулативни изложувања. Така што и ова е една од причините за умерена изложеност на сонце.
Во контекст на сето горе наведено порака е јасна:

  • Избегнувајте изгореници од сонце.
  • Избегнувајте прекумерно изложување на сонце.
  • Внимавајте на недостатокот на витамин Д. Ако живеете во Европа и треба да избегнувате сонце, земајте додатоци согласно препораките за поднебјето во кое живеете.
  • Запознајте ја вашата кожа и научете да се грижите за неа.