Како ќе изгледа иднината во медицината со помош на ВР (виртуелна реалност)?

Минатата недела во организација на нашата клиника и дигиталните партнери од проектот Еразмус Плус ЕУ, во просториите на Нетавил се одржа практична презентација на здравствената платформа наменета за виртуелен тренинг/симулација насловена како ,,Иднината е во тренингот,, .
На едукацијата предаваа реномирани странски експерти проф. д-р Едрис Махтаб, д-р Самуел Макс и секако нашата прoф. д-р Милка Клинчева кои зборуваа пред големиот број присутни специјализанти кардиохирурзи, лекари од интензивна нега, кардиперфузионисти и останатиот придружен медицински персонал.

Оваа платформа за виртуелна реалност е дел од проектот во кој учествуваат Универзитетските клиники од Ротердам, Виена и Барселона и нашата клиника.
Симулаторот е наменет за едукација во областа на кардиохирургија, конкретно вклучување и исклучување пациенти од екстракорпорална циркулација, како и кардиопулмонална реанимација по кардиохируршка операција.

Како функционира?

Симулаторот се состои од ВР очила кои се поврзани со палки кои се држат во рацете, а специјалниот софтвер на монитор ги емитува движења на корисникот врз телото на виртуелниот пациент.

Овој меѓународен проект за примена на ВР симулатор за учење и тренинг на млади кардиохирурзи има повеќе предности. Една од нив е факот што се тренира во повеќе повторувања и со можни грешки од кои се учи, без при тоа да биде реално загрозен животот на пациент.
Конкретната примена и широка распространетост на ваквиот начин на едукација и тренинг со ВР симулатор насекаде во светот се очекува да се случи во следните неколку години.

Здравјето преку устата влегува

Безбедна храна, безбеден живот

Дали знаевте дека?

Во светски размери 1 од 10 луѓе годишно се разболува од контаминирана храна? При тоа децата до 5 години се најзагрозена категорија.

Што е контаминирана храна?

Тоа е храната која е заразена со опасни материи и бактерии и од кои луѓето може да се разболат. Такви се микроорганизмите, пестицидите, остатоците од лекови за животни, стаклото и камчињата. Земјоделците, производителите на храна и дистрибутерите треба да помогнат во обезбедување чиста, неконтаминирана храна.

Што можеме ние дома да преземеме?

  • мијте ги рацете со сапун пред и за време на подготовката на храната
  • чувајте ја храната во затворени садови во фрижидер, бидејќи микробите може многу лесно да се размножат.
  • не го мијте сировото месо и живина со вода. Микробите, доколку ги има, не се измиваат, напротив може да се рашират на работните површини, садовите и на друга храна.
  • не јадете храна која паднала на подот, бидејќи и при најмалиот допир, микробите може да се пренесат врз храната.

Штом храната е безбедна и вие сте. Безбедноста на храната е во ваши раце!

Клучни информации

  • Безбедноста на храната, нејзината исправност за користење во исхраната се неразделно поврзани.
  • Околу 600 милиони луѓе, односно секој десетти човек во светот, се разболува од внесување контаминирана храна, а дури 420 000 луѓе умираат.
  • 110 милијарди долари е годишната загуба од аспект на работни часови и медицински трошоци во земјите со низок и среден приход.
  • Децата под 5 години претставуваат 40% од вкупно засегнатите од овој проблем, што резултира со 125 000 смртни исходи.

Здрави навики пред изложување на сонце

Изложувањето на сонце може да има и позитивни и негативни ефекти врз човечкото тело. УВБ зраците се неопходни за кожата да произведе витамин Д, кој е потребен за здравјето на коските. Исто така, има позитивен ефект врз подобрувањето на расположението, бидејќи сончевата светлина го стимулира ослободувањето на серотонин, познат како „хормон на среќата“ кој го зголемува општото чувство на благосостојба.

Од друга страна прекумерната или незаштитената изложеност на сончево зрачење може да има негативни последици за кожата и здравјето воопшто.
Негативните ефекти од прекумерното изложување на сонце вклучуваат: изгореници, предвремено стареење на кожата, брчки, старечки дамки, промени во текстурата на кожата и зголемен ризик од развој на меланома – рак на кожата.

За да се одржи здрава изложеност на сонце, важно е да се практикуваат одредени мерки на претпазливост. Еве неколку препораки:

  • Ограничете ја изложеноста на сонце: Избегнувајте да се изложувате на сонце за време на пикот на ултравиолетово зрачење, односно помеѓу 11:00 – 16:00 часот. Обидете се да најдете сенка или останете во затворен простор во овој период.
  • Користете крема за сончање: Лесно нанесувајте крема за сончање со широк спектар со заштитен фактор (SPF) од најмалку 30 на сите изложени регии на кожата. Погрижете се да ги покриете лицето, деколтето, рацете и нозете. Нанесувајте нов слој редовно на секои два часа, по пливање или при прекумерно потење. Кремите за сонце можат да содржат различен тип на филтри за фотозаштита, затоа консултирајте се со дерматолог која крема е соодветна за вашиот тип на кожа
  • Заштитете ги очите: Носете очила за сонце со 100% заштита од УВА и УВБ зраците. Исто така, практикувајте носење капи со широк обод за да ги заштитите лицето и главата од сонцето.
  • Носете заштитна облека: Носете облека со долги ракави, долги панталони и ткаенини изработени од природни влакна кои и даваат на кожата да диши, а при тоа овозможуваат поголема заштита од сончевите зраци. Можете исто така да барате облека со интегрирана заштита од сонце (UPF) за дополнителна заштита.
  • Барајте сенка: Секогаш кога е можно, барајте сенка за да го намалите директното изложување на сонце. Користете чадори, тенди или други средства за заштита од сонце.
  • Хидрирајте се адекватно: Останете хидрирани со пиење доволно вода, особено кога сте изложени на сонце подолго време. Изложеноста на топлина и сонце може да го зголеми губењето на течности од телото, па затоа е важно да ги дополнувате.
  • Немојте да користите солариуми: Вештачки креираните зраци го зголемуваат неколку кратно ризикот од рак на кожата.
  • Вршете самопреглед на кожата: Редовно прегледувајте ја кожата за нови или постоечки бенки кои ја промениле својата форма, големина или боја. Доколку забележите нешто необично, задолжително посетете лекар дерматолог.

Ова се само дел од општите совети, при што важно е да земете предвид дека секој човек може е различен од аспект на пигментот на бојата на кожата, навиките, однесувањето и различните потреби. Секогаш е препорачливо да се консултирате со лекар дерматолог за персонализирани препораки врз основа на вашиот тип на кожа и индивидуални околности.

Запомнете дека заштитата од сонце е важна дури и во облачни денови, бидејќи УВ зраците поминуваат низ облаците и може да ја оштетат кожата. Затоа неопходно е да внимавате при изложување на сонце, како за одржување на здрава кожа, така и за спречување на долгорочни здравствени проблеми.

Ги вложуваме нашите срца во грижата за пациентите

На овогодинешниот меѓународен конгрес во Единбург Шкотска, организиран од Европското друштво за кардиологија (ESC) и Здружението на кардиоваскуларни медицински сестри и сродни професии (ACNAP),  нашата клиника и нашата држава ги претставуваше сестра Сузана Димишковска. Во оваа прилика беше примена за редовна членка, една од 20 земји кои се дел од оваа асоцијација.

Темата на конгресот „Ги вложуваме нашите срца во грижата за пациентите“, ја одразува намерата да се истакнат истовремено сите димензии на кардиоваскуларната пракса, со особен фокус на пациентот.

Двете здруженија работат со цел подобрување на кардиоваскуларната грижа за пациентите кои живеат или се изложени на ризик од срцеви заболувања токму преку примена на напредна професионална пракса и иновативни решенија за подобрување на резултатите од целиот спектар кардиоваскуларни болести.

Здружението постои од 2018 година, кога Генералното собрание на Европското друштво за кардиологија (ЕSC) во Минхен гласаше и одлучи за издигнување на Советот на кардиоваскуларни медицински сестри и сродни професии (CCNAP) во асоцијација (ACNAP). Тоа е едно од само седумте во рамките на друштвото. Од своето создавање, ACNAP е асоцијација која е динамична и соработлива, а е специјализирана за превенција, рехабилитација и управување со пациенти со кардиоваскуларни болести.

Нивната мисија е да промовираат извонредност кај кардиоваскуларните медицински сестри и сродните професии преку практика, образование и истражување.

Тие веруваат дека медицинските сестри и здравствените работници имаат клучна улога во грижата за срцето. Интервенциите развиени, тестирани и имплементирани од медицински сестри и други здравствени работници можат да им помогнат на пациентите да спречат, да се прилагодат и да закрепнат од срцеви заболувања.

Нивната визија е одраз токму на сите нивните стремежи. Им посакуваме уште многу успешни конгреси.

Клиниката Жан Митрев учествуваше на невропсихијатрискиот конгрес во Пула, Хрватска

Клиничката болница Жан Митрев учествуваше на невропсихијатрискиот конгрес кој се одржа во Пула, Хрватска во период од 18-21 мај 2023 г, претставен со д-р Марија Костадиновска, специјалист по психијатрија. Конгресот е од интернационален карактер, традиционален, 62-ри по ред, каде со свое учевство се и еминентни стручни лица од Европа и Америка. На конгресот беа опфатени теми од двете области на интерес и неврологија и психијатрија, со особен осврт кон невролошки и психијатриски последици од цереброваскуларни заболувања и повреди на мозокот, клиничка вредност и проблеми на современата техничка медицина, стареење на мозокот, невро- и психогеријатрија, деменција. Д-р Костадиновска со своето учевство презентираше дел од улогата на психијатарот во грижата на лицата во постоперативен период, како и искуствата од амбулантската работа.

Д-р Митрев спречен да присуствува на важен настан, дали процесот против него се претвора во тортура?

Светската елита во медицинската фела нема да може да го проследи предавањето на д-р Жан Митрев затоа што како единствен претставник од Македонија е спречен да присуствува на најважниот конгрес CSI Франкфурт каде требаше да ги претстави своите иновативни методи во хибридната процедура. Кривичниот совет при Основниот кривичен суд го одби барањето за привремено враќање на патната исправа и на тој начин го оневозможи патувањето. Ова не е првпат да се одбие барањето на д-р Митрев за привремено враќање на патната исправа. Првиот пат беше одбиен да присуствува на семеен настан што се случува само еднаш во животот.

Сето ова се случува во екот на медиумски оркестрираните напади од одредени и секогаш идентични центри насочени кон неговата личност, неговата работа и врз сите оние кои на кој било начин му пружаат поддршка на овој врвен професионалец.

Одбивањето на Судот да му дозволи присуство на светски конгрес каде е единствен доктор од регионот е загуба за македонското здравство да се претстават напредни методи во медицината. CSI Франкфурт (Congenital & Structural Interventions) конгресот е место каде присуствуваат најголемите експерти во хибридните процедури и ги споделуваат знаења и достигнувања во примена на иновативни техники во катетерската терапија на срцеви заболувања. На годинешното издание, доктор Митрев беше поканет како единствен доктор да ја претставува Македонија и регионот, со цел да ја презентира успешната примена на хибридна процедура кај шестмесечен пациент. Експозето на д-р Митрев на тема „Хибридна процедура за затворање на голем мускулен вентрикуларен септален дефект кај 6-месечно новороденче“ е од особена важност заради можноста за примена на методот кај најмали пациенти и истата треба да послужи за едуцирање и пренесување корисни знаења за успешна имплементација на овој метод.

Привременото враќање на патната исправа во случаи на општо корисна работа и во случај на здравствена потреба е вообичаена постапка, кога надлежниот орган, во случајот Кривичниот совет при Основниот кривичен суд ќе најде разбирање за потребата. Во овој случај, иако станува збор за пренесување на знаење за здравствен проблем што може да спаси животи, молбата е одбиена како неоснована.

Покрај одземањето на патната исправа кај случајот на д-р Митрев се применети и други мерки на претпазливост, односно финансиска гаранција во вредност од 1 милион евра и уште 1,5 милион евра врз основа на побарувањата.

Проф. д-р Васил Илиев со едукативна панел дискусија на настанот организиран од Ананас и Групер

Како дел од овогодишната заедничка кампањата насловена како ,,Остани здрав,, а фокусирана на женското здравје, односно пред се на превенција и рана дијагностика на рак на грло на матка и рак на дојка беше одржана едукативна панел дискусија. На овој настан организиран од Ананас и Групер, како еден од говорниците учествуваше и проф. д-р Васил Илиев. Целта беше да допреме до поголем број на млади девојки и жени, со интенција подигнување на свеста за редовни ехо прегледи на дојка, гинеколошки прегледи и правење на ПАП тестови, како и вистинско време за почеток на мамографски прегледи, со цел рано откривање и превенција на овие болести.
Позитивниот фитбек од бројните присутни ни дава надеж дека ја исполнивме нашата улога – едукација за начините на навремена превенција на карцином на репродуктивните органи.

Здравствениот караван на Клиника Жан Митрев „Здравје за сите“ ги посетува пациентите во Западна Македонија

Караванот „Здравје за сите“ за бесплатните кардиоваскуларните прегледи на пензионерите спроведени од тимот доктори од Клиника Жан Митрев продолжува во Западна Македонија. Бесплатните кардиоваскуларните прегледи од тимот доктори од Клиника Жан Митрев беа спроведени на пензионерите во Кичево и Струга а следат градовите Македонски Брод, Прилеп и Крушево.

Сите пензиониери од овие градови што се пријавија за бесплатни прегледи од тимот составен до специјалисти од Клиника Жан Митрев добија анамнеза, ЕКГ и читање, ултразвучен кардио васкуларен преглед, контрола на ТА и консултации за навремено откривање и превенција на срцеви заболувања.

Клиника Жан Митрев го започна здравствениот караван „Здравје за сите“ и бесплатните прегледи со цел да се зголемат можностите и пристапот до специјалистички прегледи за сите оние што немаат и не можат да добијат мислење од доктор за својата здравствена состојба. Клиниката ја зголемува грижата за здравјето на граѓаните и посебно за ранливи категории и оние без можност за консултации со доктор. Покрај прегледите се прави и советување и едукација за правилно и навремено дијагностицирање на можни заболувања.

Здравствениот караван и спроведувањето на бесплатните прегледи е дел од Меморандумот за соработка потпишан меѓу Клиничката и Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија, а се спроведува во соработка со локалните организации.