“МОЈАТА НОГА Е СПАСЕНА, ПОВТОРНО ВО СВОИТЕ ЧЕВЛИ”

“МОЈАТА НОГА Е СПАСЕНА, ПОВТОРНО ВО СВОИТЕ ЧЕВЛИ”

18- годишен студент ја раскажува својата болна приказна. Чекав, ах колку треба да чекам додека го добијам пасошот за патување во странство, каде треба да го продолжам моето лекување. Се одлучив за Специјалната Болница за Хируршки Болести “Филип Втори”. Таму веќе е договорено да ме чека тимот на лекари кој ќе ја превземе грижата за моето здравје. Колку долго треба да чекам додека го отпочнам моето лекување, операцијата, хистолошките резултати, хемотерапијата и уште што не.Се потсетив на песната на Bob Marley “Чекајки попусто”. Навираа солзи во моите очи. Во Декември 2013 година, имав отворена биопсија на туморот на моето лево стопало. Лекарите не можеле да го отстранат туморот и одлучиле да ме испратат во странство. Ми кажаа дека се работи за р’скавичен тумор кој брзо растел. Направив и компјутерска томографија. Туморот се проширил и надвор од коските. Ги издржував болките повеќе од една година. Мојот матичен лекар ми велеше дека отокот и болките се резултат на повреда, потоа на реуматизам, гихт, а времето одминуваше. Моето стопало отекуваше, туморот растеше забрзано. Чевлата не можев повеќе да ја облечам. Носев некоја импровизирана, искината патика завиткана во најлон. Дојде денот кога бев примен во Специјалната Болница “Филип Втори”. Предоперативните испитувања покажаа дека туморот сеуште е само во стопалото.Потребна е радикална операција.

Сл. 1. РТГ пред оперативната интервенција

Ноќта пред операцијата тешко заспивав. Ме чекаше уште една неизвесност. Дали ногата ќе биде спасена. Тимот на ортопедски хирурзи го отстрани туморот во целост, а дефектот на коските го надополни со коскен трансплантат од мојата карлична коска. Со нетрпение го очекував резултатот од хистолошките испитувања. Хистолошката дијагноза беше хондросаркома градус 2. Хондросаркомите, воглавно, се понемалигни р’скавични тумори и почесто не бараат хемотерапија. Најголемата опасност доаѓа од локално повторување на туморот. Поретко може да се прошири во белите дробови или во другите органи. Постоперативниот тек минуваше уредно.

Сл. 2. РТГ после оперативната интервенција

Повторно бев на своите нозе. Наскоро ќе ги облечам и своите чевли. Верував во лекарите дека направиле се што било потребно. Сега јас ги советувам другите да бидат позитивни и да се борат. Само така може да ги победат болестите и неприликите во животот. А после тоа, да ги слават победата, животот, слободата и пријателствата.

Регионална анестезија (спинална и епидурална)

Регионална анестезија (спинална и епидурална)

Регионалната анестезија претставува временски ограничена состојба на реверзибилно прекинување на чувството на болка, заради примена на разни физичко-хемиски средства во близината на едно нервно подрачје или нервни плексуси. Исто така, попозната е како локална анестезија. Локалните анестетици аплицирани локално предизвикуваат блок во спроведувањето на нервните импулси низ нервите во нервниот систем. Спиналната и епидуралната анестезија се најчесто користени техники во хирургијата и во третманот на хроничните болки. Спиналната и епидуралната анестезија предизвикуваат длабока аналгезија и мускулна релаксација.Спиналната анестезија е централен блок кој настанува при директното дејство на локалниот анестетик внесен по пат на лумбална пункција врз спиналните нерви.

Најчесто користен локален анестетик е бупивакаинот. Анестетикот директно се инјектира во субарахноидалниот простор, при што предизвикува реверзибилен симпатички блок (вазодилатација на крвните садови), моторен блок (парализа на долните екстремитети) и сензитивен блок (неосетливост на болка). За изведување на спиналната пункција, пациентот се поставува во седечка или лежечка позиција со испакнување на ‘рбетниот столб (кифоза) кон анестезиологот. Оваа позиција овозможува максимално отворање на интервертебралните простори. Пункцијата се врши со спинални игли кои се најчесто со дебелина од 23-26 G (Gauge, единица за изразување на дебелината на иглите). Техниката бара строго придржување кон правилата на стерилно работење. Висината на блокот зависи од ширењето на анестетикот во церебро-спиналниот простор. Времетраењето на блокот може да се продолжи со додавање на вазоконстриктори. Времето на фиксација е од 5 до 15 минути.Епидуралната анестезија претставува внесување на локален анестетик во епидуралното пространство. Наоѓа широка примена во хирургијата и третманот на болка. За разлика од спиналната анестезија, каде што се добива целосен блок (моторен и сензитивен), епидуралната анестезија предизвикува само сензитивен блок, односно се добива само неосетливост на болка, а моторните неврони се интактни т.е. пациентот може да се движи. Епидуралната анестезија, исто така, бара строго придржување кон правилата на стерилно работење. Позицијата за изведување е иста како и кај спиналната анестезија. Иглите се подебели и врвот им е закосен нагоре. Најприфатена техника за идентификација на епидуралниот простор е техниката на загуба на резистенција при влегување во епидуралниот простор. Друга техника е таканаречената техника на “висечка капка” т.е. кога ќе се навлезе во епидуралниот простор се вшмукува капката заради негативниот притисок. Пред да се даде целосната доза, се прима прво тест доза за да се потврди дека се работи за епидурален простор.

Се аплицира 3-4 ml од анестетикот. Доколку по грешка катетерот се наоѓа во субарахноидалниот простор ќе настане потполн блок (и моторен и сензитивен). Најчесто се користи бупивакаинот, но може да се комбинира и со опоид (фентанил или морфиум), во зависност од тоа каква интервенција се извршува.

Работилница под покровителство на "Sorin" и ‘’SrbSECT”

Работилница под покровителство на “Sorin” и ‘’SrbSECT”

На ден 21.03.2014 година, под покровителство на “Sorin” групацијата и Српското здружение за екстракорпорална циркулација и технологија “SrbSECT”, во “Kлиничкиот центар Србија” се одржа втората балканска- регионална перфузерска работилница. На работилницата учествуваа претставници од сите балкански држави, кои со своите презентации на најдобар начин го претставија своето знаење и искуство.

Како претставник од „Филип Втори“ учествуваше перфузионистот Игор Кајевски кој имаше уснa презентациja на тема “Практична употреба на дата менаџмент софтвер-DMS, Connect во Специјалната болница Филип Втори во Скопје- Македонија”

Прва награда “Јас или ти”- Castello di Duino

Прва награда “Јас или ти”- Castello di Duino

ПЗУ ФИЛИП ВТОРИ, уште еднаш ја докажа општествената одговорност и хуманост, помагајќи го патувањето на Сара Конин во Италија, која е ученичка во 6-то одделение во OOУ “Кочо Рацин” Куманово.

На следниот линк можете да ја погледнете емисијата Дете талент Сара Конин линк

Сара ја освои првата награда на 10-тото издание Castello di Duino, со песната “Јас или ти” на Меѓународниот конкурс за поезија и театар во Дуино замокот.

Прв балкански митинг за аортна хирургија

Прв балкански митинг за аортна хирургија

На ден 09.05.2014 година, се oдржа првиот балкански митинг за Аортна хирургија, во просториите на Академијата на науки и уметности во Сараево.На средбата учествуваа реномирани кардиохирурзи од сите центри од бившите Југословенски републики.

Како поканет предавач Академик др. Жан Митрев зборуваше за “Хируршки пристапи во третманот на торакалната аорта“ и ги презентираше новините кои секојдневно се применуваат во нашиот центар.

Едукациски семинар за Истражувачки методи во Гешталт психотерапија

Едукациски семинар за Истражувачки методи во Гешталт психотерапија

Во периодот од 2-4 мај во Рим, Италија, се одржа интернационална конференција за истражувачки методи во Гешталт психотерапија, која беше наменета за сите терапевти кои практицираат гешталт психотерапија, на која како претставник од СБХБ “Филип Втори” присуствуваше Фросина Ристовска. На конференцијата беа присутни претставници од повеќе европски земји и САД, кои во своето секојдневно работење употребуваат гешталт терапија како психотерапевтска пракса и воедно се насочени кон спроведување на истражувања за ефектите кои ги има оваа терапија. Свои предавања имаа еминентни гешталт терапевти, тренери и супервизори, членови на Европската асоцијација за гешталт терапија. Меѓу позначајните предавачи беа Кен Еванс, Питер Шултес, Филип Браунвел, Кристин Стивенс, Иан Роубал и Џани Франчесети.

Гешталт психотерапијата е една од водечките психотерапии. Таа прави интеграција и балансирање на телото, духот и разумот. Гешталт психотерапијата, преку сопственото искуство кое се стекнува во сегашноста (тука и сега), нуди личен раст и развој, и воедно дава одлични резултати во работата со животни кризи, стрес, психосоматски заболувања, анксиозни напади, психички нарушувања итн.

Семинар по спортска медицина

Семинар по спортска медицина

На 09.05.2014 година, во Скопје, Македонскиот олимписки комитет организираше семинар по спортска медицина, на кој главен предавач беше д-р Андреј Швент, (Република Словенија), меѓународен експерт од областа на електро-мускулната стимулација (ЕМС) во спортот и здравството.

Д-р Андреј Швент е експерт за ЕМС за спортски тренинг/рекреација, физикална терапија, рехабилитација, респираторна физиотерапија и висок предавач на Универзитетот во Копар (Словенија) по апликативна кинезиологија.

На семинарот беа разработени теми за користење на ЕМС во процесот на зголемување на специјалната физичка подготовка во процесот на развој на спортскиот тренинг, развој на специфични мускулни способности, регенерација на мускулни групи, спортска рехабилитација, современи технологии за прирачни мерења во тренинг за ефикасно дишење во спортот и други теми за ЕМС во рехабилитацијата.

Хемангиоми- приказ на случај

Хемангиоми- приказ на случај

Хемангиомот е бенигна промена која содржи крвни садови и претставува најчест тумор кај децата. Настанува најчесто со хиперплазија (зголемување) на крвните садови. Клиничкиот изглед може да биде многу различен, од светло црвени дамки до сини или пурпурни плаки и чворчиња. Хемангиомите имаат типично однесување, а тоа е брзиот раст во текот на првите неколку месеци од животот, после кое спонтано се повлекуваат во текот на следните неколку години. Тој многу се разликува од васкуларните малформации, кои се обично присутни веќе на раѓањето и не се повлекуваат спонтано. Различните клинички видови на хемангиомите се делат на:• хемангиоми кои спонтано се губат во текот на животот• хемангиоми кои трајно остануваат како белег на телото• кавернозни хемангиоми, кои се над површината на кожата, со изразена синовиолетова боја. Правилното дијагностицирање на хемангиомот е многу важно за одредување на начинот на лекување, како и за одлуката за оперативно лекување. Лекувањето е многу тешко и најчесто со слаби резултати. Хемангиомите што се со мали димензии се отстрануваат хируршки со локална пластика и притоа не остануваат големи лузни и дефекти. Кај поголемите хемангиоми, по оперативното отстранување, остануваат лузни. Затоа лекувањето се комбинира во два дела – прво се врши склерозација на промената за да се намали нејзината површина и волумен, а потоа се отстранува хируршки. Комбинираното лекување според светските студии е најдобро и дава добри резултати. Најсовремен метод за отстранување на хемангиомите, кои зафаќаат големи предели од телото (со интензивна модросина боја) е ласерот.

Кавернозните хемангиоми, кои имаат формирани венски структури во вид на шуплини, најчесто имаат модра до виолетова боја. Тие се издигнати над површината на кожата и имаат форма на топчиња, кои се меѓусебно преплетени. Најчесто се јавуваат на главата и вратот и на други места. Се создаваат со раѓањето и растат како што се оформува телото. Лекувањето е сложено – радикално хируршко отстранување на промената и локална пластика на дефектот при што формирањето на лузни е минимално.

Пациентка Е. A., на 23- годишна возраст, на ден 27.04.2014 година, примена во ПЗУ Филип Втори за оперативен третман на хемангиом. Пациентката се жали на болки во предел на десна зигоматична регија. Претходно, два пати оперирана во 1997 и во 2007 година, отстранување на мекоткивен тумефакт на лицето од десна страна во зигоматична регија во големина на поголема мандарина палпаторно болно осетлива. На ден 08.01.2014, направен МСКТ на крвни садови на глава и врат со наод за ирегуларна хиподензна формација со димензии 55 x 30 мм, истата богато васкуларизирана понагласено во венската фаза. Васкуларизацијата, најверојатно потекнува од периферна гранка на art.carotis externa. Опишаната промена најмногу оди во прилог за хемангиом. Во консултација со хирург индицирано е отстранување на хемангиомот. Пациентката e примена на одделот за полуинтезивна нега за предоперативна подготовка. На ден 28.04.2014, направено е екстирпација на хемангиомот.

Хемодинамиски и ритмички стабилна после излегување од сала. Екстубирана после 2 часа. Кристалоидно супституирана според хемодинамиските параметри. Електролитно супституиран според ацидо-базниот статус. Задоволителна артериска оксигенација, уредни вредности на гасните анализи во крвта. Започнати постепени мобилизациски постапки кои уредно ги толерира. Понатамошниот постоперативен тек уреден.