Секвенционирање на првите геноми на SARS-CoV-2 во Македонија

Дневна доза здравје

јуни 06,2020

Овој пат тимот од Лабораторијата за Генетика и Персонализирана Медицина во соработка со компанијата Био Инженеринг, предводен од Д-р Горан Кунгуловски, беше инволвиран во уште едно значајно поглавје во македонската биомедицина.

Имено, тимот ги секвенционираше првите целосни геноми на коронавирусот SARS-CoV-2, изолирани од македонски пациенти на почетокот на јуни.

Преку пристап на трета генерација на секвенционирање во реално време тимот од молекуларни биолози целосно ги декодираше сите 30-тина илјади букви од генетскиот материјал на вирусот кај 10 македонски пациенти. При деталната анализа на геномот беше откриено присуството мутацијата P323L во RdRP генот и мутацијата D614G во S генот, во изолатите од сите 10 пациенти.

Овие мутации се од особено значење бидејќи се наоѓаат во едни од двата најважни протеини на коронавирусот: S протеинот е клучот за влегување на самиот вирус во клетката и нејзиното инфицирање, а додека пак RdRp генот е значаен за делбата на вирусот во клетката.

Според последните научни студии, соевите коишто ја имаат D614G мутацијата, во изминатите месеци станаа доминантни во Европа и некои региони на САД. Се смета дека мутацијата D614G којашто е отсутна во 97% од изолатите во Кина, а доминантна во Европа и исто така откриена во Македонија, ја зголемува преносливоста и заразноста на вирусот, но нема ефект врз сериозноста на симптомите.

S протеинот е еден од главните таргети за развој на вакцина против вирусот, а додека пак RdRp генот претставува еден од главните таргети за развој на терапија против вирусот. Секвенционирањето на повеќе изолати на вирусот од македонски пациенти од самиот почеток на епидемијата па до сега, ќе овозможи за точно следење на еволуцијата и промените на вирусот во рамките на Македонија.