Едноставни начини како да го намалите стресот на работното место

Работата е значаен сегмент од нашето живеење и на која одвојуваме минимум една третина од нашето деноноќие. Познато е дека современиот работник е прекинат во просек 7 пати во текот на еден час и е дефокусиран околу 2.1 час во текот на еден ден. Статистиката покажува дека 4 од 10 вработени кои работат за големи компании искусуваат големи корпоративни реструктурирања и заради тоа се соочуваат со несигурност во однос на нивната иднина. Токму ова е причината зошто голем дел од вработените лица имаат потешкотија да заспијат навечер. Товарот од изминатиот ден… Чувството на преплавеност и прекумерна зафатеност им го нарушува сонот…

Организациските психолози, консултанти и психотерапевти со години се обидуваат да изнајдат начини и применат методи за ефикасно и ефективно работење, а при тоа, вработениот да ја сочува енергијата до крајот од денот. Вложените напори за тоа како да останете смирени и покрај големите барања на работното место резултираат во следните препораки:

Делување наместо реагирање (Акција vs. Реакција) – во моментите кога чувствувате како да немате контрола над ситуацијата, тогаш доживувате и стрес. Затоа, неопходно е да ги идентификувате ситуациите кои можете да ги контролирате од оние кои не можете. При тоа, да бидете свесни дека имате контрола над Вашите активности и реакции, но не и врз макро силите или однесувањето на другите.
Вдишете длабоко – Доколку се чувствувате преплавено или излегувате изморено од некој тензичен состанок, потребно Ви е  да си ја разбистрите главата. Својот баланс може да го воспоставите повторно со пет минутно длабоко дишење, што воедно Ви помага и да се “втемелите” (термин кој во гешталт терминологија значи да се вратите во сегашноста и да се смирите).
Елиминирајте ги прекинувањата –  Електронски пораки, телефонски повици, “упади“ во канцеларија, неочекувани пораки и изненадни крајни рокови се само дел од нештата кои Ве прекинуваат во работата. Во вакви случаи, експертите препорачуваат да делувате на еден од следните три начини: да го прифатите прекинувањето, да го прекинете соговорникот или пак да ја процените важноста од прекинувањето и соодветно на тоа да го реорганизирате планот за работа.

Организирајте го својот ден оставајќи простор за енергија и фокус – повеќето од нас, во работата го применуваат пристапот на “туркање”, сметајќи  дека доколку работат цели 8 до 10 часа, ќе сработат многу повеќе. Ефектот е спротивен – продуктивноста се намалува, стресот се зголемува, а останува помалку енергија за социјален и приватен живот. Затоа е неопходно да направите неколку паузи во текот на денот, да се истегнете и направите вежби за дишење.
Јадете правилно и спијте доволно – нездравото консумирање на храна и депривацијата од сон го зголемуваат степенот на стрес кој телото го процесуира. Затоа, наспијте се, а својот организам  негувајте го со вкусни и здрави оброци.
Променете ја својата приказна – нашата перспектива за стресните настани на работното место е субјективна интерпретација на фактите, најчесто видени низ филтерот на нашиот сомнеж. Затоа, значајно е да направите чекор наназад и да пробате да ги видите нештата од пообјективен аспект. На тој начин ќе бидете многу поефективни , а работите помалку ќе ги доживувате лично.
Смирете се брзо – кога се чувствуваме фрустрирано или луто, чувството на напнатост води и кон реагирање на нештата. Наместо веднаш да реагирате, потребно е смирено да вдишувате на уста и метафорички да го редуцирате степенот на оваа “жештина”.
Идентификувајте го стресот кој сами си го наметнувате – значајно е да научите како да го контролирате и минимизирате стресот кој, најчесто самите си го наметнувате. Фокусирајте се на Вашата самодоверба наместо да барате одобрување од другите. Концентрирајќи се на тоа како другите Ве перципираат делува контрапродуктивно при ефикасното извршување на Вашата работа бидејќи не можете соодветно да реагирате на работите.
Поставување на приоритети – значајно е да поставувате приоритети така што ќе ја препознаете и разберете Вашата улога во организацијата, во стратешките приоритети на организацијата и во Вашите лични цели и капацитети.
Имајте влијание кај другите – иако самите сме одговорни за своето однесување и изглед, сепак секојдневно се соочуваме и со стресното однесување на нашите колеги. Од тие причини значајно е да се соочите со проблематичниот колега или вработен. При тоа, на смирен начин и со почит, истакнете го неговото однесување, опишувајќи го влијанието кое го има врз тимот и колегите и учтиво побарајте да се промени.
Бидете својот најдобар мотиватор – наместо да бидете строги и критички настроени кон себе, неопходно е да се мотивирате преку охрабрувачките мисли кои ќе Ве поттикнат да постигнете подобри резултати, а со тоа ќе бидете инспирација и за дртугите.

И не заборавајте, работното место е нашиот втор дом и место на кое поминуваме значаен дел од нашето секојдневие. Вреди да уживаме работејќи!

Центар за едукација – Жан Митрев Клиника

Со ребрендирањето на Специјалната болница “Филип Втори“ во  “Жан Митрев Клиника“ се поврзува уште еден новитет, а тоа е отпочнување со функционирање на Центарот за едукација на средно медицински персонал.

На 06 март, 2017 година и официјално ќе отпочне со работа Центарот за едукација, кој ќе функционира во рамките на болницата. Со тоа ќе се реализира  уште една иницијатива  која треба да придонесе за теоретски и практично воведување во работата на средно медицинскиот персонал кој ќе работи во болницата, но и на вработените на овие позиции, кои треба да ги потврдат и унапредат своите знаења и вештини. Основната цел на овој центар е структуирано, целно едуцирање на лицата кои ќе се пријават на конкурс за едукација, заради лична едукација или вработување во болницата. Програмата за обука опфаќа основно и напредно ниво на обуки.

Наскоро ќе биде објавен Конкурс со критеруми за пријавување на сите заинтересирани медицински сестри за обука и вработување. “Обуката ќе биде тримесечна, по однапред развиен курикулум за tailor-made training или т.н. скроена обука. Тоа подразбира посетување на обука од кандидатот која се состои од теоретски и практичен дел, пет дена во неделата. Предавањето е предвидено да трае од 3 до 4 часа, а потоа канидадатот ќе треба да посетува пракса во траење од 4 часа. На крајот од денот, наученото ќе биде проверувано од страна на менторот, номиниран за секој од кандидатите, пред почетокот на обуката. По тримесечната едукација, секој кандидат ќе полага испит, пред комисија за сертификација, и секој што успешно ќе помине на истата ќе добие сертификат за завршена едукација (каде ќе бидат наведени сите вештини кои би можеле да ги извршуваат лицата кои ќе поминат на оваа едукација). Сите кои ќе покажат одлични резултати, а по препорака на комисијата ќе имаат можност да се вработат во болницата.

Овој конкурс е отворен и за сите заинтересирани лица од други институции или невработени млади со завршено средно медицинско образование кои сакаат да го надоградат своето знаење, да поминат пракса во болницата. За тие лица, кои дополнително ќе се пријават, услугата ќе треба да биде платена.  „Тоа подразбира дека во нашиот центар ќе може да се пријават на тримесечната обука повеќе лица отколку што е планирано за вработување во болницата. Тоа секако, ќе биде детално објаснето во конкурсот кој ќе биде објавен пред секоја обука“.

Во текот на процесот на едукација, учесниците ќе добијат и прирачник за работа, составен од сите предавања кои ќе бидат одржани.

Овој центар е со финансиска  поддршка од д-р Жан Митрев кој континуирано е фокусиран на воведување на нови стандарди во работењето, постојаност во јакнење на капацитетите на вработените, а еден од начините за тоа е и овој едукативен модел. Со овој новитет, кој е единствен во клиниките и болниците во Р.Македонија, ќе се придонесе за унапредување на знаењето и на вработенитете од редот на средно медицински персонал во болницата, а во насока на континуирано јакнење на  нивните капацитети и следење на современите трендови во работата.

Низа за активности за подигнување на свеста за здрав начин на живот

Со интерактивна работилница насловена како Генетика, нутриционизам и здрав начин на живот, годинава беше започната Неделата за борба против срцево садови заболувања. Тимот на “Филип Втори“, како и секоја година, беше активен чинител, и на 20.02.2017, во конференциската сала во болницата, пред волонтерите од Клубот на млади на Црвениот Крст на Град Скопје, претставници од нив зборуваа на оваа тема. Вера Кировска, нутриционист во болницата стави акцент за тајните на здравата исхрана и водење на здрав живот кои се од голема важност за младите. “Најважно е да се работи на развивање на нашата самосвест и вежбање на самоконтролата, а останатите работи сами по себе ќе се наредат, вклучувајќи ја и правилната исхрана. Кога зборуваме од аспект на храната, не постои здрава или нездрава храна, што смееме или не смееме да консумираме. Сè може да се јаде, повеќе или помалку. Треба само да го слушаме телото кое веднаш нѝ испраќа сигнали доколку консумираме нешто што му пречи на организмот. Затоа тука е најважна самоконтролата“, потенцираше таа. Горан Кунгуловски, доктор на науки по геномика и епигеномика, од Лабораторијата за генетика зборуваше на тема персонализирана генетика и кардиоваскуларни болести. Зборуваше за значењето од однапред скроена медицина или персонализирана медицина или медицинска нега базирана на индивидуата. Овој пристап е важен за:

Максимизирање на ефикасност на третмани, минимизирање на несакани дејства
Профилакса за болести (третман на болеста пред да се појават симптомите)
Прекинување на бесполезни третмани

Илија Дојчиновски, здравствен психолог зборуваше на темата воведување на здрави навики за здрав живот каде се осврна на важноста од редовна физичка активност, балансирана исхрана со овошје и зеленчук, социјализација, но и одвојување на време за себе, за читање. Секако важно е одржување на цврста врска со семјството, искажување на чувства кон најблиските, но и откажување од штетните навики(пушење), како и контролирање на ризик факторите кои водат кон стрес, беа некои од поентите на Дојчиновски. Активностите со волонтерите од Црвенио крст на Град Скопје продолжија со бесплатни прегледи на 10 деца од згрижувачки семејства и посета на тројца оперирани пациенти. При посетата, психологот од болницата и волонтерите разговараа со нив за процесот на опоравување, за промените во семејнтата динамика кои ги носи оперативниот зафат како и со членовите на семејството кои се особено важен агенс на поддршка во фазата на домашна рехабилитација. „Беше предизвик да се разговара со луѓе кои со својата решителност и храброст поминале крупни оперативни зафати и повторно се враќаат во секојдневно милје со своите улоги во семејството. Им благодариме за гостопримството и им посакуваме многу години здрав живот“, изјавија по посетата. И волонтерите од Црвениот крст на општина Центар се приклучија на активностите. Активноста се реализираше на падините на Водно, поточно на пешачката патека од подножјето до врвот на Водно.

Рекреативната дружба со цел да се испромовира здравиот начин на живот, беше искористена на случајните минувачи кои решиле своето слободно време да го поминат на планински воздух да им се дели печатениот пропаганден материјал подготвен од страна на стручни лица од болницата. Младите беа посветени на целта за материјалите да завршат во рацете на лица кои се одлучиле на Водно да дојдат со своите автомобили или да ја искористат жичарницата, при што им се потенцираше потребата на организмот од рекреативни прошетки кои позитивно влијаат на човековото здравје, особено на кардиоваскуларниот систем. Советите од волонтерите беа одлично прифатени од страна на скопјани, а сето тоа во насока на подигнување на свеста за здравиот начин на живот.

17 роденден во знакот на подигнување на свеста за опасноста од дијабетот и поврзаноста со кардиоваскуларните заболувања

Голем интерес кај бројните доктори во чие работно секојдневие е третманот на пациенти со дијабет предизвика работилницата за Дијабетот и кардиоваскуларните заболувања, организирана на 01 март 2017, во Аудиториумот на новата болница. Аларматноста на заболени лица од оваа болест која преминува во епидемиски размери и бара посериозен пристап од ресорните институции, беа иницијална каписла кај д-р Жан Митрев и неговиот тим за оваа тема да биде во фокусот на одбележување на 17-годишната работа и една година во новата болница. За сериозноста на болеста потврдуваат и интерните статистички податоци во болницата, кога за разлика од пред 17 години бројот на пациенти кои имаат дијабетис бил 30%, сега е 70% кои се лекуваат во болницата.

За атрактивноста на настанот, кој беше организиран со поддршка на РЕПЛЕК-Македонија придонесоа и поканетите еминентни предавачи од САД и Р. Македонија. Зошто имаме епидемија од дијабет, објасни д-р Питер Батлер, угледен професор на медицински факултет BWF-IT-MD- UCLA, од САД, кој за прв пат е на овие простори. Истражување на д-р Петар Батлер се фокусирани на абнормалната секреција на инсулин кај дијабетот, причините за смртта на бета клетките кај дијабетот и можноста да се поттикне регенерација на островчињата “islet cells” кај луѓето со дијабетес. Тој е, исто така, шеф на катедра на Одделението за Ендокринологија, дијабетес и хипертензија, а неговата клиничка пракса во Лос Анџелес е фокусирана на заштита на пациентите со дијабетес.

Проф. д-р Милчо Богоев од Клиниката за ендокринологија во Македонија, специјалист по интерна медицина, прв субспецијалист по ендокринологија во Македонија, со посебен интерес кон диабетилогија, а специјалност за диабетолошка имунологија, во неговата презентација објасни за концептот на постпрандијална хипергликемија и кардиоваскуларни компликации. Тој е еден од тројцата основачи на македонската ендокринологија и Клиниката за ендокринологија во Скопје, еден од основоположниците на диабетолошката служба, преку развој на центри во Македонија.

Д-р Славица Туџарова, која доаѓа од Универзитетот во Калифорнија, САД. Нејзините истражувања се фокусирани на крос-линкот помеѓу метаболизмот, иницирање на ДНК репликацијата и клеточниот циклус во човековите клетки и ткива, а во својата презенетација се осврна на Бета клетки во дијабетисот- метаболично-митохондријално осакатување.

За поврзаноста на дијабетот со кардиоваскуларните заболувања зборуваше д-р Жан Митрев. За време на неформалната дружба, кога соодветно беше одбележан роденденот на болницата, докторите разменуваа искуства од праска, но и бараа одговори за одредени дилеми од еминентните предавачи.

Претходно, темата за работилницата беше најавена и на прес-конференцијата од страна на д-р Митрев. Во своето обраќање, пред новинарите потенцираше за алармантноста на болеста во светски рамки и потребата од сериозен пристап кон неа од страна на стручната јавност, како и од ресорните институции. „Оваа работилница и ваквите настани е почеток на активностите кои планираме да ги продолжиме и во иднина, а со цел подигнување на свеста за одредени прашања од медицинската сфера, размена на искуства помеѓу стручните лица, споделување на знаења и научени лекции“, најави д-р Митрев. Аларманоста од оваа болест ја потврдуваат бројките. „Дијабетот го руинира организмот, а ние се соочуваме со сите последици од оваа болест која е во континуиран пораст на светско ниво и се должи пред се, на начинот на исхрана, оптоварен со јагленохидрати, како и на наследната склоност кон дијабетис. Сепак, ова е болест која може да се контролира, а доколку навреме не се преземат потребните мерки доведува до катастрофални последици. Дваесет илјади луѓе годишно умираат во Македонија поради компликации кои ги предизвикува дијабетот – покажуваат светските податоци изготвени според бројот на жители“, истакна д-р Митрев. Тој потенцираше дека дијабетесот е епидемија на светско ниво и е контролирана болест која може многу добро да се регулира и пациентите да доживеат и длабока старост. Но, доколку не се регулира соодвтено последиците се катастрофални, посочи д-р Митрев.

За 17 години во болницата се изведени 19.000 кардиоваскуларни и 30.000 други операции, а за само една година во новата болница се направени над 3.500 операции и 40.000 прегледи и други интервенции.