Вагинална атрофија - Zan Mitrev Clinic

Закажете преглед

Закажи преглед

00389 2 3091 484

Дневна доза здравје

Назад до Дневна доза здравје

25.01.2021

Вагинална атрофија

Вагиналната атрофија (атрофичен вагинитис) е истенчување на зидот на вагината, сувост и лесна иритација на вагиналните sидови и вулвата, која се појавува кога во вашето тело недостасува естроген. Вагиналната атрофија најчесто се појавува по менопаузата.

За многу жени, вагиналната атрофија не само што го прави сексуалниот однос болен, туку исто така доведува до потешкотии и проблеми при уринрање. Бидејќи кај оваа состојба станува збор за комбинирани вагинални и уринарни симптоми, често, за да ја опишат вагиналната атрофија и симптомите што ја придружуваат, лекарите го користат терминот „генитоуринарен синдром во менопауза (ГСМ)“.

Намаленото ниво на естроген предизвикува промени во вашето тело, но тоа не значи дека треба да живеете со непријатност предизвикано од ГСМ. Постојат едноставни и ефективни третмани за ГСМ.


Симптоми

Ова се некои од знаците и симптомите на генитоуринарниот синдром во менопаузата:

  • Вагинална сувост
  • Печење (особено при мокрење)
  • Вагинален исцедок (секреција)
  • Чешање
  • Итна и честа потреба за мокрење
  • Повторливи уринарни инфекции
  • Уринарна инконтиненција
  • Лесно крварење по сексуален однос
  • Непријатност при сексуален однос
  • Помала влажност /лубрификација на вагината за време на сексуална активност
  • Стеснување и скратување на вагиналниот канал

 

Причини

Генитоуринарен синдром во менопауза е предизвикан од намалување на производството на естроген. Со помалку естроген, вагиналните ткива стануваат потенки, посуви, помалку еластични и покревки.

Намалување на нивото на естроген може да се појави во следниве состојби:

  • По менопаузата
  • За време на годините пред менопаузата (перименопауза)
  • По хируршко отстранување на двата јајника (хируршка менопауза)
  • За време на доењето
  • Додека земате лекови кои можат да влијаат на нивото на естроген, како што се некои апчиња за контрацепција
  • По радиотерапија на пелвичен карцином
  • По хемотерапија на карцином
  • Како продружен ефект од хормонален третман на карцином на дојка

Знаците и симптомите на генитоуринарниот синдром во менопаузата може да се појават и да генерираат тегоби во периодот на пред менопаузата, или може да не манифестират никаков проблем се додека не поминат неколку години по почетокот на менопаузата. Иако состојбата е честа, не сите жени во менопауза страдаат од овој синдром.

Фактори на ризик

Одредени фактори можат да придонесат за генитоуринарен синдром на менопауза, како што се:

  • Пушење. Пушењето влијае на циркулацијата на крвта и може да го намали протокот на крв и кислород до вагината и другите блиски области. Пушењето исто така ги намалува ефектите на природните естрогени во организмот.
  • Отсуство / недостаток на природно породување. Истражувачите откриле дека жените кои никогаш не родиле по природен пат (царски рез) имаат поголема веројатност да развијат симптоми на генитоуринарен синдром во менопауза отколку жените кои родиле по природен пат.
  • Отсуство на сексуална активност. Сексуалната активност, го зголемува протокот на крв и ги прави вагиналните ткива поеластични, и може да помогне во спречување на овој синдром во менопауза.


Компликации

Генитоуринарниот синдром во менопауза го зголемува ризикот од:

  • Вагинални инфекции. Промените во рамнотежата на pH вредностите на вагината, влијаат на појавата на вагиналните инфекции.
  • Уринарни проблеми. Уринарните промени поврзани со генитоуринарниот синдром во менопауза може да придонесат за проблеми со уринирањето. Може да почувствувате зголемување на фреквенцијата или нагон за мокрење или печење при мокрење. Кај некои жени се појавуваат почести инфекции на уринарниот тракт или неволно испуштање на урина (инконтиненција).

Кога треба да одите на лекар?

Многу жени во менопауза добиваат генитоуринарен синдром. Но, малкумина бараат третман. Често жените се чувствуваат засрамено да разговараат со својот лекар за своите симптоми, и прифаќаат да живеат со проблемите.

Консултирајте се со вашиот лекар доколку имате необјаснети причини на вагинално крварење или пигментација, необичаен исцедок, болка или печење, или болка за време на сексуалниот чин, која не се олеснува и по користење на вагинален крем за навлажување или со лубрикант на база на вода.

Системска терапија со естроген

Доколку сувоста на вагината е поврзана и со други симптоми за време на менопауза, како што се умерени или силни топли бранови, вашиот лекар може да предложи третман со  естрогенски креми, апчиња, како и други вагинални или орални естрогенски продукти. Вашиот лекар ќе ве информира за ризиците и придобивките од оралниот естроген и дали треба да земете и друг хормон наречен прогестин заедно со естрогенот.