Перкутано затворање на меѓукоморен дефект по ретрограден пат- интервенција кај помали деца

Перкутано затворање на меѓукоморен дефект по ретрограден пат- интервенција кај помали деца

Вентрикуларниот септален дефект (ВСД) е чест вроден срцев дефект кој се јавува кај 20% од новородените со срцева мана. Инциденцата на оваа состојба е во пораст пред се благодарение на усовршените дијагностички техники и е проценета некаде на 1.5-3.5 на 1000 новородени. Во адултната популација инциденцата на овој дефект е веднаш зад перзистентниот артериски канал. Третманот на ВСД кај децата зависи од симптоматологијата и неговата големина. При мал дефект најчесто не е потребен никаков третман. Додека кај среден и голем ВСД се оди на интервентно или оперативно решавање. Во основа ВСД претставува дупка во преградата која ги двои левата и десната срцева комора, во зависност од неговата големина и локација настанува преминување на одредено количество крв од левата кон десната комора. Поради тоа настанува оптоварување на циркулацијата на белите дробови, последично стеснување и крутост на нивните крвни садови со што се зголемува нивниот притисок и доаѓа до нивно трајно оштетување – состојба позната како белодробна хипертензија. Поради тоа потоа настанува премин на крвта во обратен правец, од десна кон лева комора и на тој начин навлегување на крв богата со CO2 во артериската циркулација. Останати компликации можат да бидат ендокардит и појава на аритмии. Симптомите кај оваа срцева мана варираат од: отсуство на потешкотии освен систолен шум на аускултација, до недостаток на здив, брза и неправилна срцева работа, замор при јадење или доење, па се до појава на цијаноза.

Прикажуваме случај на 5 годишна пациентка дојдена на преглед во нашата установа поради слушнат шум кај матичен педијатар, чести респираторни инфекции и послабо напредување во телесна тежина. На ехокардиографскиот преглед беше дијагностициран вроден срцев структурен дефект од типот мускулен ветрикуларен септален дефект – ВСД со големина од 4 мм и умерен лево десен шант. Нашите кардиолози дадоа препорака за негово интервентно затворање.

На 07.10.2015 година направено е перкутано затворање на мускулниот ВСД со Vascular plug 4-6 mm преку десната феморална артерија, користејќи ретрограден трансартериски пристап без користење на атриовентрикуларно ласо кое инаку се користи при стандарниот метод . Непосредно по имплантацијата на протезата на контролната вентрикулографија не беше забележан резидуален шант (слика 1.)

До скоро, стандардното транскатетерско решавање на ВСД беше метод на избор при средни и помали дефекти или уште познато како антероградно. Новиот ретрограден трансартериски пристап се користи пред се поради неговата едноставност и помало времетрање за негово изведување кои директно влијаат и на изложеноста на помала радиација. Потоа, при изведување на овој пристап се употребаат катетри со помали димензии и дијаметар со што дополнително се олеснува неговата примена кај деца под 5 години.

„Филип Втори“ дел од 6-от Конгрес на педијатри на Република Македонија

„Филип Втори“ дел од 6-от Конгрес на педијатри на Република Македонија

Во организација на Здружението на педијатри на Р. Македонија во периодот од 8- 11 октомври во Струга се одржа 6-от Конгрес на педијатри на Р. Македонија. На истиот земаа учество повеќе од 600 лекари од Македонија како и експерти од Европа и светот.

Конгресот свечено беше отворен од страна на првата дама на Р. Македонија г-ѓа Маја Иванова која е покровител на настанот. На конгресот беа презентирани повеќе актуелни теми. Акцентот беше ставен на ретките болести, трансплантацијата, интензивната нега и терапијата, развојната неврологија и пореметувањата кај децата – рано дијаностицирање на аутизам и вакцинацијата. Особено внимание беше посветено на секцијата за педијатриска кардиологија и кардиохирургија, на која меѓу модераторите беа Проф. д-р Розана Кацарска и Академик д-р Жан Митрев.

Со свои предавања се престави и тимот на „Филип Втори“ предводен од Академик д-р Жан Митрев со темата Хируршко лекување на пациенти со вродени срцеви мани (Cardiovascular treatment for patient with congenital heart disease) , д-р Тања Анѓушева со темата Миксом на десна комора , приказ на случај ( Right ventricular myxoma – a case report) и д-р Иван Милев со темата Интервентно лекување на пациенти со структурни мани на срцето (Percutaneous interventions of structural heart defects – single center experience).

Витамин Б за здравје на нервниот систем

Витамин Б за здравје на нервниот систем

Предизвиците на секојдневниот живот несомнено делуваат на нервниот систем, па на крајот на работниот ден се чувствуваме уморни, исцрпени и исфрлени од рамнотежа. Поради жестокиот дневен ритам, многу луѓе не можат да пронајдат соодветен ноќен ритам па често се борат со несоница поради која влегуваат во затворен магичен круг во кој нема одмор за мозокот. Наместо со таблети, подобро е нервите да ги третираме со витамини кои можеби им недостасуваат поради исцрпеноста на организмот, па поради тоа чувствуваме зголемена нервоза или анксиозност.

Меѓу витамините кои нашиот нервен систем најмногу ги користи се витамините од групата Б, а особено витамините Б1, Б6 и Б12. Витаминот Б1 или тиаминот има особено значајна улога во метаболизмот на јаглехидратите. Најмногу се наоѓа во лушпите на интегралните житарки, во квасецот, млекото, месото, овошјето и зеленчукот и јаткастите плодови. Витаминот Б1 им се препорачува на бремените жени, кои имаат поголема потреба од овој витамин, на оние кои дојат, на спортистите кои трошат повеќе енергија, но и на алкохоличарите, срцевите болни и на сите оние кои имаат проблеми со концентрација и учење, депресија, нервози.Витаминот Б6 или пиридоксинот е уште еден во низата на витамини кои помагаат во работата на нервниот систем и без кои организмот не може да функционира.Заради тоа потребна е разнолика исхрана за да може овој витамин постојано да се обновува во телото. Меѓутоа, иако недостатокот на овој витамин е штетен за човечкото тело , за организмот не добро ниту кога го има во преголеми количини, па затоа покорисно е да се внесува преку природни извори отколку преку таблети. Во групата на намирници кои содржат витамин Б6 се наоѓаат интегралните житарици, млекото, месо од птици, риба, банани, пченка, ореви, авокадо и други. Освен што помага во создавањето на црвени крвни зрнца, витаминот Б6 помага и кај несоницата, нападите на епилепсија, го зајкнува имунитетот и пренесувањето на нервните импулси. Отсуството на овој витамин може да се препознае по појава на акни, егземи и слични воспаленија на кожата, слабост во мускулите, раздразливост, умор, депресија и лошо расположение.

Иако сите витамини од комплексот Б влијаат на нервниот систем, витаминот Б12 е единствениот кој се складира во организмот и тоа по 10-12 години. Заедно со фолната киселина, овој витамин е исклучително важен за изградбата на нови клетки. Недостатокот на витаминот Б12 може да доведе до анемија, а учествува и во изградбата на заштитниот слој на нервните клетки кој е задолжен за пренесување на нервните импулси. Поради тоа, неговиот недостаток делува директно на помнењето. Витаминот Б12 и фолната киселина учествуваат и во производството на серотонинот, норадреналинот и допаминот кои се важни за доброто расположение. Недостатокот се манифестира преку нервоза, депресија, умор, проблеми со кожата и косата, болки во мускулите и слично.Овој витамин е природно присутен во голем број на намирници, па ако се храните разновидно, нема потреба од вештачко надополнување. Најмногу е присутен во храната од животинско потекло како џигер, туна, лосос, харинга, јајца, сирење…Пивото и киселата зелка се производи од растително потекло кои содржат големи количини на овој витамин.

Болницата „Филип Втори“ дел од годишниот состанок на кардиоторакални хирурзи

Болницата „Филип Втори“ дел од годишниот состанок на кардиоторакални хирурзи

Во периодот од 03 – 07.10.2015 година во Амстердам се одржа 29-от годишен состанок организиран од Европското здружение на кардиоторакални хирурзи. Како претставници од Специјалната болница за хируршки болести „Филип Втори“ беа присутни д-р Никола Христов кардиоваскуларен хирург и Александра Темелковска кардиоперфузионист . Ова е еден од најголемите европски состаноци на кој присуствуваат повеќе од 5000 учесници од целата планета.Во склоп на истотиот се одржа и 15-от годишен состанок на европското здружение на кардиоперфузионисти, при што Александра Темелковска имаше power point постер презентација на тема AORTIC VALVE SURGERY USING ONLY BLOOD FOR CARDIOPEROTECTION. Темата заради специфичноста и уникатноста во работењето поткрена позитивна дискусија меѓу присутните.

„Филип Втори“ дел од Конгресот на медицински сестри, техничари и акушерки

„Филип Втори“ дел од Конгресот на медицински сестри, техничари и акушерки

На четвртиот Конгрес на медицински сестри , техничари и акушерки на Македонија одржан од 1 – 4 октомври 2015 во Струга, Специјалната болница по хируршки болести „Филип Втори“ зема активно учество . Нашите медицински сестри од неколку работни единици се претставија со 7 предавања на следните теми :
1. Стевка Петреска – „ Менаџирање на периоперативна жед на интензивна нега “ 2. Сузана Димишковска – „Комуникација и едукација на семејството кај пациент со хронична срцева слабост“3. Анета Смолиќ – „ Безбедност на пациентот во кардиоанестезија“4. Билјана Поповска – „ Информативна и комуникациска технологија во поддршка на сестринството и квалитетот на негата “.5. Јанковска Мишела – „Комуникациски вештини во подршка на сестринството и квалитетот на негата“ .6. Ирена Котеска – „ Комуникација и едукација на сестринството“ .7. Здравка Стојанова – „Промоција на здравје и превенција на болести во Специјалната болница „ Филип Втори“ .

Активното учество на медицинските сестри од нашата болница во предавањата и работилниците им овозможи да добијат сертификти со кои се потврди нивниот придонес кон ова значајно збидување. Конгресот имаше меѓународен карактер, а споделените меѓусебни искуства со меицинските сестри од земјите учеснички нудат можност истите да се усовршуваат и имплементираат со цел подобрување на квалитетот на здравствената нега која е императив за секоја успешна здравствена установа.