10ти октомври – Светски ден на ментално здравје

Светскиот ден на менталното здравје се одбележува секој 10ти октомври, а оваа година е со тема насловена како “Менталното здравје е универзално човеково право”
Доброто душевно здравје е од клучно значење за нашето целокупно здравје и благосостојба.
Според податоците од СЗО еден од осум луѓе на глобално ниво има нарушено душевно здравје, што влијае на телесното здравје и општа благосостојба.
Душевното здравје е основно човеково право за сите луѓе и како такво гарантира право на највисоки стандарди при третман на душевната состојба. Ова го вклучува правото да се биде заштитен од ризици по душевното здравје, правото на достапност и квалитет од највисок степен.

Ешерихија коли во урината: симптоми, причини и третман

На секој човек во одреден период од животот може да му се случи појава на уринарна инфекција. Уринарните инфекции се едни од најчестите инфекции кои што се јавуваат во сите возрасни групи, почнувајќи од доенечка па се до напредната возраст, но најчести се кај жените заради нивната анатомска градба.

Ние во оваа статија ќе се осврнеме за инфекциите на уринарниот тракт предизвикани од бактеријата Ешерихија коли, особено затоа што се смета дека во 75-95% од сите уринарни инфекции причинител е токму оваа бактерија. Ќе ги објасниме можните причини за појава на оваа инфекција, како и симптомите кои би ве натерале да размислите за посета на нефролог/ уролог или гинеколог, начинот на превенција и нивно лекување.

Причини за инфекција со ешерихија коли во урината

Природна средина на оваа бактерија се цревата и таа е дел од нормалната микрофлора на гастроинтестиналниот тракт. Постојат повеќе видови бактерии од родот Ешерихија, но само еден вид е важен за хуманата патологија, а тоа е бактеријата Ешерихија коли. Истата има повеќе серотипови, од кои само дел предизвикуваат заболувања кај луѓето кои може да бидат: цревни, белодробни или уринарни инфекции.

Вообичаено Ешерихијата се внесува преку контаминирана храна и вода и тогаш предизвикува цревни заболувања. На населувањето на оваа бактерија во уринарниот тракт и погодува близината на аналниот и уринарниот отвор, влажноста на кожата и нејзината топлина, како и хигиенските навики и неправилната тоалета на оваа регија.

Ако се има во предвид малото растојание на аналниот, вагиналниот и уринарниот отвор, како и кусиот мочен канал кај жените (3-5цм), тогаш станува јасно зошто тие се поподложни на уринарни инфекции, за разлико од мажите кои ги штити релативно долгиот и стерилен мочен канал. Доколку кај мажите се развие уринарна инфекција со Ешерихија коли, тогаш истата е поврзана со повозрасно животно доба, отежнато празнење на мочниот меур заради заболувања на мочниот канал и простатата. Ова изискува првин да се регулираат и лекуваат заболувањата кои довеле до пореметено мокрење, за потоа трајно да се излекува и уринарната инфекција.

Пренесувањето на инфекцијата со Ешерихија коли може да настане со директно ширење од околните органи: вагина, матка, јајници. Се претпоставува дека бактеријата може да го насели мочниот меур и преку ширење од лимфните садови на дебелото црево, да ги инфицира бубрезите или токму од тука да започне инфекцијата. Особено подложни на инфекција се луѓето кои што имаат предиспонирачки фактори за развој на инфекции со ваков тип на бактерии, а тоа се сите оние кои се соочуваат со застој на урината од различни причини (нервозен мочен меур, стеснувања на мочните канали, камчиња во бубрезите или мочните канали, туѓи тела). Во оваа категорија спаѓаат и бремените жени, како и сите оние кои што имаат намален имунитет заради одредена хронична здравствена состојба (дијабетес мелитус, пациенти кои што примаат имуносупресивна терапија, кои имаат потреба од радиотерапија и сл).

Симптоми на инфекција со ешерихија коли во урината

Зависно дали бактеријата предизвикала инфекција во гастроинтестиналниот тракт, белите дробови или уринарниот тракт така и симптомите може да бидат различни. Ние овде ќе ги споменеме најчестите симптоми при развој на уринарна инфекција. Такви се:

  • Фреквентен нагон за мокрење
  • Ургентност при мокрење
  • Печење при мокрење
  • Мокрење на мала количина урина
  • Урината е со непријатен мирис и заматена боја
  • Присуство на крв во урината или на крај од мокрењето
  • Општа слабост и замор
  • Гадење и повраќање
  • Покачена телесна температура
  • Треска
  • Губиток на апетит
  • Болка во слабинскиот дел на грбот, која што се шири кон мочниот меур
  • Болка во надворешните генитални органи
  • Болката кај мажите може да се шири и во тестисите

Доколку чуствувате еден или повеќе од овие симптоми, не двоумете се да посетите специјалист нефролог/уролог или гинеколог. Особено ако се има во предвид дека инфекциите на бубрезите се особено сериозна состојба, која што доколку не се лекува навремено од страна на нефролог, може да доведе и до трајно оштетување и намалување на бубрежната функција.

Превенција на инфекција со ешерихија коли во урината

За да ја намалите можноста од развој и ширење на инфекцијата со Ешерихија коли, основно е:

  • здрава исхрана,
  • внес на најмалку 2 литри течности на ден,
  • физичка активност во согласност со годините и здравствената состојба,
  • одржување на хигиена на раце и лична хигиена,
  • носење на соодветна гардероба и памучна долна облека,
  • навремено пресоблекување на мокрите костими за капење,
  • правилна тоалета на гениталната регија (бришење од напред кон назад)
  • како и навремена посета на доктор при појава на било кој од симптомите кои што може да се дел од оваа инфекција.

Третман на инфекција со ешерихија коли во урината

За да може правилно да се лекува уринарната инфекција со Ешерихија коли, вашиот доктор ќе ви земе примерок од крв и урина за лабораториски и микробиолошки иследувања. Ќе ве упати за дополнителни иследувања на нефролог/ уролог или гинеколог зависно од симптомите кои што ги имате.

Третманот со лекови ќе го определи специјалистот кој што ќе ја третира инфекцијата со Ешерихија коли, зависно од местото на инфекцијата, клиничката слика и тежината на симптомите. Ќе ви препорача хигиено-диететски режим на кој ќе треба да се придржувате и ќе ја определи фреквенцијата на јавување на контролни прегледи.

Имајќи во предвид дека оваа бактерија може и во неколку наврати да предизвика уринарни инфекции, односно да се јавува во рецидиви и да премине во хронична уринарна инфекција, па дури и да биде тврдокорна кон пропишаната терапија, а имајќи ја во предвид сериозноста доколку истата ги инфицира бубрезите, како и последиците од тоа, од особена важност е нејзиното навремено и правилно лекување.

За помалку од еден час закажани и направени над 300 бесплатни кардио прегледи од Клиника Жан Митрев

Клиниката Жан Митрев како општествено одговорна компанија традиционално и оваа година дава свој придонес кон одбележувањето на светскиот ден на срцето 29 Септември. За помалку од еден час беа закажани и во текот на денот направени над 300 бесплатни кардио прегледи од страна на 11 доктори од врвниот тим на Клиника Жан Митрев.

“Ние веруваме во свет во кој здравјето на срцето е основно човеково право и клучен елемент на глобалната здравствена правда, затоа на овој ден сите наши кардиолози на трите локации во Скопје, Струмица и Битола извршија бесплатни кардио прегледи. Прегледите се состоеа од проверка на притисок, ЕКГ, ЕХО на срце и секако им беа дадени совети во насока на превенција и здрав живот. Преку овие активности ние како клиника се трудиме да ја зголемиме свеста кај широката популација и да промовираме превентивни мерки за намалување на бројката на срцеви заболувања и мозочни удари во земјата”, велат од Клиника Жан Митрев.

Активностите на Клиника Жан Митрев продолжуваат и оваа сабота во Скопје во Градскиот парк на Школка, како поддршка на заедничката акција во организација на Институтот за јавно здравје и организацијата Здрава Иднина, на која ендокринолог и кардиолог од клиниката ќе прават бесплатна проверка на притисок и шеќер на граѓаните.

Креиран од Меѓународната федерација за срце, 29 Септември ги обединува луѓето од сите земји и средини во борбата против товарот на КВБ и инспирира и поттикнува меѓународна акција за одржување на здравјето на срцето. Фокусот е на информирањето на луѓето ширум светот, дека кардиоваскуларните болести (КВБ), се водечка причина за смрт и одземаат 18,6 милиони животи секоја година. Целта е и да се поттикне акција за едуцирање на луѓето дека со контролирање на ризик факторите како: употребата на тутун, нездравата исхрана и физичката неактивност, може да се избегнат најмалку 80% од предвремените смртни случаи резултат на срцеви заболувања и мозочен удар.

Влијанието на високиот притисок врз здравјето

Даталите од катастрофалното влијание на хипертензијата и начините како тоа да се запре, за прв пат излегоа годинава во официјален извештај направен од СЗО, кој беше објавен на 19 септември.
Во него се истакнува разорното глобално влијание на високиот крвен притисок, заедно со препораките во однос на начините како да се победи во трката против овој тивок убиец.

Извештајот покажува дека приближно 4 од 5 лица со хипертензија не се соодветно третирани. Она што треба да се истакне е заклучокот дека доколку поединечните здравствени системи во секоја земја во светот би можеле да го зголемат опфатот, 76 милиони смртни случаи би можеле да бидат избегнати во следниот период меѓу 2023 и 2050 година.

Хипертензијата погодува 1 од 3 возрасни луѓе ширум светот. Оваа честа смртоносна состојба, доведува до мозочен удар, срцев удар, срцева слабост, оштетување на бубрезите и многу други здравствени проблеми.

Алармантен е бројот на луѓе кои живеат со хипертензија (крвен притисок од 140/90 mmHg или повисок или земаат лекови за хипертензија). Истиот се удвоил помеѓу 1990 и 2019 година, односно пораснал од 650 милиони на 1,3 милијарди. Речиси половина од луѓето со хипертензија на глобално ниво моментално не се свесни за нивната состојба. Повеќе од три четвртини од возрасните со хипертензија живеат во земји со низок и среден приход.

Постарата возраст и генетиката може да го зголемат ризикот од висок крвен притисок, но модифицираните фактори на ризик, како што се исхраната богата со сол, физичката неактивност и прекумерната конзумација на алкохол, исто така, може да го зголемат ризикот од хипертензија.

Промените во животниот стил, како што се поздрава исхрана, откажување од тутун и зголемена физичка активност, можат да помогнат во намалувањето на крвниот притисок. Некои луѓе можеби ќе имаат потреба од лекови кои можат ефикасно да ја контролираат хипертензијата и да спречат поврзани компликации.

Превенцијата, раното откривање и ефективно управување со хипертензијата се меѓу најисплатливите интервенции во здравствената заштита и треба да им се даде приоритет во здравствените системи на секоја земја како дел од нивниот национален пакет здравствени придобивки што се нуди на ниво на примарна здравствена заштита. Само за илустрација, согласно направените анализи, економските придобивки од подобрените програми за третман на хипертензија ги надминуваат самите трошоците за околу 18 пати.

Споделеното знаење е клучот за напредок

Во клиничката болница Жан Митрев во континуитет се спроведуваат стручни предавања од најразлични медицински области. Минатиот четврток на тема ,,Надминување на новите предизвици во медицината,, наш гостин предавач беше светски познатиот експерт проф. д-р Елиезер Шалев од Израел –Декан на Медицинскиот факултет Технион од Хаифа. Тој е инаку добитник на наградата за животно дело од Министерството за здравство на Изрел за особен придонес во развојот на генетиката.

Со своето предавање ги воодушеви присутните покажувајќи ја својата експертиза и длабоко разбирање на современите предизвици во областа на медицината. Илустрирајќи со примери зборуваше за последните достигања во пренаталната генетска дијагностика и генските терапии.
Посебен акцент стави на значењето и соработката меѓу научниците, лекарите и индустријата што беше особено впечатливо. Присутните имаа можност да се вклучат во интерактивната дискусија по завршувањето на предавањето, каде се споделуваа идеи и се поставуваа прашања за предизвиците во медицината.

Влезот беше слободен, што им овозможи на сите заинтересирани да се вклучат и да го проследат настанот. Се надеваме дека ова предавање ќе стимулира нови идеи, истражувања и иновации во медицината, што ќе придонесе за подобрување на здравјето и добробитта на луѓето.
Голема благодарност до проф. д-р Шалев за неговото време, споделено знаење за време на ова интересно предавање. Се надеваме дека во иднина ќе имаме повеќе прилики да го слушнеме и да учиме од неговата богата експертиза.

Секако посебна благодарност и за д-р Милан Ристески – онколог во нашата клиника, кој беше модератор на овој настан.

Специјални цени во месецот на женското здравје

Закажи преглед денес, не утре. Не одложувај!

Здравствените теми кои ги засегаат жените се многубројни, како од физички така и од ментален аспект.
Најголемиот страв доаѓа секако од можна појава на карцином на дојка или јајници. Но, тука се и проблемите поврзани со сексуално преносливите болести, хормоналниот дисбаланс, болестите на срцето или тироидната жлезда, како и менталното здравје.
Во тој контекст, важно е секоја жена да одвои време за себе со цел превенција, рано откривање и справување со можните заболувања.
Овој месец октомври, ние во клиничката болница Жан Митрев подготвивме специјални цени и пакет понуди кои опфаќаат најразлични видови лабораториски анализи, превентивни и дијагностички прегледи.

За да дознаете повеќе детали и да закажете термин кој ви одговара јавете се на 02/30 91 484.
Нашиот тим Ве очекува!

  • Ехо на дојка 1500 ден
  • 2Д мамографија 2500 ден
  • 3Д мамографија 5000 ден
  • МР на дојка или матка (со контраст) 14 000 ден
  • Пакет хормони полицистични јајници (LH, FSH, Testosteron, Estradiol i insulin) 2500 ден
  • Тумор маркер CA125 600 ден
  • Тумор маркер CA 15-3 600 ден
  • Пакет хормони остеопороза (витамин D, Ca јонизиран, паратхормон) 2500 ден
  • Остеодензитометрија 1500 ден
  • Гинеколошки преглед 2500 ден
  • Гинеколошки преглед со ехо/колпоскопија и ПАП тест 3500 ден
  • ФМС за уринарна инконтиненција 1500 ден
  • Урогинеколошки преглед со ехо и тестови за инконтиненција/пролапс 2500 ден
  • Сексуално преносливи болести – 7 микроорганизми (брис гинеколошки) 6000 ден
  • Сексуално преносливи болести (Chlamydia trachomatis, Trichomonas vaginalis и Neisseria gonorrhoeae) од прва утринска урина со ПЦР метода 1800 ден
  • Ендокринолошки преглед со тироидни хормони (TSH и FT4) 2550 ден
  • Ехо на тиреоидеа 1500 ден
  • Тироидни хормони (FТ4 и TSH) 1200 ден
  • Тироидни хормони (TSH, FT4 и FT3) 1500 ден
  • Тироидни хормони (аTPO, FТ4 и TSH) 2000 ден
  • Дијабетолошки преглед 1500 ден
  • Дијабетолошки преглед со тримесечен просек на шеќер и шеќер на гладно 2100 ден
  • HbA1c и гликемија 600 ден
  • Пакет за обезни – крвна слика со инсулин 700 ден
  • Консултативен преглед со пластичен хирург 1500 ден
  • Дерматолошки преглед 1500 ден

Со поддршката од Клиника Жан Митрев, Шаховскиот клуб „Скопје 72“ се натпреварува на Светското шаховско првенство за ветерани

Шаховскиот клуб на ветерани „Скопје 72“ е дел од македонската репрезентација што се натпреварува на Светското екипно шаховско првенство за ветерани кое што од 19 до 28 септември се одржува во Струга. Учеството и натпреварувањето на ветераните од клубот „Скопје 72“ со финансиска и материјална помош го овозможи Клиниката Жан Митрев како дел од својата заложба за поттикнување на рекреативни активности кај сите возрасни групи.

Во составот на репрезентацијата од Шаховскиот клуб „Скопје 72“ се ФМ (ФИДЕ мајстор) Љубомир Илиќ (капитен), ФМ Александар Кралевски, Илија Стошевски, ФМ Љубомир Хаџи-Манев и Миле Трајковски. Во првите две кола нашите шахисти остварија две сензационални победи над Италија (рангирана на 9тата позиција) и Австрија. По 6 одиграни кола нашиот тим со 5 освоени бода се наоѓа на 18 место. Во седмото коло (на 26.09) Македонија игра против тимот на Англија 2.

Турнирот во Струга се игра според Швајцарски систем на натпревари, со 9 кола. Се натпреваруваат 46 екипи од над 20 земји од светот, поделени во две категории, ЕС-50 (повозрасни од 50 години) и ЕС-65 (повозрасни од 65 години).

На турнирот ЕС-50 учествуваат 22 репрезентации од 15 земји. Во оваа категорија се вклучени и три женски репрезентации (Македонија, Англија и Кина), како и македонската репрезентација на слепи и слабовидни шахисти.

На турнирот ЕС-65 учествуваат 26 репрезентации од 18 земји. Највисок рејтинг имаат селекциите на Германија, Англија 1 и Израел. Во оваа категорија се вклучени и две женски репрезентации (Германија и Латвија).
Македонската репрезентација, рангирана на 18тата позиција, е составена исклучиво од членовите на Шаховскиот клуб на ветерани „Скопје 72“.

Се што треба да знаете за хипертрофична кардиомиопатија

Кардиомиопатиите претставуваат хетерогена група на заболувања на срцевиот мускул кои што се поврзани со механички, функционални и/или електрични абнормалности кои обично доведуваат до развој на несоодветна коморна хипертрофија или дилатација. Настануваат како резултат на повеќе причини, меѓу кои генетстката предиспозиција е најчесто застапена. Кардиомиопатиите можат да бидат заболувања кои стриктно го зафаќаат само срцето или пак може да се дел од генерализирано системско заболување, кое често доведува до кардиоваскуларна смрт или просгресивна срцева слабост со нарушен квалитет на живот. Во оваа голема група на заболувања спаѓа хипертрофичната кардиомиопатија.

Што е хипертрофична кардиомиопатија и зошто настанува?

Хипертрофичната кардиомиопатија претставува состојба при која постои зголемена задебеленост (хипертрофија) на левата комора со димензии на меѓукоморната прегерада над 15mm, без конкретна и јасна причина. Со други зборови, хипертрофијата не се должи на артериска хипертензија или аортна стеноза. Карактеристично е тоа што хипертрофијата е асиметрична, левата комора има мала шуплина, постои зголемен притисочен градиент помеѓу левата комора и нејзиниот излезен дел и срцевото мускулно ткиво има дамчест изглед. Болеста настанува како резултат на мутации на гените што ги кодираат срцевите саркомерни протеини. При тоа, најчесто е инволвиран тешкиот ланец на бета-миозинот.

Зошто е важно ова срцево заболување да биде навремено дијагностицирано?

Дијагностицирањето на оваа состојба навреме има исклучително значење, заради тоа што истата е поврзана со ризик од ненадејна срцева смрт. Хипертрофичната кардиомиопатија е водечка причина за ненадејна срцева смрт кај спортистите (46%)! Кај над 50% од случаите се наследува автозомно-доминантно, што значи од родителот на детето со ризик до 50%. Поради тоа, се препорачува генетско советување за пациентот и фамилијарните членови од прво колено.

Како се манифестира?

Клиничката манифестација на болеста варира. Пациентот може со години да нема симптоми, а доколку има, истите да се неспецифични (отежнато дишење, замор, градна болка, несвестица, срцебиење), се додека не се докаже нивната поврзаност со состојбата.

Како се дијагностицира?

Во дијагностиката на оваа состојба основно се применува електрокардиографијата (ЕКГ) и ехокардиографијата која што е всушност и главна (најчеста) дијагностичка метода преку која се докажува болеста. Дополнително доаѓа во предвид и примената на 24-48ч Холтер мониторинг на ритамот на срцето, стрес ехокардиографијата и срцевата магнетна резонанса.

Како се класифицира болеста?

Хипертрофичната кардиомиопатија има две главни форми:

  • Опструктивна (1 – на ниво на излезниот дел од левата комора или 2- во средниот дел на комората)
  • Не-опструктивна (1- асиметрична или 2 – апикална – која го зафаќа само врвот на срцевиот мускул).

Каков третман може да се примени?

Третманот може да биде:

  • медикаментозен (Бета-блокаторите се лекови од избор за пациентите со симптоми, иако се применуваат повеќе медикаменти, секогаш кога е потребно).
  • оперативен (септална миектомија или Morrow-ова процедура).
  • интервентен (септална алкохолна аблација).

Кои дополнителни мерки може да се применат?

При ризик од ненадејна срцева смрт, кога се земаат во предвид повеќе клинички и дијагностички параметри, се поставува дивајс – имплантибилен кардиовертер дефибрилатор (ICD). Истиот безбедно и ефикасно спречува ненадејна срцева смрт кај пациентите со зголемен ризик за коморни аритмии.

Совети за пациентот

Повеќето пациенти со оваа болест имаат нормален и продуктивен животен век, додека мал број од нив ќе имаат значајни симптоми и ризик од компликации.
Пациентите треба да избегнуваат компетитивни спортски активности, но би требало да одржуваат здрав начин на живот. Зависно од симптомите и ризикот од компликациите, може да применуваат одреден степен на рекреативни спортови.
Од голема важност е овие пациенти да одржуваат здрав индекс на телесна маса (BMI), да избегнуваат дехидратација, цигари и алкохол, особено при опструкција на левокоморниот излезен дел.
Пациентите треба да избегнуваат ФДЕ-5 инхибитори заради вазодилатација и живото-загрозувачка хипотензија.
Повеќето од пациентите ќе можат да бидат инволвирани во работен процес. При планирана бременост, секогаш да се обратат на специјалист. Во отсуство на симптоми и ризик фактори, на децата треба да им е овозможено изведување на лесни кон умерени аеробни физички активности во согласност со советите на нивниот кардиолог.