Закажете преглед

Закажи преглед

00389 2 3091 484

Дневна доза здравје

Назад до Дневна доза здравје

13.10.2020

ВАРИКОЗНИ ВЕНИ И НИВНИОТ ТРЕТМАН

Вариозните вени претставуваат извртени, наголемени, отечени вени. Најчесто од овој проблем се зафатени вените на долните екстремитети. Тоа се должи на наголемениот притисок при долготрајното стоење и одење, при што валвулите на вените не функционираат соодветно и крвта не се движи како вообичаено.

Крвта од срцето преку артериите се носи до сите органи, а вените ја враќаат крвта кон срцето. При враќањето на крвта кон срцето треба да се совлада силата на гравитација, а во тоа им помагаат мускулните контракции и валвулите на самите вени кои функционираат како пумпа. Валвулите се отвораат кога крвта ќе се придвижи кон срцето и истите се затвораат за да го спречат нејзиното враќање. Доколку овие валвули се оштетат, крвта се враќа наназад, се насобира во вените и предизвикува нивно растегнување и виткање. Почесто се работи за естетски проблем, меѓутоа доколку процесот продолжи да напредува и почнат да создаваат дискомфорт, оток, болка, улкус тогаш е потребен медицински третман.

СИМПТОМИ И ЗНАЦИ

  • Темно- сино/ виолетово обоени вени
  • Извиткани, отечени вени
  • Тежина и болка во нозете
  • Жарење, пулсирање, чешање, мускулни грчеви и оток
  • Засилување на болката после долготрајно седење или стоење
  • Промена на бојата на кожата околу зафатената вена (хиперпигментација)

РИЗИК ФАКТОРИ

  • Поодмината возраст: стареењето предизвикува раскинување и попуштање на функцијата на венските валвули кои го регулираат крвниот тек. Тоа води кон ретроградно враќање на крвта во вените, каде истата се насобира наместо да кружи кон срцето;
  • Пол: жените се повеќе склони кон создавање на варикозни вени (хормонските промени во тек на бременост, менопауза, при земањето контрацептиви)
  • Бременост: волуменот на циркулирачка крв се наголемува покрај постоечките хормонални промени
  • Семејна историја: доколку член на фамилијата веќе боледувал од варикозни вени
  • Обезност: зголемената телесна тежина го зголемува притисокот врз вените
  • Стоење или седење повеќе часа од денот: крвта не циркулира соодветно доколку пациентот е повеќе часа во една иста положба

КОМПЛИКАЦИИ ОД НЕТРЕТИРАНИ ВАРИКОЗНИ ВЕНИ

  • Улцери: околу зглобовите, промена на боја на кожата, болка и пукање на кожата;
  • Тромбофлебитис: зафаќањето на длабоките вени може да доведе до сериозна состојба на создавање тромби при што е потребно итно да се посети лекар ;
  • Крварење: доколку површинските вени егзулцерираат може да настане крварење кое исто така побарува лекарски совет;

ПРЕВЕНЦИЈА

  • Физичка активност
  • Регулирање на телесната тежина
  • Внесување храна богата со влакна и со ниско ниво на сол
  • Одбегнување на високи потпетици
  • Одбегнување на тесни панталони
  • Подигање на нозете над нивото на срце
  • Често менување на положбата
  • Носење компресивни чорапи како прв чекор во третманот

КОГА ТРЕБА ДА СЕ ПОСЕТИ ДОКТОР?

Соодветната нега- физичка активност, подигање на нозете над нивото на срцето, носење компресивни чорапи сето тоа може да помогне во почетните фази на болеста кога може да се превенира понатамошното напредување. Но доколку болеста напредува и нозете отекуваат и болката не може да се контролира потребна е консултација со ангиолог или васкуларен хирург.

ДИЈАГНОЗА

  • Дијагнозата се поставува врз база на физикален преглед, инспекција на долните екстремитети по неколку минутно стоење за да се забележи оток и промена на бојата на кожа.
  • Втор чекор е ехографски преглед, неинвазивен и лесно изведлив, за да се процени функцијата на венските валвули како и проценка на евентулано постоење на тромби.
  • Флебографија: рентгенографски преглед со помош на контрастно средство кој овозможува приказ на актуелната состојба на вените, венските валвули, постоењето на тромби, венски дефекти и приказ на длабоките вени. Има 100% сензитивност и специфичност при дијагностика на длабока венска тромбоза. Потребни се 30- 45 минути за да се изведе. Се вбризгува интравенски контраст и на ангиограф се визуелизира венскиот систем. Значењето на оваа метода е што може да се визуелизира длабокиот венски систем флуороскопски- се визуелизира текот на контрастот од површниот во длабокиот венски систем. Подготовка за процедурата: четири часа пред прегледот потребно е пациентот да е гладен и жеден. Се користи контрастно средство на база на јод, на што некои пациенти може да се алергични. После процедурата: потребно е внесување поголема количина на течности и вода за да може побрзо да се исчисти контрастното средство од организмот без да се оптоварат бубрезите. Местото на пункција/ инцизија ќе создава болка во тек на неколку денови но не би требало да ги ограничува нормалните секојдневни обврски. Пациентот може веднаш да се врати на нормални дневни активности. Позитивен резултат/ нарушено венско полнење е знак дека е потребен медицински третман и вклучува појава на: тромби, дефекти во полнење, прекин во текот на контрастното средство, длабоки вени кои не се полнат.

ДОСТАПНИ ТРЕТМАНИ ЗА ПОСТОЕЧКИ ВАРИКОЗНИ ВЕНИ

  • Склеротерапија: инјектирање на склерозирачка течност во зафатените вени кои по неколку недели горат, создаваат лузна при што истите се затвораат и губат;
  • Ласерски третман: ласерски зраци насочени кон зафатените вени прават истите постепено да се изгубат;
  • Радиофрекфентна аблација: ласерска радиофрекфентна енергија која ја колабира зафатената вена;
  • Амбулантска флебектомија: преку ситни инцизии се извлекуваат површните , мали вени;
  • Лигирање – стрипинг ( процедурата објаснета подолу во текстот)

СТРИПИНГ НА ВЕНИ

Хируршка процедура која може да се изведе во општа или локална анестезија, а е финален   третман за хронична венска инсуфициенција и варикозни вени. Терминот стрипинг значи извлекување на вената низ нејзиниот поткожен канал преку мал рез во препонската регија, а најчесто се работи за големата сафенска вена.

Се прави мал рез во пределот на скочниот зглоб од каде се вовлекува еластична жица која стигнува се до препонската регија каде преку уште еден минимален рез се извлекува болната вена. Преку ситни резови се извлекуваат малите, површни гранки на големата сафенска вена, оние кои не можат да се извлечат низ каналот на самата вена.

Се затвораат резовите со ресорптивни конци и целата нога се замотува во еластичен завој кој треба да се носи до првата контрола. Оваа хируршка интервенција може да се изведе како еднодневна хирургја без потреба од останување во болница или доколку се работи во спинална анестезија потребно е време на опоравување и останок во болница првата вечер. Пациентите се советуваат да одбегнуваат физичка активнот во тек на три недели по интервенцијата и носење на еластичен чорап во тек на еден месец.

Во нашата клиника третирањето на варикозните вени е покриено од Фондот за здравствено осигурување. За повеќе информации можете да не побарате на нашиот телефонски број 02/ 30 91 484 каде што можете да закажете преглед или консултација со нашите лекари.

РЕТКИ КОМПЛИКАЦИИ

  • Алергиска реакција на анестезијата
  • Постоперативно крварење
  • Длабока венска тромбоза
  • Пулмонална тромбемболија
  • Повреда на нерви ( слабост и неосетливост во зафатената област)
  • Инфекција