Учество на 14-от Конгрес на Здружението на Физиотерапевти на Република Хрватска

Во периодот од 20.10.2016 до 23.10.2016 под мотото “Физиотерапија – Професија на иднината” се одржа 14тиот Конгрес на Здружението на Физиотерапевти на Република Хрватска (Hrvatski Zbor Fizioterapeuta) со меѓународно учество во Водице – Хрватска. На конгресот присуствуваа околу 230 гости од 10 земји со  70 излагања кои опфаќаа усни презентации, постер презентации, работилници и округла маса.

Физиотерапевтите Блаже Арсов и Никодин Велјаноски од тимот на Специјалната болница  “Филип Втори”, земаа активно учество со усна презентација на следните  теми :

„Physiotherapy protocol to maintain mobility at patients with intra aortic balloon pump (IABP) before and after intraoperative cardiac surgery – our expirience”, (Дипл.ФТ.Блаже Арсов)

„Fast-track протокол за физиотерапија по имплантација на тотална ендопротеза на колк кај пациенти со коморбидитети – наше искуство”. (Спец ФТ.Никодин Велјаноски)

Од големиот број на усни излагања на конгресот  организацискиот одбор на хрватскиот збор на физиотерапевти, ја издвои и прогласи презентацијата на Никодин Велјаноски  за „Најдобра усна презентација”, колегата Блаже Арсов втора година по ред учествува во работното претседателство на конгресите на ХЗФ  во сесијата на клиничка физиотерапија.

Специјалната болница "Филип Втори" доби лиценца за генетската лабораторија

Специјалната болница “Филп Втори” доби лиценца за генетската лабораторија, каде што на сите пациентите ќе им биде овозможено генетското тестирање во функција на подобра дијагностика и лекување на болеста.

Преку генетски анализи ќе се откриваат и лекуваат многу среиозни болести, ќе се зајакне превенцијата, а на младата популација ќе и се овозможи исхрана според генот, но и спортување според генот

Со овие анализи ќе се овозможи откривање на повеќе болести меѓу кои и предиспозиции за развивање на срцеви болести, предиспозиции кон коагулопатии кај бремени жени, при хормонска терапија и ин витро оплодување, како и откривање на предиспозиции кон дебелеење и препорака за начин на исхрана.

Во генетската лабораторија ќе може да се открие и реакција на несакани дејства на лекови, а ќе се прават И тестови за персонализирана терапија на рак и наследност на рак, но и првпат во земјава ќе има и секвенционирање на цел геном и цел егзом

Ќе има можност да се откријат генетски болести кај плод по десеттата недела од бременост со неинванзивни методи, односно со земање на крв од мајката.

Исто така ќе се детектираат и инфективните болести – ХИВ, хепатитис Ц и Б, ХПВ, сексуално преносливи болести…

Како што појасни д-р Жан Митрев, генетскиот инженеринг и генетските достигнувања што се присутни во светот сега се достапни при дијагностицирање во Филип Втори, при што болницата станува една од ретките во Европа што тоа им го овозможува на пациентите.

– Нашиот пациентот анализите може да ги добие уште истиот ден, а се овозможува тие да бидат достапни и финасиски. Докторите врз основа на овие анализи понатаму ќе го следат пациентот и го упатуваат ако треба на додатна дијагностика и додатна терапија -појасни д-р Митрев и дополни дека со овие анализи ќе може да се утврди дали пациентите се осетливи на одредени лекови кои што се есенцијални за нивната терапија.

Според него тоа е многу значајно во тумор дијагностиката, оти на база на генетските испитување ќе може однапред да се знае за какви предиспозиции и мутации може да дојде, тогаш се оди во целна дијагностика и превенциите што можат да се направат за заштита од одредена болест

Лабораторијата е достапна и за здрави луѓе, особено за деца, бидејќи според генетските предиспозиции може да се направи листа на исхраната.

– Така може да се знае за нивниот организам која е најповолна храна. Со тоа сите штетни диети ќе можат да се избегнат и да се дојде до здрав пристап во исхраната кај секој поединец-вели д-р Митрев и нагласи дека за спортистите и здравите луѓе може да се одреди дали им одговара спортот кој го избрал или да добие препорака кој спорт на неговиот организам и мускулатора му одговара.

На ваков начин класичната дијагностика се надградува со сите предиспозииции што генетски ги носи пациентот со себе.

Цените ќе бидат достапни и според пакетот приспособени од 100 до 300 евра, но може и повеќе во зависност од опсежноста на испитувањето.

Доктор Митрев посочи дека е подготвен да разговара со Фондот за здравствено осигурување и да понуди услуги кои што се неопходни за успешното лекување и превентива.

Според д-р Митрев, овие анализи имаат примена и кај жените што сакаат да бидат мајки, за да се утврди склоноста кон микроемболии, бидејќи тие се главната причина за спонтаните абортуси.

Од “Биоинженеринг” велат дека персонализирана медицина е присутна во светот, а во моментов едно од наинтересните тестирања е персонализираната генетика и првпат во земјава ќе се прави секвенционирање на целиот геном.

Тие посочуваат дека има преговори со осигурителните компании кои подготвуваат здравствено и животно осигурување дел од анализите да бидат покриени од нивна страна.

Со овие аналижи ќе се намалат и трошоците за превентивна медицина бидејќи може да се превенираат повеќе болести како што е ракот на дебело црево.

Средената регулатива е суштинска за функционирањето на една медицинска установа

На оваа конференција, покрај тренд темата – управување со правните ризици, внимание се посвети ѝ на останатите теми како што се: правните технологии кои веќе започнаа и да нè заменуваат во работата, правниот дизајн бидејќи дизајнот е присутен и во правото преку дизајнирање на процесите, човечкиот капитал, особено со младите школувани правнци и како тие да влезат во правните процеси.

Пред учесниците на најголемиот правен настан во регионот, на вториот ден од Меѓународната Конференција за управување со правни ризици: правни трендови, во организација на „Академик“, свое излагање имаше најпознатиот македонски кардиохирург, академик д-р Жан Митрев.

Во својата презентација, д-р Митрев акцентот го стави на начинот на кој се справуваше со предизвиците и со правните ризици при основањето на Специјалната болница по кардиохируршки болести  „Филип Втори“, реномирана институција од здравството во нашата држава на која што тој е основач, сопственик и менаџер. ­

-Бев истраен во својата намера да ја остварам мојата најголема желба да создадам институција по сите светски стандарди која ќе нуди беспрекорни услуги на пациентите, иако бев свесен дека ќе се судрам со различни фактори кои ќе се обидат да ја спречат мојата замисла, рече д-р Митрев во неговиот говор пред многубројната публика.

Дел од тие фактори, како што посочи во периодот кога се обидувал да ја постави на нозе во Македонија, биле неефикасниот правен систем, наследените закони од поранешна Југославија и несредената правна регулатива.

-Средената регулатива е суштинска за функционирање на една медицинска установа, додека пак правните ризици, како и сите други, особено во околности каде што нема  доизграден правен систем, каде што влегувате први во еден простор кој е многу нестабилен, во кој нема дефинирани правци, се како да влезете во џунгла и едноставно не знаете од која страна што ве чека. Правната регулатива внатре во самата болница претставува столб кој дава сигурност и кој е основа за функционирањето на реномираната здравствена институција. Ова за мене е големо искуство, на ваков собир да се измешаат специјалностите е вистински успех. Размента на искуствата кои се случуваат на оваа Конференција се од огромно значење за сите нас. Значи мојот впечаток е повеќе од позитивен, а немам зборови за организацијата. Голема благодарност до целиот тим на Академик“, истакна д-р Жан Митрев.

Во Струга се одржа 6-тиот конгрес на Сојузот на медицински лаборанти и санитарни техничари на Република Македонија

Во периодот од 06-09 октомври 2016 година во Хотел Инекс Дрим во Струга се одржа 6-тиот конгрес  на медицински лаборанти, а воедно  и 44- ти Меѓународни Октомвриски средби, стручен собир на медицински лаборанти. Специјалната болница Филип втори зеде активно учество, претставник од биохемиска лабораторија беше лаборантот  Максимовска Билјана.

Конгресот понуди богата и разновидна програма, поделена помеѓу поканети предавачи, како и паралелени усни и постер сесии, како и технички демонстрации и презентации  на најновите вести и новини од лабораториската медицина.

Пријателства кои траат

Доказ дека болницата може да биде едновремено и место на кое се грижиме за нашето здравје и место на кое стекнуваме пријателства е пријателството кое трае веќе 4 години помеѓу тимот на нашата болница и Ф.М. младо момче кое за првпат го запознавме во 2013 година.

Тој дојде заради комплексна операција на срце и откако поминавме еден интензивен месец заедно Ф. стана неразделен ден од нашето секојдневие. Денес Ф. е здраво, весело и младо момче кое живее со своите родители, братот и помалата сестра во куќа која не соодветствува на минималните стандарди за добри животни и хигиенски услови.

Започнувајќи од 2013 година па се до денес тимот на Филип Втори го поддржува ова петточлено семејство преку донирање на покуќнина, облека и храна. Така и овојпат, јадењето кое Академик д-р Жан Митрев го подготви во прилогот “Ручек со д-р Митрев”, како и храната која ја подготвија вредните готвачи од ресторанот “ПУЛС” кој се наоѓа во склоп на болницата им беа подарени на Ф. и неговото семејство.

Малите работи знаат да донесат големи насмевки на лицата за пријателствата кои траат…

Благодарам што ми го направивте тој ден незаборавен

Моето „несекојдневно“ искуство во Специјалната болница од нашиот град

На 29.09.2016 е мојот роденден, додека се подготвував во утринските часови и ги планирав и распоредував моите дневни обврски, добив повик од специјалната болница „Филип Втори“ (ја имам посетено болницата уште додека се наоѓаше во склоп на просториите на ГОБ „8ми Септември“). Случајно или не мојот роденден е на ист ден со светскиот ден на срцето, па си помислив дека причината е таа!? Ми го честитаа роденденот и ми дадоа инструкции како да дојдам во нивната болница. Се до овој момент мислев дека некој се шегува со мене, но кога ми кажаа дека мојата девојка во соработка со тимот на д-р Митрев ја  го организирала мојата посета и дека  ова е мојот роденденски подарок, сфатив дека ќе го добијам најдобриот подарок досега.

Се упатив кон болницата. Додека поминував покрај новиот објект на болницата, убеден сум дека не само јас туку секој оној кој ќе помине и ќе ја погледне таа грандиозна градба, ќе почувствува нешто што тешко се опишува. Јас тоа го викам гордост! Дозволете да објаснам. Имаме болница од светски калибар во нашиот главен град, болница во која се прават исти кардиохируршки интервенции како и во реномираните светски центри, болница во која се имаат спасено многу животи, болница која е последната надеж за тешко болните.

Кога пристигнав и влегов внатре го немав тоа чувство на болница, на мирисот на дезинфициенси, ја немаше онаа слика на редици пациенти и хаос од бели мантили, слика која е непријата за многумина. Напротив се чувствувате како во хотел, навистина! Пристигнав на вториот кат, каде направив како што ми беа дадени инструкциите. Се запознав со медицинскиот директор д-р Анѓушева, која што ми го честиташе роденденот и додека ги впијам импресиите пред мене се отвори вратата од оперативниот блок.

 Ме спроведе тимот на Филип Втори, ми беше покажано сѐ, од самиот прием на пациентот во оперативниот блок до неговото излегување. Толку топло бев пречекан што не забележував како се движиме низ оперативниот блок, за на крај да влезам и да го видам д-р Митрев во неговата работна средина. Тоа чувство не се опишува. Не се опишува како е да се види човечкото срце, да се види „моторот“ што нѐ движи сите нас. Додека го гледав д-р Митрев како работи, неговата смиреност и опуштеност и да не заборавам неговата духовитост и искреност, не забележав дека поминаа 2 часа и дека д-р Митрев ги врзуваше последните шавови. Би го опишал тоа со еден збор,  уметност. Операцијата заврши, се поздравив со персоналот кои беа толку топли, гостопримливи и професионални.

Сега разбирам! Голема благодарност до сите вас! Благодарам што ми го направивте тој ден незаборавен. ВИ БЛАГОДАРАМ!

Масовна поддршка на жените кои се борат со ракот на дојка

Во рамки на манифестацијата повеќе од 1.000 граѓани од различни градови во републиката, во сабота на први октомври со симболична прошетка и хуманитарна трка (во должина од еден километар која немаше натпреварувачки карактер) им дадоа поддршка на болните од рак на дојка и на нивните семејства.

На манифестацијата веќе осма година по ред ја исцртува розовата панделка сопругата на македонскиот претседател Маја Иванова која истакна дека ја радува тоа што розовата прошетка прерасна во традиција.
– Секоја година ја прифаќам поканата на најгласниот и најпосветениот борец против ракот на дојка, здружението „Борка – за секој нов ден“, и сесрдно ја давам мојата поддршка на една од најпрепознатливите манифестации „Напред розово“, рече Иванова.

Под мотото ,,Превенцијата е важна а прегледите спасуваат животи“  специјалната болница Филип втори додели 10 ваучери за бесплатен ехо-преглед на дојки на учесници во трката кои беа извлечени на лотарија на која учествуваа сите кои со симболични средства од котизација ја помогнаа манифестацијата. Котизацијата за учество на прошетката и хуманитарната трка изнесуваше 350 денари со вклучена маичка со логото на манифестацијата, а сите собрани средства ќе бидат наменети за реализација на планираните активности на Здружението „Борка“.

Хуманата пораката од организаторот во оваа прилика беше дека е неопходно  да се прават редовни самопрегледи и внимателно да ги слушаат и применуваат препораките на лекарите за превенција.