Уште едно писмо за уште еден живот

„Благодариме драги волшебници за грижата за нашите најмили“

Баба во болничка чекална додека чека да си го посети дедото: „РАЦЕТЕ ДА ТИ СЕ ПОЗЛАТАT ДОКТОРЕ“…Европска и повеќе од таква, оаза среде Скопје, во која што секој што ќе го сретнете единствено по јазикот ќе Ве потсети дека сте тука, во нашата Македонија…Eдно место каде што гледате купишта НАДЕЖ, КУРАЖ, УТЕХА И СМИРЕНИЕ низ радост и насмевка. И тоа токму кога Ви е многу тешко а набројаниве поими најмногу ви требаат. Тука секој болен или близок е преплашен. Стигнале кога смртта сериозно тропала на врата, често и си заминала како крадец со се пленот, а однесениот е некој наш најмил. Во чекалната секојдневно оголени човечки души, преплашени за своите најблиски. „Соблечени” се и од верата и од нацијата и од јазикот и од лутината и од пцостите… Секој шепоти и се надева дека неговиот за влакно починат близок, ќе оживее и ќе оздравее. Скоро свечена атмосфера во чекалните, преполна со надеж и шепот на сите до еден – иако никој никому не би му сметал и кога би се зборувало гласно. Болните се релативно далеку и не им пречи вревата од надвор. И гледате како сите до еден со најдраго срце, и свечено се придржуваат до европските правила за хигиена, со што местото станува уште по европско. Секој влегува само кога мора, со сите можни заштити: стерилни навлаки на нозете, стерилен мантил, дезинфекција на рацете. А како што наш човек кога сака, умее да почитува ниеден Европеец не може. Тажно е што тешко ни е да се организираме, а местово слатко и гласно докажува не само дека може, туку може поарно и од тие што ни се најсветол пример за совршена средина. И тоа охохо подобро. Но за тоа е заслужен домаќинот и неговата способност за организација. Тој ги носи правилата и тој ги спроведува. А гостите пак кога се задоволни автоматски уживаат во редот и сигурноста. Една фина хармонија во служба на здравјето. Седиш во чекалната и си велиш, во себе: „Ајјјј, само 10% Македонија да е ваква и по другите места, не само што нашите избегани ќе се враќаат, туку и туѓи ќе сакаат да дојдат. А толку ли е тешко? – Ма ич не е тешко“. По лицата и натопените очи на чекачите во чекалната од неверување дека болниот е жив и здрав, и со говорот на нивните тела се гледа оти потполно истото го мислат, секој на својот јазик или дијалект, со својата верзија за Бога, кого многу често на ова место и гласно сите го молевме за милост и спасение на нашите мили болни.

Приказнава не е за некоја друга планета, за која моите Македонци мечтаат, туку е за нашата Македонија и нејзината клиника „ФИЛИП ВТОРИ”, во која, буквално нејзините вработени на чело со нивниот главен, Жан Митрев, прават волшепства со своите раце, знаењето умеењето и способноста, и тогаш кога ќе ви се стори дека хирургот на вашиот близок е многу млад, а зрачи со бестрашност, ведрина и професионализам. Абе спасуваат животи или пак на тие што сигурно заминале како да им подаваат рака да се симнат од возот којшто тргнал кон Св. Петар и небескиот свет. А повеќето мајстори се такви – сосема млади, сите насмеани и ведри со МНОГУ ентузијазам и смиреност, како и нивниот главен. Таа смиреност мајсторски со лесно воочлив професиснализам им ја префрлаат и на своите пациенти и на нивните најблиски. А има ли поважно од тоа?Ете можело и кај нас да биде не само европски, туку и поарно. Случајно бев лично замешан кога нашиот стар даскал професорот Кљусев, го доведе скоро за рака д-р Митрев од туѓина и му помогна да се отвори оваа оаза на спокој и професионализам среде Скопје. Браво професоре што откри кој е и што го доведе овој човек во гнездото од коешто одлетал, своите птици да ги краде од смртта и да ги враќа во живот!И да не беше судбината да ме доведе случајно тука, заедно со болеста на татко ми (лекар), а сега пациент во криза, немаше да знам дека и нас не бивало за нешто прекрасно и топ-професионално. Татко ми стар скопски лекар од најпрвите генерации лекари, пред моите детски очи спасуваше животи по улица, на одмор, низ маалото, на работа. Постојано ни ѕвонеше телефонот, а тој истрчуваше, и дење и за викенд и за празник, а се одеше во затвор ако заработиш од тоа. Но заслужено доживеа кога му било најпотребно, ете некој да го симне од возот кон другиот свет и со тоа да ни подари уште некое време да бидеме заедно. Бадник беше – празник. Кој знае зошто луѓето често на празник ги спопаѓа мака… А сега ни самиот не верува во тоа што го доживува, дека можело да биде не само добро туку за 10+. И кога влеговме во местово по препорака на итните служби, можете да претпоставите какво е чувството за домашните додека близок им умира пред очи, а наидувате на професионален спокој со широки раце помош и утеха. Некој да ве смири на мајсторски начин и со збор и со дело и тоа во 4 часот сабајле! Еве како е: успокојувачки, блажено и благодарно. Го спомнувам името на главниот, а тие околу него не се ни за влакно полоши. Слаб учител и раководител би бил, ако помладите колеги не се поарни или барем еднакво добри како него. Совршено љубезен е и помошниот здравствен персонал, најверојатно грижливо и со мерак е одбран. Излечените пациенти се отпуштаат претпладне, и често се случува да се сретнат со роднините на болните што бдеат во ходникот. Во неколку наврата видов како си заминуваат со солзи радосници не верувајќи дека се живи и здрави. Не им доаѓаат зборови со коишто би им се заблагодариле на овие вистински исцелители. Повеќето седнуваат во чекалната и уште неколку минути седат дури се соземат од чувството и неверувањето дека се живи и здрави и дека за тоа е исклучиво заслужна „куќата“ на д-р Митрев и неговите колеги. И мојот пациент иако лекар си замина со натопени очи од радост. Благодариме драги „волшебници” за грижата за вашите сограѓани, а наши најмили. Седете си горди што секој Ве благословува по 100 пати на ден симултано од 100-ци души одеднаш. Ставете микрофонче во чекалната ќе се уверите. Тоа ич не е мала работа: Искрена почит и благодарност, кои што ги заслужувате од се’срце.Бабата во чекалната едвај ли некој ја слушна што му кажа на главниот, додека поминуваше по ходникот. Но мислам дека насмевката на неговото лице значеше дека слушнал. Важно заглавието од горе го слушнав јас нај јасно, зашто седев до нејзе во чекалната. Важно истото го потврдив и јас после неа, не од учтивост, ами од спонтана согласност. Еве го повторувам и тука, за што повеќемина да го слушнат и разберат. Особено зашто е заслужено со многу човештина и труд кои денес се голема реткост.

М-р Владимир Сретен Поповски Скопје

Јунакот од Пеќ кој го помина пеколот на земја

„Бев очи во очи со смртта, докторите ми дадоа век“

45 дена во кома, 4 операции, 7 месеци борба за секоја нова минута живот. И да, тој живее, ги добивме сите битки и покрај тешките денови. Во една реченица вака би ја раскажале приказнатата на 75 годишниот Иса Харџи.Тој е жив пример за последиците кои ги носи ненавременото лекување, трнлив пат кој го помина заради задоцнетото доаѓање и барање помош од лекар.

Игнорирајќи ги сите тегоби кои ги чувствувал чичко Иса во нашата болница е примен со генерализирана артеросклероза.Заболување кое се однесува на крвните садови на целиот организам. Покрај изразените промени на коронарните крвни садови, преку анализите кои се направени, откриено е и критично стеснување од масните наслаги на десната каротидна артерија. Заради сите овие сериозни нарушувања направена е симултана операција со отстранување на истите. Следната операција беше премостување на запушените крвни садови на срцето со 3 бај-паса. Лошо регулираниот шеќер направил промена на состојбата на крвните садови и во нозете, која доведе до гангрена на прстите од десното стапало. Модреењето на прстите била најсилната причина за да се побара помош од лекар.За да се зачува ногата следуваше оперирација при што му беа отстранети прстите.

Паралелно со ова имаше и прскање на чир и откажување на бубрежната функција. Катастрофални последици кои како белег многу подлабоко се врежуваат на душата отколку на телото, нив ги носи силниот човек од Пеќ. Силен, затоа што веруваше во д-р Жан Митрев и неговиот врвен лекарски тим. А вербата ,вербата велат лекува,иако стручноста на лекарите е пресудна. „Кога веќе морав да заминам во болница мојот син ме донесе овде не размислуваше ни секунда.Тој повремено престојува во Македонија и знае како стојат работите и каде се најдобрите. Сето ова го поднесов тешко, но гледајќи како луѓето се грижат за мене вербата не ме напушташе ниту еден ден. Беше мачно но, не се плашев, операција по операција, минуваа денови, месеци а овие сестри, лекари, тие ми даваа воља да се изборам Тие ми се како семејство.Беше страшно, но помина и еве веќе 7 месеци сум тука, од септември. Не постои за мене похуман човек од д-р Митрев, тој ми помогна не само со неговата стручност туку и човечност.Ретки се таквите луѓе денес во ова чудно време. Сите овие 7 месеци за мојот престој овде нема да платам ништо, се е на товар, на трошок на болницата.

Родното место на Иса е градот Пеќ во Косово, по професија тој е фризер. Разговорлив, весел човек, иако животот бил суров кон него како што тој бил суров кон сопственото здравје, низ насмевка раскажува:„ Поголем дел од денот го поминувам во мојот престол, посочувајќи го столот на кој најчесто седи.Заради закрепнувањето морам и да се движам. Иако ми е ампутиран дел од стопалото виталните делови се функционални и се движам без ничија помош, без никакви помагала. Ех, кога ке се сетам каков човек бев цел живот во движење не застанував, ова ме скина, но не ме распарчи. Незнам како да им се заблагодарам на докторите што ми го спасија животот“

Се радувам бидејќи за еден месец ќе си одам во моето Косово, дома, во моето огниште. Но секоја прилика, кога патот ќе ме донесе во Скопје ќе ја искористам за да дојдам овде да си ги поздравам моите спасители. Благодарение на нив Бог се уште не ме зема. Чичко Иса е само еден од многуте примери,што значи задоцнето да се бара помош.Тој задоцни,но сепак успеа.

КЛУБ НА СРЦЕВО БОЛНИ

КЛУБ НА ЛИЦА СО АНГИНА ПЕКТОРИС И ЗАБОЛУВАЊЕ НА КОРОНАРНИТЕ КРВНИ САДОВИ

Специјалната болница по хирушки болести „Филип Втори“ формира клуб кој ќе ги обедини лицата со ангина пекторис и заболување на коронарните крвни садови. Членовите ќе имаат можност да бидат во постојана комуникација со нашиот лекарски тим преку организирање на редовни средби, на кои ќе се информираат и советуваат. Со максимален ангажман и стручност на нашите еминентни доктори, преку едукативни предавања навремено ќе ги дознаваат новините, ќе слушнат какви се светските искуства и како живее планетата која страда од болестите на срцето и крвните садови.Тоа ќе им овозможи во одредени ситуации самостојно да си помогнат, поквалитетно да го поминат секој нов ден, со што ќе се олесни животот и на нивните семејства како и на пошироката заедница. Специјалната болница за хирушки болести „Филип Втори“ на сите членови на клубот ќе им овозможи намалување од 30% на трошоците за лекување. Доколку саката да бидете дел од клубот пријавете се ОВДЕ и дајте му живот на Вашето срце.

Завршни активности од „Неделата за борба продив кардиоваскуларните заболувања“

Кардиолошки прегледи на дечињата од Центарот за церебрална парализа

Специјалната болница по хирушки болести „Филип Втори“ како општественоодговорна компанија години наназад организира бесплатни прегледи за одредени социјални групи. Во изминативе два дена нашата болница ги отвори вратите за децата со церебрална парализа. Соработката веќе три години по ред ја остваруваме преку единствениот Дневен центар во Македонија кој ги анимира овие дечиња, а чии број во моментов е 41. Тие освен со своите родители беа придружувани и од дефектологот Влатко Пецевски кој секојдневно работи во центарот.

Децата со церебрална парализа бараат максимална посветеност, упорна работа и внимание, тоа најдобро го знаат нивните родители. Сите тие имаа можност да разговараат и да добијат совети од психолог Илија Дојчиновски кој континуирано е вклучен во кампањата за борба против кардиоваскуларните заболувања. Индивидуалниот пристап во третман на децата со церебрална парализа е суштински за добивање на најдобри резултати во лекувањето.

Прегледите на дечињата ги направи д-р Иван Милев нашиот интервентен кардиолог кој беше првиот лекар во Македонија кој во 2003 изврши интервенција на детско срце. Преку ехокардиографски прегледи утврдена е општа добра состојба на срцевите мускули кај дечињата. Оваа активност беше последна со која ја одбележавме „Неделата за борба против кардиовсакуларните заболувања“.Претходните две беа, домашна посета на наши пациенти и интерактивна работилница со млади на тема „Во здраво тело здрав дух“.

Секундарна хипертензија (покачен притисок) кај дете

Стентирање на аортна коарктација(стеснување) – правилно лекување на болеста

Правилното лекување на болеста е најсуштинското прашање по здравјето на луѓето. Не е мал бројот на пациенти кои доаѓаат во нашата болница барајќи помош заради претходно погрешно лекување. Таков е примерот со 14 годишниот К.Р. Детето е примено со главоболка, високи вредности на крвниот притисок и ослабена пулсација на артериите на нозете (феморалните артерии). Болеста кај момчето датира од пред две години, без да се постави правилна дијагноза, иследувано е на повеќе места и институции. Најчесто високиот крвен притисок лекарите го објаснувале со неговиот развој и промена на хормонален статус, како и можност за постоење на некоја бактерија. По направениот преглед во Специјалната болница по хируршки болести „Филип Втори“ откриен е вистинскиот причинител на пореметувањата во притисокот. По ехокардиографскиот преглед утврдена е коарктација(стеснување) на аортата од потежок степен и концентрично здебелување на ѕидот на левата комора (хипертрофија на левата комора).

Направен е 64 МСКТ скен на аортата со кој е верифицирана коарктацијата на аортата.

Донесена е одлука за интервентно решавање на стеснувањето на аортата. Интервенцијата беше со балон дилатација и поставување стент на местото на коарктацијата.По завршувањето на истата се постигна одличен резултат со потполно излекување односно, со нормализирање и изедначување на притисоците помеѓу почетниот дел на аортата и стомачната аорта.

Со оваа интервенција 14 годишниот тинејџер продолжи со секојдневните обврски и задоволства кои му ги носи младоста. Како што ни кажа неговата најголма љубов е медицината и англискиот јазик.Да потенцираме дека кај млади пациенти (деца и тинејџери) со покачен крвен притисок треба добро да се исклучат сите можности за постоење на секундарна хипертензија, пред да се отпочне со адекватна терапија. На овој начин во болницата„Филип Втори“ продолжува трендот на современото – интервентно лекување на пациенти со вродени срцеви маани, чија бројка надминува 450 .

Интервенцијата ја изврши д-р Иван Милев интервентен кадриолог со неговиот тим

Згрутчување на крвта во вените (Венски тромбоемболизам)

Венскиот тромбоемболизам – сериозен глобален здравствен проблем

Венскиот тромбоемболизам (ВТЕ)е потенцијално фатално заболување кое претставува голем здравствен проблем . ВТЕ е една од најчестите причини (кои може да се превенираат) за смртноста во болниците. Иако може да ги погоди младите здрави лица ова нарушување најчесто се јавува кај пациенти кои претрпуваат многукратни трауми, хируршка интервенција, подолг временски период се имобилни или имаат состојба на хиперкоагулабилност. Како резултат на формирање на тромб во венската циркулација (најчесто во вените на нозете), венскиот тромбоемболизам (ВТЕ) се манифестира како ДЛАБОКА ВЕНСКА ТРОМБОЗА (ДВТ) и ПУЛМОНАЛЕН ЕМБОЛИЗАМ (ПЕ).

Доколку формираниот тромб се ослободи и патува до било која од артериите во белите дробови на пациентот, доаѓа до блокада на протокот на крвта, состојба која е наречена пулмонален емболизам.Реалната инциденца на ВТЕ во општата популација не е позната бидејќи поголемиот дел од пациентите, веројатно повеќе од 50% имаат клинички тивка болест.

Статистичките податоци покажуваат дека годишната инциденца на симптоматска венозна тромбоемболија според возраста изнесува 117 случаи на 100.000 лица од бела раса. Инциденцата од ВТЕ скоро двојно се зголемува за секоја деценија од животот по навршување на 50-тата година, кај мажите е малку повисока. Инциденцата од пулмонален емболизам според возраста е благо намалена во последните години, веројатно како резултат на зголемената свесност за ВТЕ, ефективни превентивни стратегии, рана дијагноза и брз третман.

Симптомите можат да бидат минорни и да ги имитираат симптомите на инфекција или целулитис на ногата. Во просек, половина од пациентите кои страдаат од ДВТ имаат симптоми кои не може брзо да се дијагностицираат. Длабоката венска тромбоза може да се случи одеднаш, со мало предупредување или пак да се развие постепено. Тоа е сериозна состојба која може да премине во итен случај. Поради тоа, треба да се третира брзо и соодветно. Болка или чувствителност на едната или двете нозе (ретко), што може да се јави при стоење или одење, црвенило и оток на екстремитетот , видливи површински вени.

Ризик фактори:Бројни фактори го зголемуваат ризикот од развој на ВТЕ кои лесно може да се идентификуваат во клиничката пракса.

• Траума или хируршка ортопедска интервенција на долните екстремитети• Други хируршки интервенции• Кај пациенти со инфаркт на миокард, мозочен удар, повреда на ’рбетниот мозок• Претходна длабока венска тромбоза (веројатно и најголем ризик фактор за повторен ВТЕ поради уништување на венските залистоци)• Полицитемија вера• Наследни дефициенции, генски мутации (Factor V Leiden)• Терапија со лекови (орални контрацептивни апчиња кои содржат естроген)• Централни венски катетри , најчесто лоцирани во горниот екстремитет• Возраст

Лекување

-хепарин-нискомолекуларен хепарин (enoxaparin, nadroparin)-антигонисти на витамин К за кои е потребна редовна периодична лабораториска контрола-INR – (acenocumarol, warfarin)-нови антикоагулантни лекови за кои не е потребна редовна лабораториска контрола – (rivaroxaban,apixaban, dabigatran)

Компресивни чорапи – Механизмот на дејство на овие чорапи е преку намалување на дијаметарот на проширената вена со што се зголемува брзината на венскиот проток, а со тоа се подобрува функцијата на венските валвули. Компресивната терапија помага во намалување на венскиот притисок и превенирање на забавен венски проток, а со тоа се намалува чувството на тежина и болка кај пациентот. Најчесто се препорачуваат чорапи кои ја покриваат ногата до колено. Тие се носат 6 месеци до 2 години, а понекогаш и подолг период.

Во зависност од клиничката слика на ВТЕ, лекувањето може да биде во болница или во домашни услови.

Лекувањето во болница е индицирано кога постои:• Тежок едем на целата нога• Коморбидни состојби, што бараат хоспитално лекување.

Ако лекувањето се извршува дома, треба да се биде сигурен дека:• Техниката на инјектирање и дозите на лекот се соодветни• Следењето на антикоагулантната терапија е соодвенто• Пациентот има инструкции за компресивните чорапи• Пациентот е мониториран за можните копликации (крвавење, емболија).

Специјалната болница по хируршки болести “Филип Втори” одбележува 15 години од своето постоење

Специјалната болница по хируршки болести “Филип Втори” одбележува 15 години од своето постоење

Први март 2000 година е датум кој отвори нова страница во историјата на Република Македонија. Страница која ја испишува и потпишува Академик д-р Жан Митрев со неговиот тогаш мал, но голем тим. Со првата бај-пас операција започнавме нова ера за македонската кардиоваскуларна хирургија. Ера, во која постојано напредувавме го усовршувавме она најисконското, најчовечкото. Одделот за интензивна нега е најголемата потврда за тоа.Во 2002 година ја направивме и првата операција на отворено срце врз буден пациент. Следуваше уште една година за нова историја. Во 2003 година за прв пат во Македонија извршивме интервенција на детско срце. Да се биде прв во толку силни и сериозни зафати се огромен предизвик и одговорност.

Не застанавме тука, продолживме со развој и на другите оперативни гранки, општа хирургија, ортопедија, абдоменална и торакална хирургија , урологија. Како поминуваа годините така се зголемуваше нашиот тим. Довербата на пациентите е најтешката придобивка, но ние ја имавме постојано. Во овие 15 години направивме 17.000 кардиоваскуларни интервенции од кои, 800 се направени кај деца, најмалото беше бебе кое имаше само 2 месеци. Тешкотиите со кој се соочувавме ги надминувавме со секој спасен живот. Зборовите на благодарност упатени и напишани на многу јазици се најсилниот поттик за секој нов ден. Станавме и останавме пример на болница која работи по Европски стандард. Признанијата и наградите кои ги добиваме од сите страни се уште една верификација за нашата работа. Меѓу нив и онаа најпрестижната, „Награда за најдобар менаџер и болница со најдобар квалитет на здравствени услуги“ која ја доби Академик д-р Жан Митрев, во конкуренција со многу здравствени центри од Европа и Блискиот Исток. Во оваа измината деценија ипол никогаш не го напуштивме принципот на одговорност и професионалност. Процентот на смртност кој е помал од 1% не вбројува во најреномираните кардиохируршки болници.Нашата мисија за подигање на здравствената култура и превенција за што поздрава популација, продолжува.

Со почит,Специјална болница по хируршки болести„Филип Втори“Подобро, здравје