Услуги од тимот на д-р Митрев уште подостапни до германскиот пациент преку претставникот д-р Марк Зраика

Долгогодишното пријателство и соработка на д-р Жан Митрев и д-р Марк Зраика, од Германија се официјализираше, со што тој е претставник на болницата “Филип Втори“ во Германија. Така,  услугите на болницата “Филип Втори“ ќе бидат уште подостапни за германските пациенти. Преку специјално изработени промотивни материјали на германски јазик, медицински пакети, како и преку социјалните медиуми ќе се шири приказната во Германија за специјалните услуги на болницата, операциите по кои е препознатлив тимот на д-р Митрев во европски и светски рамки. Д-р Зраика, кој е официјален претставник на болницата “Филип Втори“ на презентации пред пошироката јавност преку директни средби ќе ја промовира работата на тимот на д-р Митрев.

Педијатрите вклучени во едукативен циклус на предавања пред матични лекари

Преку ваквите едукации, знаењето стекнато од обемните клинички студии се преточува во упатства кои се засноваат на докази и промовираат конзистентност на третманите, оптималност на исходот и подобар квалитет на животот на пациентите. Како овластен едукатор од Министерството за здравство на Р.Македонија, д-р Наташа Никчевска спроведе едукативно предавање пред матичните лекари од  повеќе општини од земјата. На ден 19.11.2016 во Струмица на предавањето присуствуваа вкупно 34 лекари од Струмица, Валандово и околината, а на 26.11.2016 учествуваа 22 лекари од Тетово и околината.

Согласно претходно утврден распоред, низ циклусот од 10 предавања  беа опфатени предавања за следниве теми: акутно болно доенче, бебе кое плаче, кога да се даде антибиотик, тонзилити кај деца, пневмонии, вакцинација, нарушени резултати од анализа на урина, клиничка употреба на витамини, главоболка, идентификација и справување со сексуална злоупотреба. Низ предавата беа претставувани и примери од секојдневната праска, а се дискутираше и за сценарија/клинички примери. Голем интерес кај учесниците беше забележан при обуката за практична вештина за анализа на урина. Учесниците се стекнаа со потврди за спроведена едукација за матични лекари од областа на педијатријата.

Овие предавања се многу значајни за воведување на унифициран пристап во лекувањето на пациентите. На овој начин ќе се отфлат сите дилеми и сомневања во однос на соодветноста на третманот кај пациентот. Исто така, ќе се идентификуваат оправданите и неоправдани третмани и дијагностички процедури, на кој начин и се заштитуваат пациентите од непотребни, неефикасни и дури и потенцијално штетни постапки.

Во иднина, ќе се продолжи со учество на ваквите важни едукации, со што се придонесува за унифицирано и квалитетно лекување на пациенти.

Секоја средба со нашиот пријател Флурим е ново доживување за сите

Со светлината што ја има во очите на нашиот омилен пациент, или пријател на болницата „Филип Втори“, седумнаесет годишниот Флурим Мемети не пречека и овој пат, во неговиот дом. Во петокот, 18 ноември, 2016 во попладневните часови, преставници од тимот на д-р Жан Митрев се упативме кон неговиот дом за да им предадеме пакет наманет за нив. Топлата атмосфера во нивниот дом им пркоси на скромните, оскудни услови во кои живее тој заедно со неговите мајка, татко и помала сестра. Тоа го почуствуваме и овој пат, на повторената средба, а по повод организираната доброволна акција за собирање на стара облека од вработените во болницата, на инцијатива на персоналот од болницата.

Сакавме да ги изненадиме… Искрена, пријателска прегратка, смирен тон добивме за добредојде од Флурим, а неговите најблиски и овој пат не знаеа како да се заблагодарат за нашата посета.  „Знаевме дека ќе не посетите, вие никогаш не не заборавате“, искрено, со треперлив глас не пречека мајката и се заблагодари на тимот на д-р Митрев, на д-р Тања Анѓушева и останати вработени во болницата.  Поводот за оваа средба беше донирање на добиената парична награда од страна  на д-р Митрев за време на гостувањето во емисијата ВИП сезона за избор на најдобри рецепти на Канал 5.

Средбите со нив се секогаш посебни, несекојдневни затоа што се  искрени, полни со позитивност со која им пркосат на оскудните животни услови. Не „угостија“ со таква  енергија, која е повеќе од доволна причина да ги изненадиме повторно, да им внесеме дополнителна надеж за живот, да им докажеме дека секогаш може да сметаат на нас. Нам, ни е доволно при секоја средба да ја видиме ведрината кај Флурим, кој навистина знае да се радува на животот, по успешно преброденaта комплексна кардиохируршка операција, извршена од д-р Митрев пред три години.

Стручно предавање за примена на компресивна терапија при лекување на хронични рани

Во организација на австриската компанија Lohmann & Rauscher на 10 ноември, 2016 г., со поддршка на ФИЛА-ФАРМ во Аудиториумот на новата болница Филип Втори, беше одржано стручно предавање на тема Примена на компресивна терапија при лекување на хронични рани.

Пред поканетите доктори, медицински сестри и  фармацевти од болницата како и надвор од неа, беа преставени предностите на компресивната терапија. На средбата предавање имаше прим.асс. Тања Планишек Ручигај, шеф на Дерматовенеролошката клиника при Универзитетот во Љубљана, дерматолог, флеболог и лимфолог, која  говореше пред присутните на оваа тема.

Во текот на презентацијата, најнапред се задржа на неопходноста од диференцијална дијагноза на хроничните рани, како и различните заболувања при кои настануваат рани кои тешко зарастуваат и кај кои се применуваат современи облоги за рани. Потоа го прикажа систематскиот начин на примена на облоги, согласно видот на раната. Додека пак, посебен акцент беше ставен на примена на компресивната терапија (индикации и контраиндикации, различните облици, како и видот и својствата на материјалите кои се применуваат). Таа се осврна и на дополнителните постапки со кои може да се исчистат хроничните рани и да се забрза процесот на зарастување. По отворената дискусија следуваше и интерактивна сесија со прикажување на практични примери за тоа како се применува компресивна терапија и ставање на облоги на хронични рани.

Соработката на презентерите заедно со Фила Фарм и Lohmann & Rauscher ќе продолжи и понатаму со цел унапредување на примената на современи терапии и методи преку размена на искуства.

Eвропски ден на свесност за употреба на антибиотици

18-ти Ноември се одбележува како европски ден на свесност за употрeба на антибиотици. Целта е да се потенцира фактот дека сите мораме свесно и одговорно да се вклучиме во користењето на овие лекови, како би ја зачувале нивната делотворност и за следните генерации!

Во пошироки рамки пак, цела недела (14 – 20  ноември) е прифатена како Светска недела за свесност за употреба на антибиотици,  со цел подигнување на свесноста за проблемот со антибиотската резистенција, а при тоа да се нагласи дека успехот за контрола на резистенцијата е очекуван со заеднички акции, на светско ниво.

Што се антимикробни средства?

Антимикробни средства се медицински производи кои ги убиваат или го спречуваат растот на живите микроорганизми.

Што е антимикробна резистенција?

Антимикробна резистенција: отпорност на еден или неколку антимикробни средства применливи за терапија или профилакса. Станува збор за особина која може да се појави кај микроорганизмите.

За бактериите, антибиотската резистенција значи способност на бактеријата да се спротистави на дејството на антибиотикот:

Бактеријата има резистентен механизам кога специфични антибиотици ја изгубиле способноста да ги убијат или да го спречат нивниот раст
Некои бактерии се природно отпорни на некои антибиотици (интризинг резистенција)
Загрижувачки проблем е кога бактерии кои се природно осетливи на некој антибиотик ќе постанат резистентни како резултат на адаптација преку генетски промени
Гените за кодирање антибиотска резистенција многу лесно може да поминат од еден во друг вид бактерии преку предавање на генетски материјал
Во постојаната борба за “еколошки простор”  се селектираат сите резистентни бактерии бидејќи антибиотикот ги убива осетливите соеви
Антибиотик резистентните бактерии преживуваат во присуство на антибиотици и продолжуваат со раст и размножување, предизвикувајќи влошување на состојбата, пролонгирање на болеста или смрт.
Инфекции со резистентни бактерии бараат третман со алтернативни и многу поскапи антибиотици кои често имаат и повеќе несакани ефекти.  Третманот на инфекции со резистентни бактерии бара интарвенска апликација на антибиотик во болнички услови наместо орални антибиотици во домашни услови.
Еднаш појавена резистентна бактерија може да се пренесе на друга личност , а употребата на антибиотици во општата популација и кај пациентите во болница дава силна подршка за нивно ширење.
Кои се последиците од резистенцијата?

Ќе влеземе во постантибиотска ера, што значи антибиотиците ќе ја изгубат делотворноста и инфекциите ќе бидат повторно причина за висока смртност.

Што можеш да направиш ТИ?
Користи антибиотик само по препорака на лекар
Секогаш доврши ја пропишаната доза, и тогаш кога ти е подобро
Никогаш не користи стари антибиотици
Никогаш не разменувај антибиотици со другите
Спречи инфекција со редовно миење раце,  редовна вакцинација и избегнување блиски контакти со болни
Главни двигатели на антибиотската резистенција:
Злоупотребата на антимикробните средства  прави еколошки притисок на микроорганизмите и придонесува за појава и селекција на антибиотик резистентни видови во популацијата
Ширење и вкрстена трансмисија на антибиотик резистентни микроорганизми меѓу луѓето, животните и околината.
Полето каде се развива резистенцијата во Европа е и употребата на антибиотици кај животните:
Антибиотиците кои се користат за третман и превенција на инфекција кај животните припаѓаат на истите групи како и антибиотиците за хумана употреба, па така и животните може да бидат носители на резистентни бактерии
Некои бактерии како Salmonella и Campylobacter се асоцирани со употреба на контаминирана храна и предизвикуваат дијареа
Истите може да бидат антибиотик резистентни соеви  кои се пренеле од животно на човек
Луѓето може да се здобијат со резистенни бактерии не само со храна од заразени животни туку и преку директен контакт со нив

Нозокомијални инфекции (болнички инфекции) се однесува на инфекции стекнати во болница. Сега се преферира терминот “Healthcare associated Infections” бидејќи вклучува не само инфекции стекнати во болница, но и останати кои се поврзани со пружање здравствена грижа, како пр. старечки домови, домашна нега…

Полиња за менаџмент, контрола и превенција на антимикробната резистенција се:
Рационална употреба на антибиотици (само кога се потребни, во точни дози, во точни интервали и доволно долго, но не повеќе од тоа!)
Хигиенски мерки за заштита од вкрстена трансмисија на резистентни бактерии (хигиена на раце, скрининг на пациенти, изолација…)
Антибиотиците се единствените лекови кои предизвикуваат не само индивидуална, туку и глобална штета!
На индивидуално ниво:
Земање антибиотик секогаш ја модифицира човековата нормална флора што често резултира со странични ефекти како дијареа како и појава и селекција на резистентни соеви
Овие резистентни видови може да перзистираат некогаш и по 6 месеци без да предизвикаат инфекција
Пациенти колнизирани со резистентни бактерии е многу поверојатно дека ќе развијат инфекција во споредба со колонизација со осетливи соеви
Антибиотиците да не се употребуваат кога не се потребни (пр. Вирусни инфекции)
Кога се потребни да се употребуваат соодветно
Некогаш и кога се употребуваат коректно , микроорганизмите развиваат резистенција како адаптивен механизам. Во тој случај посебно се важни мерките за контрола на пренос на бактерии
На глобално ниво:
Има широки варијации во пропорцијата на резистентни соеви меќу поедини земји : владее северно-јужен градиент (EARSS)
Сериозни варијации во препишувањето и употребата на антибиотици следејќи го истиот градиент
Многу повеќе антибиотици кај амбулантски пациенти во Грција и Кипар – три пати повеќе по жител  отколку во Холандија
Степенот на антибиотска резистенција корелира со степенот на антибиотска употреба и “Колку повеќе антибиотици се користат, толку е поголема резистенцијата на микробите кои се причинители на инфекции во популацијата”

Генетичката дијагностика во функција на превенција на кардиоваскуларни заболувања

Во пресрет на годинешното Собрание на кардиохирурзи, претседателот на Здружението за кардиохирургија на Р.Македонија, Академик д-р Жан Митрев, пред новинарите ја најави темата на средбата: Генетските испитувања во третман на кардиоваскуалрните заболувања.  Како број 1 по смртност на пациенти се кардиоваскуларните заболувања, па затоа  е и неопходноста да се прави генетиска дијагностика кај овие заболувања.

Сега, тоа е достапно за сите заинтересирано во Република Македонија, но и пошироко. На едно место да се реализираат сите испитувања, односно во една институција да се направи, дијагностика, генетско тестирање, а при тоа да се поврзе и со клиничката пракса, сега е овозможено во нашата болница“, изјави д-р Митрев пред новинарите. Ова е голем исчекор за медицината, нешто што не е познато како ваков концепт, во една институција ниту во европски рамки, додаде тој. Следна за испитување во рамките на генетската лабараторија ја најави и канцер дијагностиката преку генетските тестирања.

Тој потенцираше за значењето од вакви средби како обврска на здружението, а во насока на подобрување на дијагностиката и третманот на пациентите преку едукација, размена на искуства, презентирање на новитети пред сите членови, но и останатите чинители кои се дел од оваа тематика. На средбата се обратија како генетичарите од генетската лабараторија која е во рамките на болницата “Филип Втори“ и  експерти од странство со актуелни предавања од оваа тема. Новитет кој се разликува од стандардните дијагностички тестови, токму поради раната идентификација за ризик на развивање на одредена срцева болест.  Генетското тестирање, како вид медицински тест со којшто ќе се идентификуваат измени во гените на пациентите, може да предупреди и навремно да информира за присуство на генетско заболување, да помогне во одредување на веројатноста за развивање на некоја болест (генетска предиспозиција) или за пренесување на генетска болест на поколенија. Срцевите заболувања, како едни од најчестите заболувања на денешницата се доволна провокација да бидат третирани од страна на генетиката.

Докторите, генетичарите од тимот на др. Жан Митрев, во рамките на Собранието, во своите презентации ставија акцент на предностите од претскажувачкото генетско тестирање за срцеви болести. Презентација на темата имаа и меѓународни експерти на специфични области од генетиката.

Со успешната операција продолжен животот на пациент од Пула

Разговорот со Иван Лицул, син на хоспитализираниот Бранко Лицул од Пула, Хрватска, го започнавме со едно големо БЛАГОДАРАМ што постоите и што го запознавме др. Жан Митрев со тимот.  „Среќни сме сите ние од земјите од Балканот, што овде, во Македонија, има ваква специјална, современа болница. Со уникатни, квалитетни услуги понудени од врвни професионалци, каде и невозможното вие го правите реално“, нескромно говореше Иван за искуството и приемот во болицата “Филип Втори“.  Да се спаси живот, или да се овозможи квалитетен живот е несомнено најблагородна работа. Вие тоа секојдневно го правите и го зголемувате бројот на членови во клубот на задоволни пациенти“, говореше Иван. Нивниот пат пред да стигнат до болницата бил макотрпен, пропратен најчесто со непријатни вести. По дијагностицирањето на болеста исхемија на левата нога, од август се до 31 октомври, годинава, се соочиле со три неуспешни операции во клиниките во Пула и Ријека. Врв на разочарувањето била веста дека понатамошниот живот на Бранко е поврзан со ампутирање на ногата. „Секако, за нас тоа не беше очекувана, а најмалку прифатлива вест. Затоа и продолживме да бараме други алтернативи, да бараме информации.

Лут сум на лекарите од Хрватска што не беа информирани или пак не сакаа да не информираат дека за ваква дијагноза и за изведување на сложени операции и тоа извршени на наши сонародници, сепак имало излез. За среќа, др. Андриќ од OXY поликлиниката за баромедицина од Хрватска, не упати кај вас и ние веднаш стапивме во контакт со др.Тања Анѓушева. По доставата на потребните документи и пречекот на аеродромот во Скопје, татко ми беше хоспитализиран. Од дијагностицирањето до операцијата не помина многу време, па на 09.11.2016 година тој беше опериран од др.Жан Митрев, а веќе може да кажеме дека имаше успешна операција, раната заздравува, има проток на крв и поволни прогнози“. Како порака од синот Иван беше потенцирано дека навремената информација спасува живот, а тоа е највредното, нешто што не се купува со ниту едни пари. „Затоа, ние ќе ја шириме веста за благодетите, за спасениот живот, за продолжување или подобрување на квалитетот на човечкиот живот, благодарение на професионалноста која ја носат со себе и др. Тања Анѓушева и др. Енвер Идоски, како и на останатиот персонал во болницата. Тоа е наша мисија, знак за благодарност до вас, по враќањето во родната Хрватска. Ова место е  посебно не само поради услугата и персоналот, туку и поради самиот современ објект кој се истакнува по уникатноста на ентериерот, но и пријатна атмосфера која е присутна во секој агол од неа“ , додаде тој.  Ни најавија средба за идната година, поради болката и во другата нога. До тогаш, ние на шеесетгодишниот Бранко Лицул му посакуваме брзо закрепнување и да ужива во среќните и весели моменти со неодамна родената внука од најстариот син.

Четврто собрание на здружението за кардиоваскуларна хирургија

Здружението за кардиоваскуларна хирургија на Република Македонија, во соработка со Специјалната Болница по Хируршки Болести „Филип Втори“ и Биосистеми ДОО, Ве поканува на четвртото собрание на кардиоваскуларни хирурзи, што ќе се одржи на 17.11.2016 година (четврток), во аудиториумот на СБХБ „Филип Втори“, со почеток во 11.00 часот.

Тема на овогодинешниот собир е

„Генетските испитувања во третман на кардиоваскуларните заболувања“

Поканети се домашни и меѓународни експерти кои ќе ги претстават новините и технологиите во генетската дијагностика, како и третманот на кардиоваскуларните заболувања.

Предавањето е акредитирано во Лекарската Комора на Р. Македонија.

Ве молиме да го потврдите Вашето присуство на е-маил: info@cvsmk.org, најдоцна до 15.11.2016 година.