Меѓународен ден на медицинските сестри

Запознајте ги одговорните медицински сестри во „Филип Втори“

Меѓународниот ден на медицинските сестри се одбележува секоја година на 12 мај во знак на сеќавање на денот на раѓањето на болничарката Флоренс Најтингел (1820-1910). Таа ја предводела првата група на жени кои заминале на фронт во Турција, да се грижат за ранетите војници. Името на оваа англичанка се поврзува и со иницијативата за соодветно, професионално образование на медицинските сестри. Нејзината дамнешна идеја денеска е реалност.

Според светските статистики медицинските сестри ја сочинуваат половината од вкупниот број на вработени во системот на здравствената заштита, а според податоците на СЗО тие пружаат 69% од услугите. Освен подготовката на пациентите за медицинскиот третман, тие им ја даваат препишаната терапија, ја следат нивната здравствена состојба. Секојдневно им помагаат на пациентите во одржување на нивната лична хигиена, ги хранат, пресоблекуваат, бодрат , разговараат со нив, тие се нивна постојана поткрепа и поддршка. Во нашиот здравствен систем 1 од 10 сестри имаат виша или висока стручна спрема, додека законскиот минимум во Европската Унијата изнесува 30 %.Атмосферата во чекалните на болниците најмногу зависи од задоволни или не задоволни пациенти и не само таму, туку и на одделенијата каде што се згрижени болните. Конекцијата помеѓу пациентите и медицинските сестри е најсилната врска во таа болничка средина. Во болницата„Филип Втори“ има вкупно 73 медицински сестри од нив седум се главни или одговорни на одделите. Овој датум го резервиравме за нив, за краток осврт на повикот медицинска сестра и нивното искуство на работното место.

Весна Наумовска Дипл.медицинска сестраОдговорна сестра во одделот анестезија „Терминот „Бело срце“ е симбол на сестринството, меѓународен симбол кој означува знаење, грижа, хуманост. Избрана е белата боја како основа на сите бои а нејзината симболика е прифаќање на сите луѓе. Формата срце укажува на хуманоста и средишното место кое го имаат сестрите во системот на здравствената заштита. Ова како мала историја за денот 12 Мај. Што се однесува до моето работно место како сестра во операциона сала поточно во делот анестезија, значи прифаќање на пациентите кои се подготвени за операција.

Секој од нив бара посебно внимание и индивидуален пристап. Детален мониторинг во анестезијата кој е неопходен да се обезбеди фармаколошка и механичка контрола на сите витални функции на болниот, да се препознаат состојбите кои бараат брза и ефикасна терапија.Повеќето луѓе за анестетичарот мислат дека е сестрата зад маската која им помага на пациентите да спијат во тек на операцијата и која им помага да се будат кога операцијата ќе заврши. Анестетичарот влегува во сала прв, а излегува последен. Тој е најважниот дел од тимот на анестезиологот, а за пациентот најблискиот дел од тимот. Овде се среќаваме со различни луѓе, некои од нив познати, некои непознати но кога се овде, сите се исти. Адреналинот кој е секогаш на максимум во оваа работа е тоа што ме исполнува мене лично. Од дете не сум размислувала за ништо друго да работам кога ќе пораснам, туку баш оваа професија, ако не сум ова што знам можеби би продавала цвеќе“.

Гордана БошескаДипл.медицинска сестраОдговорна на одделот за полуинтензивна нега „Во болницата „Филип Втори“ сум од ноември 2000 година. Тоа е период кога бевме во склоп на тогашната Воена болница. Ова е моја 15 година од како сум дел од тимот на д-р Митрев и се надевам тука ќе останам до пензија. Помнам кога прв пат разговарав со д-р Митрев за вработување, тој ми кажа дека за вредните луѓе кои сакаат да учат, секогаш има место во „Филип Втори“. На почетокот бев одговорна сестра на интензивна нега цели 10 години, пред 4 години по препорака на д-р Митрев се преместив на полуинтензивна или одделение како што ние го викаме овде во болницата. И тука сум одговорна сестра и се надевам дека добро се снаоѓам и овде во секојдневната комуникација со моите колеги, но и со пациентите. Што се однесува до мојот избор за медицинска сестра тоа сум го замислувала како малечка отсекогаш сум сакала да го работам ова, да помагам на луѓето тогаш кога им е најпотребно.

Го сакам адреналинот, динамиката а тоа овде го има премногу,благодарение на нашиот директор постојано се надградуваме и едуцираме. И преку присуства на конгреси, работилници дома и надвор од Македонија. Прекрасно е чувството да видите насмеани лица кои во одреден период загубиле секаква надеж дека некој од нивните најблиски ќе оздрави и ќе живее. Таа нивна насмевка е наш најголем поттик за секој нов ден, за оваа работа првенствено треба да сте психички подготвени, стабилни зошто тажни се судбините на луѓето кои доаѓаат овде. Сите тие се индивидуи кои треба да ги прифатите такви какви што се и да го најдете вистинскиот начин да искомуницирате со нив за да им објасните што им се случува и дека од борбата за своето здравје никогаш не треба да се откажат. “

Жанета Богоевска- МитеваДипл.стручна мед. сестра, специјализирана за интензивна негаОдговорна сестра на интензивна нега
„Неделата од 06-12 мај е недела во која на сите медицински сестри во светот им се оддава почит за нивните неверојатни клинички способности, за несебичната нега што ја спроведуваат врз пациентите,соработката со нивните семејства и севкупниот придонес во опшеството.12 Мај е меѓународниот ден на медицинските сестри .Тој датум е земен заради роденденот на Флоренс Најтингел- основоположничката на професионалното сестринсво, позната и како” Дамата со светилка”. Сестрите кои работат на одделите за интензивна нега и лекување се специјализирани за секојдневно справување со реакциите на пациентите на животно- загрозувачки ситуации во кои се наоѓаат.

Лиценцирани се за одговорно следење на акутните, критични болни, нивниот одговор кон медицинскиот третман, следење на виталните параметри и навремена реакција при нивна промена како и нега на болните која претставува основен параметар за квалитетот на негата во една здравствена институција. Ние сестрите на одделот за интензивна нега и лекување во „Филип Втори“ со гордост можеме да кажеме дека работиме со најсовремена апаратура, соодветна за третманот на нашите пациенти. Негата која што ја даваме е заснована на стандарди кои се основна, појдовна точка во приодот кон пациентите. Овие стандарди се базирани на светски препораки кои произлегуваат од медицина базирана на докази.Тимската работа на одделот за интензивна нега е наш приоритет како и мултидисциплинарниот пристап кон негата на пациентите.Континуираната едукација е предуслов за најсовремениот третман кој што нашите пациенти го добиваат. Нашите сестри често присуствуваат на едукативни собири, конгреси ширум светот каде што ја споредуваат својата пракса, со праксата на колегите од други земји и со задоволство можеме да кажеме дека нашето присуство е секогаш забележано и често наградено.Нашите нови соработници знаат дека медицинска сестра е професија која треба да се работи со многу љубов и разбирање за потребите на пациентите и нивните фамилии и непосредна соработка со сите други профили вклучени во третманот на пациентите. Чест и задоволство е да се работи со ваков тим“.

Снежана Блажевска Виша мед.сестраОдговорна сестра инструментарка„ Да се биде дел од првиот тим на кардиохирургија и да се работи секојдневно со првиот кардиохирург не е лесно, но е голема привилегија. Да се биде дел од тој тим е макотрпен и долготраен процес. Но, среќата што се доживува кога некое срце продолжува да живее е најголемата награда и најголем успех за сите нас. Нашата работа започнува во раните утрински часови, ние сме тука заедно со д-р Митрев. Се е мирно и тивко, сите вредни како мравки ги знаат своите работни задачи. Се е подготвено и шефот кажува „Може рез“, со што се означува почетокот на операциите. Се оди по редослед во кој што нашата единствена задача е максимална концентрација, совршенство во условите за работа, затоа што наша крајна цел е продолжен живот со срце кое и понатаму ќе продолжи да чука, да работи. Завршуваме уште една операција и започнуваме друга. Но не е секогаш така тивко и мирно.

Екипата која дежура 24 часа добива итен повик за животно загрозен пациент. Тој е нечие дете, мајка, татко, пријател. Екипата се собира и започнува акција во која некој живот треба да биде спасен. Тој ја очекува нашата помош. И додека сите спијат, сонуваат, ние сме во операциона сала и работиме. Успехот во работата ни го овозможува и најсовремената стерилизација, современите операцини сали, услови за работа какви што само може да се посакаат. Макотрпна работа, несебично вложување, бурно секојдневие, многу работни часови.Тоа е успехот. Кој се должи и на комплетната едукација, најсовремена опрема за дезинфекција и стерилизација. Контрола на стерилизација и начин на пакување сетови за операција, за комплетно и успешно работење на целата болница. “

Сузана Костовска Општа медицинска сестраГлавна сестра на дијагностички центар и ангиографска лабораорија„Иако понекогаш ги забораваме и не го вреднуваме нивниот труд, денеска е денот кога треба да кажеме „Благодарам“ за сите вакцини, инекции, совети, и сета безрезервна помош. 12 Мај интернационален ден на медицинските сестри и техничари. Овој ден се слави во чест на раѓањето на најпознатата медицинска сестра Флоренс Најтингел. За овој настан секоја година во Лондон, светилката од капелата на медицинските сестри се пренесува од сестра на сестра. Со тоа се симболизира пренесувањето на знаењето од една на друга сестра. Како медицинска сестра работам веќе 27 години, и без двоумење повторно би ја одбрала истата професија, бидејќи е една од најхуманите.

Да се биде медицинска сестра, значи да се вложи многу љубов во работата, да се истрае да се влее надеж, да се сподели насмевка за добро утро. Во нашата болница постојано учиме и се надградуваме, вложуваме тимски во подигањето на квалитетот и промовирање на етичките стандарди на медицинските сестри. Сите ние медицински сестри имаме една и единствена цел, а тоа е зачувување на здравјето и животот, работејќи чесно и пожртвувано и во границите на одредени етички и професионални норми“.

Ана МилчоваСпец.општа медицинска сестра Одговорна сестра на хируршки отсек –дијагностички центар

„Да се биде медицинска сестра значи хуманост, храброст, пожртвуваност во битката да се одржи, сочува здравјето на поединецот кое всушност претставува состојба на целосна физичка, психичка и социјална благосостојба, а не само отсуство на болест. Сето ова укажува дека медицинската сестра како повик има голема и независна улога од другите дисциплини во составот на здравствената заштита. Поради потребата од давање на здавствена нега на пациентите, медицината бележи постојан прогрес и реформи за подобрување на условите за работата на медицинските сестри, како и за нивната едукација. Повикот медицинска сестра денес всушност бара да се превземе одговорност да се работи самостојно, а истовремено и тимски во соработка со другите професии во здравството.

Полека се надминува мислењето дека медицинската сестра е само асистент-помошник на лекарот, бидејќи самиот развој и потребите на медицинската сестра сега се одвојуваат и како самостојна дисциплина независно од другите професии во склоп на здравствената заштита. За таа цел денес имаме високо образовани медицински сестри, магистри, а се надеваме дека во скоро време ќе ги имаме и првите сестри-доктори на науки. Тајната и успехот на работата на медицинските сестри е истата да ја работат со многу хуманост, љубов, грижа и континуирана едукација во тек на целиот работен процес.На голема среќа јас денес сум дел од тимот на Специјалната Болница по хируршки болести „Филип Втори“ која постојано се грижи за потребите на медицинските сестри во давањето на здравствена нега на пациентите по стандарди, протоколи и упатства како и за постојана едукација на целиот персонал преку посета на меѓународни конгреси, симпозиуми во земјава и странство. Чест ми е и големо задоволство што сум медицинска сестра која постојано тежнее да се усовршува и да ги совладува новите предизвици што ги носи секојдневието“.

Катерина Ристовска Јанев Виша медицинска сестра-инструментарка “Ако ова е недела на сестринството,ако ова се денови на признанија,денови за благодарност,….еве ја мојата приказна,…. Мојот прв работен ден во болницата за кардиохирургија „Филип Втори“ беше 09.01.2004 година.Првата недела мојата едукација започна на одделот за интензивно лекување.Првите неколку месеци продолжив со учење на основите и правилата за стерилизација.До крајот на првата година започнав да ги совладувам вештините на инструментитањето.Од тогаш помина една декада,време кога кардиохирургија порасна во општа болница по хирургија,бројот на хируршките процедури и техники се зголемува секојдневно,јас секој ден учам нешто ново.Среќна сум што сум сведок на откритието за реконструкција на аортна валвула,првото поставување на ТЕП на колено од керамика,прва хируршка корекција на вродена срцева мана кај деца,…..Денес сакам да се заблагодарам на сите мои учители.Денес сум одговорна инструментарка за некардиохируршки гранки и среќна што сум дел од тимот на успешните.”

Случај на критична стеноза на каротидна артерија проследен со краткотрајно пореметување на говорот

Случај на критична стеноза на каротидна артерија проследен со краткотрајно пореметување на говорот

Пациентката О.К. на 67 годишна возраст беше примена во амбуланта поради тегоби во вид на краткотрајно пореметување на говорот(неразбирлив говор) и трнење на десната рака кои се јавиле два часа пред приемот во болница. Пациентката дава податок дека не била одамна на лекар и на своја рака зема Тбл. Енап за покачен крвен притисок. Пуши цигари повремено, а не знае дали има покачени маснотии или шеќер во крвта бидејќи не правела биохемиски анализи. Амбуланткси притисокот е измерен 140/90ммХг и ЕКГ и ехокардиографскиот преглед се без значајни патолошки промени. Направен е и доплер на каротидни артерии кои одкриваат значајно стеснување на ниво на лева внатрешна каротидна артерија. Веднаш потоа направена е и 64 МСКТ каротидографија која открива критична стеноза на лева внатрешна каротида со присутен крупен тромб над стеснувањето.

Поставена индикација за хируршки третман и кај пациентката направена ургентна тромбендартеректомија. Постоперативно пациентката се чувствува добро. Контролна каротидографија и доплер испитување се во прилог на уредни димензии и струјни брзини на ниво на каротидата.

Приказ на случај со цироза на црниот дроб поради Б – Хепатит

Приказ на случај со цироза на црниот дроб поради Б – Хепатит, со хепатоспленомегалија и изразен хиперспленизам и тромбоцитопениа ( 17.000 тромбоцити)

Dg. Cyrrhosis hepatis post hepatitidem –B. Hepatosplenomegalia. Hypersplenismus. Trombocitopenia. Ascites.Op. Splenectomia laparoscopica, conversio clasica. Drainage.

Пациент на 47 години. Лечен во нашата установа од 12.03.2015 до 27.03.2015.год.Пред повеќе години заболел од Б-хепатит. Како последица се јавува црнодробна цироза, со хепатоспленомегалија, портална хипертензија, езофагеални варикси од 2 степен, како и асцит. Постои изразена тромбоцитопениа(намален број на тромбоцити)Анамнестички, проблемот постои повеќе години, а од пред неколку месеци почнува да се смалува бројот на тромбоцитите, така да во моментот на приемот во нашата установа, нивните вредности беа 17.000.Предоперативно од десниот плеврален простор се евакуираа околу 10 литри на серозна течност. ( процесот на дишење беше сериозно загрозен .)Поради овие проблеми пациентот е испитуван и лечен претходно во други установи и индицирана е трансплантација на црниот дроб во друга држава, како единствено решение на неговите проблеми.Пациентот е примен во нашата установа иктеричен, со вредности на билирубинот 102, АСТ = 131, АЛТ=95, со вредности на тромбоцитите 0д 17.000,, албумини 18, тотал.проптеини 41.Индициравме оперативна интервенција –Спленектомија.Следи предоперативна подготовка на пациентот, дадени се одредени дози на Албумини, единици на тромбоцитна маса, како и корекција на останатите параметри, по што пациентот го опериравме. На 16.03.2015 во ОЕТ анестезија пациентот го опериравме. Оперативната интервенција ја зпочнавме по лапароскопски пат, ја ослободивме слезенката од околните врски и прираслици, го ресециравме и хилусот, но поради големината и хемостазата се направи минилапаротомија.Интраоперативно слезенката е во целост наголемена, тврдоеластична по конзистенција, слепена за латералниот ѕид на абдоменот и за дијафрагмата со обсежни прираслици со знаци за инфламација, кои со постепена оштра препарација се ослободија. Целата површина на слезенката е прекриена со беличасти дебели наслаги кои црвсто прираснуваат за нејзината капсула. Црниот дроб е со силно напредната цироза, а во абдоминалната празнина се најде и извесна количина на асцитна течност. Постоперативниот тек течеше уредно. Бенефитот од оперативната интервенција е очигледен:- Вредностите на тромбоцитите постеопено се зголемуваа и на отпустот изнесуваа 96.000. – Асцитна течност веќе немаше. ( релативна корекција на порталната хипертензија. )- Вредностите на албумините пораснаа од 18 на 28. – Тоталниот билирубин oд 102, падна на 29 при отпустот, а вредностите на трансаминазите постоперативно до отпустот, се нормализираа. – Пациентот се воведе во нормална постоперативна исхрана, тегобите кои ги имаше предоперативно веќе ги нема.- Процесот на дишење се нормализира ( во плевралните простори веќе не се создава серозен излив ).Како заклучок може да се каже следното: Кај пациентите со цироза на црниот дроб кои покрај спленомегалија имаат и хиперспленизам со изразена тромбоцитопенија која понекогаш е инкопатибилна со животот на пациентот, индицирана е спленектомијата како најбрза, хируршка метода на лечење, која дава многу брза корекција на голем дел од проблемите кои пациентот ги имал претходно, а со тоа дава шанса за додатни други процедури во лекувањето, како и добра основа понатаму и за трансплантација на црниот дроб.

Д-р Бошко Ставрески абдоминален фирург

Лекари од „Филип Втори“ дел од академијата Octapharma

Лекари од „Филип Втори“ дел од академијата Octapharma

Во периодот од 14 – 15 мај во Љубана Р.Словенија, се одржа Octapharma академија. Под мотото “Bleeding Management – from theory to clinical practice” беа презентирани теми од областа на коагулацијата и практичната интерпретација на лабораториската дијагностика во случај на периоперативни хеморагии. Потоа коагулациона дијагностика и третман на хеморагии на интензивна нега, како и употреба на фактори на протромбински комплекс во клиничка пракса. На оваа академија учество од Специјалната болница „Филип Втори“ имаа и д-р Тања Анѓушева (кардиолог, одговорен лекар на одделот за интензивна нега) и д-р Елена Амбаркова Виларова (трансфузиолог).

Тренинг за прегледи на срце со компјутеризирана томографија во Будимпешта

Тренинг за прегледи на срце со компјутеризирана томографија во Будимпешта

Од 21- 24 април 2015 год во Будимпешта се одржа тренинг за прегледи на срце со компјутеризирана томографија. Под водство на д-р Пал Маурович-Хорват од Cardiac CT Academy , во соработка со фирмата Филипс се одржа тренинг со интердисциплинарен пристап со искусни клиничари, кардиолози и радиолози од оваа болница. За време на тренингот различни експерти од областа на радиологијата и кардиологијата имаа свои предавања. Тренингот овозможи и учество во изведување на КТ прегледите при што беа интерпретирани 50 случаи од страна на партиципиентите .

Во пресрет на Меѓународниот ден на трудот Ве советуваме

Како да го зачувате срцето на работното место

Во пресрет на меѓународниот ден на трудот 1 Мај , нашиот реномиран интервентен кардиолог д-р Шпенд Идризи Ви посочува неколку работи кои ќе бидат благодет за Вашето срце додека сте на Вашите работни места. И покрај извонредниот напредок на превентивната кардиологија сепак 17,3 милиони луѓе секоја година умираат од болести на срцето и крвните садови. Скоро половина од нив се во најпродуктивниот период од животот помеѓу 20 и 60 години старост. Поради тоа еден од главните акценти на Светската федерација за срце е заштита на срцето на работното место. Првенствено преку промоција на пораки за здраво срце на местото каде што секојдневно го поминуваме работниот ден.

Најголем број од нас поминуваат повеќе од половина од нашите активни часови на своите работни места. Работното место е идеално за охрабрување на однесување за здраво срце. Еве некои идеи што да направите за да имате Ваш придонес во создавањето на поздраво работно место:

Инсистирајте на околина без пушењеПобарајте ознака за забрането пушење – осигурајте го вашето работно место да биде 100% непушачка околина;Поддржете го прифаќањето на услуги за прекин на пушењето – охрабрете ги вашите вработени, колеги да им дадат помош на оние кои сакаат да престанат со пушењe

Вежбајте на работното местоВклучете физичка активност во вашиот дневен работен распоред – возете велосипед до работа ако е можно, користете скали, вежбајте или прошетајте за време на паузата и поттикнете ги и другите да го прават истото.Имајте редовни паузи за време на денот – пробајте да се истегнете или повежбате барем 5 минути, два пати дневно во текот на работното време.

Изберете здрави начини на исхранаПобарајте здрава храна во кантината на работа или побарајте здрава храна во околните ресторани. Најдете време за да ручате подалеку од работното место за да земете малку повеќе свеж воздух;

Изборете се за моменти без стрес Иако стресот не е докажан како директен ризик фактор за болести на срцето или мозочен удар, тој е поврзен со пушењето, пиењето на големи колочини алкохол и нездрава исхрана, кои што се ризик фактори за срцево заболување.

Формирајте „Здружение за здравје“ на местото каде што работите кое ќе се грижи за здрави иницијативи кои се прикладни за вашето работно место:-Воведете ден за „пешачење до работа“ или „возење велосипед до работа“-Ако на работа имате лифтови, направете кампања со наслов „Користи ги скалите“ – или охрабрете ги вработените да пешачат за време на паузите;

Во изминативе 10 години, многу бизнис компании ја препознаа важноста за здравјето на вработените и се обврзаа да ја вклучат здравствената промоција во нивната корпоративна агенда.

Сепак, не се само работодавачите оние кои треба да се мотивираат за да ги променат нивните однесувања и политики. Секој може да ја одигра својата улога во подобрување на здравјето на работното место. Здравата работна сила може да придонесе кон вкупното здравје на бизнисот на многу начин, дури и за време на економска криза.
Д-р Шпенд Идризи -интервентен кардиолог

Академик д-р Жан Митрев и најдобриoт десен бек на планетава Кирил Лазаров потпишаа договор

„Филип Втори“ стана медицински партнер на ракометниот камп „Кирил Лазаров7“

Академик д-р Жан Митрев и најдобриот ракометен стрелец на планетава Кирил Лазаров вчера ја официјализираа меѓусебната соработка. Потпишан е договор со кој Специјалната болница по хируршки болести „Филип Втори“ стана медицински партнер на првиот ракометен камп „Кирил Лазаров 7 “. Кампот го организира маркетинг агенцијата КМГ Спорт, чие заштитно лице e Лазаров.

Истиот ќе се организира од 22-28 јуни во Охрид. Идејата за кампот е на голгетерот и е со постар датум, но заради секојдневните обврски на нашиот капитен истата се реализира во оваа година. Чест и привилегија е да се работи со најдобрите и оваа соработка го верифицира токму тоа. Шампионите играаат додека не одиграат како треба ова важи во спортот, но и воопшто во животот секој од нас тежнее кон најдоброто. Поставувањето на одредени цели и нивно успешно реализирање отвара простор за нови. А успехот не е ништо друго туку невообичаено добро извршување на толку вообичаените работни обврски. Академик д-р Жан Митрев изрази задоволство што токму болницата „Филип Втори“ е дел од ова здраво дружење и едуцирање на децата во името на ракометот, со Македонецот во големата Барселона:

„Ние како институција сме почестени и горди што ќе дадеме мал придонес во овој камп од здравствена и психолошка гледна точка. Како болница имаме искуство во организирање на детски кампови, изминативе години заедно со Црвениот крст организиравме кампови за деца кои се оперирани кај нас. За нивно ресоцијализирање и за подобрување на социјалниот статус кај нивните родители. Така да сите наши ресурси ќе бидат ставени во тој поглед, за да тие деца бидат и здравствено безбедни. Ќе се обидеме со адаптирани предавања да ги едуцираме децата што значи здрава храна и здрав живот, сакаме да ги споиме здравиот дух со здравото тело. Моја лична гордост е што можам да имам некаков удел во иницијативата на Кире. Јас би додал и уште едно, а тоа е дека спортот за мене е еден вид на воспитување на младите луѓе. Сите ние сме се бавеле со некој спорт ако не сега тогаш во најмладите години и добро знаеме дека таму се стекнуваат и најдобрите другари, таму децата се социјализираат, се градат како личности независно дали потоа ќе станат врвни спортисти. Можат да станат врвни во некоја друга област. Меѓутоа принципот е ист и во спортот, сите сакаме да победуваме како и во животот меѓутоа знаеме дека добиваме и ниски удари некогаш го губиме натпреварот, но не ја губиме борбата и желбата. Спортот за мене претставува една многу важна работа бидејќи тука децата и сите индивидуи се соочуваат самите со себе, да бидат пред се самодисциплинирани за да можат да постигнат успех и за да можат врз база на тоа да се оформат и да го достигнат она што го сакаат. Уште еднаш го поздравувам Кире тој е голема гордост за Македонија“.

Знаењето за светот ни помага да успееме, а знаењето за себе да се развиваме. Акомулацијата на тоа светско како врвен планетарен спортист и лично знаење како изграден карактер, Лазаров ќе го пренесе на децата. Планирани се 120 деца учесници на кампот кои ќе бидат на возраст од 10-17 години. За соработката со д-р Митрев, најдобриот стрелец на светот изјави:
„Ќе се обидеме децата уште од мали нозе со нашиот ангажман да ги насочиме во правилно оформување на карактерот. Да им всадиме еден победнички дух и чекор по чекор да ги изградиме новите репрезентативци на Р.Македонија. Јас сум среќен и ми претставува огромна чест соработката со Академик д-р Жан Митрев и болницата „Филип Втори“ . Сигурен сум дека ќе дадат огромен придонес за развојот на овие деца со 24 часовен надзор во кампот. Оваа прилика ја користам воедно да ја честитам убавата годишнина, 15 години од постоењето на болницата „Филип Втори“, да им посакам уште многу успешни години и уште многу успешни битки со животите на луѓето“.

По потпишувањето на договорот, Лазаров на д-р Митрев му подари дрес со брјот 77 од неговиот матичен клуб, гигантот Барселона. А пак д-р Митрев нему му посвети книга чии автор е тој, во која се пренесени дел од годините кои д-р Митрев ги поминал во операциона сала со едноставно објаснување на многу компликувани случаи кои се решени, а луѓето спасени, насловена како „Кардиоваскуларни решенија“.

Во периодот кој што следи ќе се организираат систематски прегледи за децата од цела Македонија, кои ќе вклучуваат комплетен скрининг на здравствената состојба на организмот. Ова е само почеток на една плодна соработка во името на здравјето на децата.

Тимот на Филип Втори дел од симпозиумиот на трансфузиолози во Чешка

Тимот на Филип Втори дел од симпозиумиот на трансфузиолози во Чешка

На 16 и 17 април во Прага Република Чешка, се одржа 16–от Годишен NATA Симпозиум со меѓународно учество (Network for the Advancement of Patient Blood Menagment, Haemostasis and Thrombosis). На симпозиумот беа презентирани теми од страна на врвни светски експерти од областите на крводарителство и ризици асоцирани со трансфузија на крвни компоненти, оптимизирање на трансфузиската пракса, менаџмент на масивни хеморагии, третман на анемија и дефицит на железо, како и горливи прашања од областите на хемостаза и тромбоза (нови антикоагулантни лекови и вискоеластични методи – TEG и ROTEM). На симпозиумот беше презентирана и тема од Специјалната болница “ Филип Втори” – “ Postoperative use of autotransfusion drainage system in cardiac surgery patients” – д-р Елена Амбаркова Виларова (автор) д-р Тања Анѓушева, д-р Енвер Идоски, д-р Никола Христов и д-р Жан Митрев (коавтори).