00389 2 3091 484
март 03,2017
Голем интерес кај бројните доктори во чие работно секојдневие е третманот на пациенти со дијабет предизвика работилницата за Дијабетот и кардиоваскуларните заболувања, организирана на 01 март 2017, во Аудиториумот на новата болница. Аларматноста на заболени лица од оваа болест која преминува во епидемиски размери и бара посериозен пристап од ресорните институции, беа иницијална каписла кај д-р Жан Митрев и неговиот тим за оваа тема да биде во фокусот на одбележување на 17-годишната работа и една година во новата болница. За сериозноста на болеста потврдуваат и интерните статистички податоци во болницата, кога за разлика од пред 17 години бројот на пациенти кои имаат дијабетис бил 30%, сега е 70% кои се лекуваат во болницата.
За атрактивноста на настанот, кој беше организиран со поддршка на РЕПЛЕК-Македонија придонесоа и поканетите еминентни предавачи од САД и Р. Македонија. Зошто имаме епидемија од дијабет, објасни д-р Питер Батлер, угледен професор на медицински факултет BWF-IT-MD- UCLA, од САД, кој за прв пат е на овие простори. Истражување на д-р Петар Батлер се фокусирани на абнормалната секреција на инсулин кај дијабетот, причините за смртта на бета клетките кај дијабетот и можноста да се поттикне регенерација на островчињата “islet cells” кај луѓето со дијабетес. Тој е, исто така, шеф на катедра на Одделението за Ендокринологија, дијабетес и хипертензија, а неговата клиничка пракса во Лос Анџелес е фокусирана на заштита на пациентите со дијабетес.
Проф. д-р Милчо Богоев од Клиниката за ендокринологија во Македонија, специјалист по интерна медицина, прв субспецијалист по ендокринологија во Македонија, со посебен интерес кон диабетилогија, а специјалност за диабетолошка имунологија, во неговата презентација објасни за концептот на постпрандијална хипергликемија и кардиоваскуларни компликации. Тој е еден од тројцата основачи на македонската ендокринологија и Клиниката за ендокринологија во Скопје, еден од основоположниците на диабетолошката служба, преку развој на центри во Македонија.
Д-р Славица Туџарова, која доаѓа од Универзитетот во Калифорнија, САД. Нејзините истражувања се фокусирани на крос-линкот помеѓу метаболизмот, иницирање на ДНК репликацијата и клеточниот циклус во човековите клетки и ткива, а во својата презенетација се осврна на Бета клетки во дијабетисот- метаболично-митохондријално осакатување.
За поврзаноста на дијабетот со кардиоваскуларните заболувања зборуваше д-р Жан Митрев. За време на неформалната дружба, кога соодветно беше одбележан роденденот на болницата, докторите разменуваа искуства од праска, но и бараа одговори за одредени дилеми од еминентните предавачи.
Претходно, темата за работилницата беше најавена и на прес-конференцијата од страна на д-р Митрев. Во своето обраќање, пред новинарите потенцираше за алармантноста на болеста во светски рамки и потребата од сериозен пристап кон неа од страна на стручната јавност, како и од ресорните институции. „Оваа работилница и ваквите настани е почеток на активностите кои планираме да ги продолжиме и во иднина, а со цел подигнување на свеста за одредени прашања од медицинската сфера, размена на искуства помеѓу стручните лица, споделување на знаења и научени лекции“, најави д-р Митрев. Аларманоста од оваа болест ја потврдуваат бројките. „Дијабетот го руинира организмот, а ние се соочуваме со сите последици од оваа болест која е во континуиран пораст на светско ниво и се должи пред се, на начинот на исхрана, оптоварен со јагленохидрати, како и на наследната склоност кон дијабетис. Сепак, ова е болест која може да се контролира, а доколку навреме не се преземат потребните мерки доведува до катастрофални последици. Дваесет илјади луѓе годишно умираат во Македонија поради компликации кои ги предизвикува дијабетот – покажуваат светските податоци изготвени според бројот на жители“, истакна д-р Митрев. Тој потенцираше дека дијабетесот е епидемија на светско ниво и е контролирана болест која може многу добро да се регулира и пациентите да доживеат и длабока старост. Но, доколку не се регулира соодвтено последиците се катастрофални, посочи д-р Митрев.
За 17 години во болницата се изведени 19.000 кардиоваскуларни и 30.000 други операции, а за само една година во новата болница се направени над 3.500 операции и 40.000 прегледи и други интервенции.