Бехтерева болест- приказ на случај

Бехтерева болест- приказ на случај

Анкилозирачкиот спондилитис (Бехтерева болест) е хронична, прогресивна воспалителна болест на локомоторниот систем. Се шири низ сите зглобови, лигаменти и други сврзни формации на р’бетниот столб. Оваа болест е сериозен предизвик за анестезиологот, затоа што кај овие пациенти се очекува потенцијално тежок дишен пат, кардио и респираторни компликации, а лековите што се користат за обезболување и контрола на болеста можат да предизвикаат невролошки промени во пери-оперативниот период .

Опишуваме пациент на 62- годишна возраст, ТТ 75кг и ТВ 160 цм, што долго време е заболен од анкилозирачки спондилитис (Бехтерева болест). Дг. Скршеница на вратот на левиот колк, примен за вградување на ендопротеза. Пациентот претходно е одбиен од две медицински установи поради неможност за водење анестезија. Покрај постоечката болест, пациентот од останати коморбидитети има хипертензија и дијабет тип 2. Во предоперативниот анестезиолошки преглед на пациентот му беше предложено да се води спинална анестезија, затоа што општата анестезија е поврзана со голем број компликации заради тешката или невозможната интубација (одржување дишен пат). Пациентот беше поставен на стандарден неинвазивен мониторинг и во лежечка странична положба. Се користеше игла 22G и 4мл 0,75% Ropivacain. Средишниот пристап за спинална анестезија беше неуспешен, но латералниот пристап беше успешен. Се постигна моторен и сензитивен блок. Стандардна антибиотска профилакса. Немаше потреба од интервенција за одржување на дишниот пат, иако опремата беше на располагање. Пациентот беше отпуштен за 7 дена во добра општа состојба.

IV Конгрес по трансфузиона медицина на Република Македонија

IV Конгрес по трансфузиона медицина на Република Македонија

Од 09- ти до 11- ти октомври, во Скопје, се одржа IV- иот Конгрес по трансфузиона медицина на Република Македонија со меѓународно учество. Свеченото отворање на конгресот беше во Музејот на македонската борба за државност и самостојност, а учесниците беа поздравени од Претседателот на Република Македонија Др. Ѓорге Иванов, кој и самиот е доброволен крводарител.

На конгресот беа презентирани повеќе теми од областа на организацијата во трансфузиолошките служби, унапредување на крводарителството, хемовигилност, имунохематологијата, дијагноза, терапија и превенција на тромбемболиски и хеморагични заболувања и трансплантационата медицина. Предавањата од домашни и странски експерти во соодветните области од трансфузионата медицина беа следени со конструктивна дискусија и размена на искуства меѓу учесниците. На овој конгрес со темата “Тромбопрофилакса со rivaroxaban кај пациенти после тотална артропластика на колк и колено”, зема учество и др. Елена Амбаркова- Виларова, специјалист трансфузиолог во Специјалната болница по хируршки болести “Филип Втори”. Овој труд беше награден за најдобра постер презентација од страна на научниот одбор на конгресот.

Едукативна посета на Институтот за Кардиоваскуларни болести- Братислава, Р.Словачка

Едукативна посета на Институтот за Кардиоваскуларни болести- Братислава, Р.Словачка

Во периодот од 21- ви Септември до 27- ми Септември 2014 година, Др. Никола Лазовски – хирург, Др. Ѕвонко Атанасов – радиолог и Др. Иван Милев – кардиолог, престојуваа кај Проф. Др. Иван Вулев – шеф на Одделот за Интервентна Радиологија при Националниот Институт за Кардиоваскуларни болести во Братислава, Р.Словачка, запознавајќи се со нивната секојдневна работа.

Таму имаа прилика да присуствуваат на изведување на голем број разновидни ендоваскуларни интервентни процедури како што се:- Перкутана имплантација на стент графтови на торакална и абдоминална аорта (при дисекции, аневризми, руптурирани торако-абдоминални аневризми, Chimney техника).- ПТА/стентирање на периферни и висцерални артерии (ренални, горна мезентерична и целијачно стебло) – ПТА/стентирање на каротидни, вертебрални и церебрални артерии- Имплантација/експлантација на вена кава филтри- ПТА на стенозирани/оклудирани АВ фистули кај дијализни пациенти- Перкутани тромбектомии со AngioJet, Jetstream, тромболиза (rTPA)- Coil-ирање на церебрални аневризми- Церебрални стент–тромбектомии при акутни ЦВИ (stroke центар)

ПЗУ Филип Втори настојува да обезбеди стручно и научно усовршување на медицинскиот персонал преку континуираната едукација и стекнувањето на нови знаења и вештини.

Незарасната скршеница

Незарасната скршеница (псеудоартроза) на подлактица кај дете- приказ на случај

Дете на 9-годишна возраст се јавува на преглед поради деформитет на десна подлактица и ограничени и болни движења во рачниот зглоб и лактот. Пред две години, детето е оперирано во друга установа поради скршеница на подлактицата каде е направена интрамедуларна остеосинтеза на двете коски на подлактицата. После вадење на остеосинтетскиот материјал настанало искривување на подлактицата и незараснување на скршеницата на едната коска.

Предоперативно

Детето е оперирано во општа анестезија, направена е корективна остеотомија на радијалната коска на подлактицата, отворена репозиција, спонгиопластика, автологна трансплантација на коскена срцевина и остеосинтеза со компресивна блокирачка плочка.

Интраоперативно

Постоперативно

Постоперативно,раката имобилизирана во гипсена ракавица 4 недели. После вадење на гипсот, подлактицата на детето исправена и упатено на физикална терапија запонатамошна рехабилитација на двата соседни зглоба.
Детето се чувствува одлично и ги извршува секојдневните активности безболно и без ограничување во соседните зглобови.

Меѓународниот ден на физиотерапевтите

Меѓународниот ден на физиотерапевтите

Меѓународниот ден на физиотерапевтите се одбележува секоја година на 08- ми Септември и има за цел физиотерапевтите во целиот свет да ја подигнат националната свест за својата важна улога во одржувањето на здравјето на луѓето, подвижноста и независноста.

Овој ден за прв пат е прославен во 1996 година, а го означува датумот кога е формирана светската конфедерација на физиотерапевти (WCPT) 1951.

WCPT e посветена на унапредување на професијата – Физикална терапија и подобрување на глобалното здравје преку: – Поттикнување на високи стандарди на истражувања во физикалната терапија, образованието и праксата – Поддршка во размената на информации помеѓу регионите на WCPT и членките – Соработка со национални и меѓународни организации

Одделот за физикална терапија од СБХ Филип Втори работи по стандардите на WCPT со цел да ги унапреди здравјето и благосостојбата на своите пациенти. За тоа сведочат бројни признанија и благодарници од пациентите како следново:

Почитувани,

По повод Светскиот Ден на Физиотерапевтите, сакам да ви искажам голема благодарност и почит кон огромните напори кои ги вложивте во рехабилитацијата на мојот татко Васил Зимбаков. Тоа што вие го направивте е на границите на возможното, од повеќе медицински аспекти, па и од аспект на физикалната терапија. Пациент кој 45 дена помина кај Вас, дојде дома во добра физичка кондиција и подготвен да се соочи со сите предизвици на повторното проодување и повторно учење на сите покрети и движење неопходни за нормално функционирање.

Ви се восхитуваме и ви посакуваме уште многу успеси.

Вие не спасувате животи, вие правите многу повеќе, Вие подарувате нови животи!

Секогаш благодарни,

Во име на Семејството на Васил Зимбаков

Синдром на скршено срце- Broken Heart Syndrome

Синдром на скршено срце- Broken Heart Syndrome

Синдромот на скршено срце за прв пат е опишан во Јапонија во 1990 година. Овој синдром честопати се нарекува и стрес индуцирана кардиомиопатија или takotsubo кардиомиопатија. Причината за појавата на овој синдром е екстремен емоционален или физички стрес, кој води до изразена, но честопати краткотрајна срцева слабост. Најчесто се работи за претходно комплетно здрави индивидуи. Стресови асоцирани со појавата на оваа кардиомиопатија се тешки болести, хируршки процедури, астматичен напад, коронарен стрес тест, сообраќајна незгода, неочекуван губиток на блиска личност, интензивен страв, јавен настап, неочекувана вест, природни катастрофи и сл. Овој синдром процентуално е позастапен помеѓу женската популација, отколку кај машката. Студиите покажале дека жените во климактериум се поизложени на ризикот од настанување на овој синдром поради намаленото ниво на естрогени хормони во крвта. Точниот механизам на настанување на овој синдром не е докрај разјаснет, но сепак, во основата лежи ексцесивна продукција на хормоните на стресот како што е адреналинот во краток временски интервал. Основен симптом е болка во градите и отежнато дишење. На ЕКГ се среќава СТ сегмент елевација, покачено ниво на срцеви маркери во крвта и апикална акинезија со апикално балонирање на левата комора за време на систола, како ехокардиографски наод со изглед на такотсубо или јапонски сад за ловење на октоподи од каде што доаѓа името на овој синдром.

Честопати овој синдром некои доктори погрешно го дијагностицираат и третираат како акутен коронарен синдром поради сличните симптоми и резултати од крвните анализи. Разлика помеѓу овој синдром и акутниот коронарен синдром е брзиот пик на срцевите маркери кои пократко се задржуваат покачени во крвта, и наодот од коронарната ангиографија кој не дава податок за запушување на крвни садови на срцето . Кај повеќето од луѓето има брзо и целосно опоравување, ако навреме се дијагностицира и правилно лекува.

Корекција на pectus excavatum

Корекција на pectus excavatum

Pectus excavatum е латински термин кој во превод значи “вдлабнат граден кош”. Вдлабнат стернум (градна коска), може да постои при самото раѓање или да се деформира покасно, најчесто за време на пубертетот. Околу 37% од пациентите со pectus excavatum најчесто имаат блиска роднина со истата патологија што укажува на генетска предиспозиција. Pectus excavatum е најчеста аномалија на предниот ѕид на градниот кош кај деца. Во најтешките случаи, деформитетот може да ја поремети работата на срцето и на белите дробови. Во полесни случаи предизвикува естетски проблем. Некои од пациентите избегнуваат активности, како што е пливањето.

Пациентите со тешка форма на pectus excavatum можат да имаат тешкотии со дишењето и градни болки. Можно е да биде потребна хируршка интервенција за да се превенираат абнормалности на работата на срцето и на белите дробови. Покрај клиничката слика, за дијагностички цели се користи рентген и компјутеризирана томографија за да се создаде слика од внатрешните структури на градниот кош. Тие се користат за да се измери тежината на деформитетот. Хируршката интервенција која се користи за корекција на овој тип на деформитет, може да биде инвазивна или минимално инвазивна

Во нашата болница, во рутина се користи минимално инвазивна хирургија позната како Nuss процедура. Оваа процедура е развиена во 1980-те години. Се состои од два мали реза од двете страни на градниот кош, на висина на мамилите. После тоа, следи протнување на претходно лесно обликуван коректор пектус бар и негова ротација откако ќе се позиционира под градната коска и коскените р’скавици. Тоа доведува до последователна корекција на градната коска. Се пласираат два стабилизатори по еден од секоја страна и истите се фиксираат за околните ткива. Со оваа техника не е потребно сечење или отстранување на коскената р’скавица. Резовите се затвораат со внатрешно шиење на кожата. Металниот пектус бар, обично, се отстранува околу една година после интервенцијата. Дотогаш се очекува корекцијата да биде перманентна. Процедурата е најефикасна кај деца, каде што коските и р’скавицата сеуште растат, но може да се изведе и кај возрасни пациенти. На 21.08.2014 во нашата болница е примен 30 годишен пациент со дијагноза Pectus infnndibuliforme. Пациентот се одлучил за нашата установа следејќи ја нашата интернет страна. Здравствениот проблем не можел да си го реши во Англија (земјата од каде потекнува) ниту пак во Италија каде што моментално работи поради не постоење на адекватни центри, но и поради екстремно високата цена на третманот. По соодветна подготовна кај пациентот е извршена минимално инвазивна корекција на деформитетот на градниот кош по методата на Nuss како што е опишано во претходниот текст. Поради специфичноста на случајот, пациентот започна со рана физиотерапија и мобилизација. Во одлична здравствена состојба пациентот беше отпуштен дома по 6 дена од интервенцијата. Посебна чест ни е што овој пациент изрази желба да даде интервју на Македонската Радио Телевизија за неговата животна приказна.

ТРЕТО ГОДИШНО СОБРАНИЕ НА ЗДРУЖЕНИЕТО ЗА КАРДИОВАСКУЛАРНА ХИРУРГИЈА НА Р. МАКЕДОНИЈА

ТРЕТО ГОДИШНО СОБРАНИЕ НА ЗДРУЖЕНИЕТО ЗА КАРДИОВАСКУЛАРНА ХИРУРГИЈА НА Р. МАКЕДОНИЈА

ТЕМА „АКУТНА БУБРЕЖНА ИНСУФИЦИЕНЦИЈА НА ОДДЕЛИТЕ ЗА ИНТЕНЗИВНО ЛЕКУВАЊЕ“На 23.09.2014 година во хотелот Александар Палас во Скопје, во рамките на третото собрание на Здружението за кардиоваскуларна хирургија на Република Македонија, врвни лекари од Македонија и странство дебатираа на тема „Акутна бубрежна инсуфициенција на одделите за интензивно лекување“.

По свеченето отворање и воведниот говор на претседателот на здружението, академик др. Жан Митрев, беше преставен специјалниот гостин од Германија, др. Каи Харенски, директор на болницата Baxter – Gambro во Минхен. Академик др. Жан Митрев му додели сертификат за почесен член на здружението за кардиоваскуларна хирургија на Македонија за 2014 година на др. Харенски, за неговото залагање и работа во третманот на АБИ.

Преку своите презентации на тема „KDIGO“ и „Renal Replacement and Health Economic“, Др. Каи ги престави досегашните светски резултати за акутна бубрежна инсуфициенција, нејзината застапеност, најчестите причини за појава како и достапните третмани за истата. Особено се обрна внимание на економската страна на третманот и можностите за негово намалување.

Во вториот дел од собирот, свое стручно предавање имаа:- асс. др. Тања Анѓушева, „Третман на пациенти со АБИ на единиците за интензивна нега“- науч. Сор. Звездана Петронијевиќ, „Кардио-ренален синдром во единица на интензивна нефролошка нега“- др. Маја Мојсова – Мијовска, „Превенција на АБИ на единиците за интензивно лекување“- прим. др. Љубинко Трпеноски, „Акутна бубрежна инсуфициенција во здравствениот систем на Република Македонија“

На собирот уште еднаш се потврди дека превенцијата на АБИ како и нејзиниот соодветен навремен третман треба да бидат дел од стандартите за работа на одделите за интензивно лекување, со цел намалување на компликации, смртност и економски трошоци.