Срцето на Верка повторно со љубов за сите

Измешани емоции, прегратки и желби за уште многу години заеднички живот ја карактеризираа средбата на Верка Балоска, пациентката со успешна автотрансплантација на срце, со нејзиното семејство. На 16 октомври, во попладневните часови тие беа дојдени од Струга и нетрпеливо чекаа да ја видат, да се осигурат во нејзината здравствена состојба и да ја вратат дома. Во меѓувреме, во соба 124 во одделението за полуинтензивна нега медицинскиот тим ги правеше последните прегледи кај Верка, пациентката кај која пред две недели, д-р Жан Митрев ја направи 4-та автотрансплантација на срце во болницата ЖАН МИТРЕВ. Откако, уште еднаш се утврди дека таа е во стабилна состојба и по дадените насоки за домашно лекување и план за контролни прегледи, Верка се подготвуваше за дома. Насмевката на нејзиното лице по појавата на внуката Лиле нѝ ја потврди љубовта и поврзаноста на Верка кон неа, за што нѝ раскажуваше претходните денови.

„Емоциите ме совладаа и имам недостаток на зборови за да ја искажам благодарноста кон д-р Жан Митрев и целиот тим кој ја врати мојата тетка во живот. Неизмерно сме благодарни што д-р Митрев успешно ја изврши оваа ретка, специфична интервенција. Како медицинско лице знам каква беше состојбата на тетка ми, а како е сега. Ова што го прави д-р Митрев е реткост за наши простори и тоа особено го почитуваме“, со трепет во гласот се заблагодаруваше внуката Лиле. Среќата дека е повторно со своето семејство беше поголема кога Верка ги виде и останатите од нејзиното семејство кои ја чекаа во фоајето на првиот кат од болницата.“ Да си ни жива и здрава. Уште многу години да си живееме“, низ солзи се поздравија со Верка и останатите од пошироката фамилија. „Ќе се грижиме за неа и ќе го негуваме продолжениот живот на нашата Верка. Вие го направивте најголемиот и најтежок дел, останатото е наша одговорност“, ни рекоа на заминување од болницата. Посакуваме Верка да ја продолжи традицијата на одржување на врската со целата фамилија. Таа пак, до д-р Митрев и неговиот тим остави аманет да продолжат со мисијата за спасување и продолжување на животи како највредното богатство за еден човек, фамилија…

Редовни контроли за безбедни и коректни радиолошки процедури

Секоја година во болницата ЖАН МИТРЕВ се спроведува мониторинг во одделот за радиологија со цел утврдување дека сите радиолошки процедури кои се извршуваат овде се безбедни за пациентите, околината и персоналот. Во согласност со Правилникот и Процедурите за радијациска заштита на ПЗУ,, Жан Митрев“ се изврши редовен годишен мониторинг – активна дозиметрија со мобилни детектори (јонизациони и G-M бројачи) со валидна калибрација и контрола на квалитет на рентген апаратурата која се користи во нашата болница. Целта на овие мерења е да се овозможи точна, коректна и безбедна дијагностичка радиолошка процедура во согласност со принципот минимум ризик-максимум бенефит.

Мерењата беа извршени од страна на дипл. мед. физичар Зоран Велковски и дозиметрист Љупче Аризанкоски при Институтот за Јавно здравје на РМ и одговорниот радиолошки технолог Михајло Маноилов и одговорното лице за радијациска заштита Данијела Манев при ПЗУ Жан Митрев – Скопје.

Успешна симулациска вежба за евакуација од пожар во болницата ЖАН МИТРЕВ

Беспрекорна организираност на кризниот штаб, вработените и сите вклучени страни покажаа денес при вежбата за евакуација од пожар во болницата ЖАН МИТРЕВ. Целиот процес на активирање на алармот по избувнувањето на пожарот во кујна, од јавување до кризниот штаб и до сите вклучени институции (единицата за противпожарна заштита, полиција, брза помош и Црвен крст на РМ) се одвиваше во најкраток рок. Евакуација, прифаќање на повредени од персонал и евакуирање на пациенти по проширувањето на пожарот во одделенијата од подолните спратови беше синхронизирано и навремено организирано од стана на сите вклучени страни.

Додека екипите на противпожарната единица на Град Скопје го гасеа пожарот, се вршеше евакуација на сите повредени и прифаќање од стручните медицински екипи во тријажниот центар сместен во шаторите поставени во дворот на болницата. Потоа следуваше транспорт на најкритичните во најблиската клиника и пренос на сите повредени во шаторите. Потоа следуваше пребројување на пациенти и вработени. Откако се утврди дека никој не недостасува се изврши рапортирање на одговорните за вежбата пред претставниците на кризниот штаб. Симулациската вежба беше завршена за релативно кратко време, за неполни 25 минути, се одвиваше според утврдено сценарио и спроведена со висока оцена на координираност и навременост.

Вреден подарок од најмалите добија вработените од Ресторанот Пулс

Светската недела на детето ја одбележавме заедно со децата до градинката „Светот на Колорес“ кои беа во посета на ресторанот ПУЛС во болницата ЖАН МИТРЕВ. Нивната љубопитност и интерес го искажаа преку прашањата: Како се подготвува храната која секојдневно ја добиваат во градинката? Кој е нивниот готвач? Каде се подготвува и колку време?

Како примерни гости тие ги почитуваа и правилата на куќата и стандардите за безбедност при подготовка на храна, односно без приговор на себе ставија капи и каљачи со што претставуваа вистинска атракција. Фатени за рака поминуваа низ кујната разгледувајќи како и каде се приготвува нивната храна, при што предизвикаа пријатни емоции како кај вработените во кујната, така и кај останатите кои ја користеа дневната пауза во ресторанот

Благодарноста кон вработените за здрава исхрана ја искажаа преку неколкуте песнички кои ги испеаа за време на дегустацијата на колачињата кои беа специјално подготвени за нив. Најголемото изненадување од најмалите беше оставено за крај. Добивме цртежи преку кои децата успеаа да ја доловат атмосферата од денешната посета и да ги претстават нивните најсилни впечатоци.

Ниту 2.800 километри не беа пречка за безбеден медицински транспорт на пациент

Новиот предизвик од 1.400 км во еден правец, или 2.800 км во два правца, беше успешно совладан од стручниот тим за транспорт на пациенти од болницата ЖАН МИТРЕВ. На 28 септември од Скопје за Милано тргна тимот во состав д-р Илија Нешовски, сестра Весна Наумовска, возачот Слободан Јорданов за да преземат пациент од Државната клиника од Милано и да го транспортираат во Клиниката за неврохирургија во Скопје. Иако до сега се организирани повеќе медицински транспорти во регионот и пошироко, ова беше најдолгата релација до сега за тимот кој потврди уште еднаш дека далечината не е никаква пречка за безбедно преземање и транспортирање на пациенти на подолги релации. Предизвикот да се транспортира во стабилна состојба и во најдобар ред бил засилен бидејќи за овој пациент од неговата фамилија се организираше хуманитарна акција за лекување и враќање во својата држава.

Се работи за релативно млад пациент, македонски државјанин кој бил со политраума предизвикана од пад од висина на работно место, при што се здобил со субдурален хематом и бил во кома. Кај него биле направени две неврохируршки операции и по стабилизирање на невролошката состојба во клиниката во Милано тимот ЖАН МИТРЕВ добил барање за транспорт на пациентот од Милано во Скопје. Тргнаа на 28 септември, а веќе во саботата, на 30 септември пациентот, во стабилна состојба е предаден од стручниот тим од болницата ЖАН МИТРЕВ на колегите од интензивното одделение на Клиниката за неврохирургија во Скопје за понатамошно лекување. Тимот му посакува успешно лекување и надминување на сите тешкотии низ кои поминувал пациентот во изминатиот период.

По тешкиот период јас сум повторно жив

„Сè уште не можам да поверувам дека сум жив… Што можам да се вратам кај мојата фамилија, моето најголемо богатство, 2 сина и 8 внуци, да поживеам уште малку со нив и за нив“, со многу емоции зборуваше Ѓорги Пармачки (72) од с. Будинарци, Беровско. „Не знам ниту како сум донесен овде, ниту пак во каква состојба. Само знам дека сега сум жив. Се ми беше како во сон. Се до моментот кога видов една група на доктори кои беа над мене“, продолжи со неговата приказна Ѓорги.

Неговиот пат до болницата ЖАН МИТРЕВ почнува од неговиот дом, преку клиниката во Штип, за да „излезот“ го најде овде. „Почнав да имам проблеми со одењето, ми се намали кондицијата за движење така што посетата на моите најблиски ми стана проблем“. После тоа со неговиот син заминале на лекување во Клиниката во Штип. Таму останал неколку денови, но додека чекал на дијагноза тој веќе паднал во бессознание. „После тоа ништо не се сеќавам. Мислев дека сум мртов и како цело време да бев во состојба помеѓу сонот и јавето. Се до моментот кога не се разбудив и видов дека сум во болничка соба, опкружен со медицински персонал. После тоа знаев дека сум во вистинските раце. Не знам дали некаде на друго место, во која било земја има вакви услови и ваков персонал. Сè е светско“.

Кај пациентот Ѓорги Пармачки му беше направена реконструкција на аортна валвула и надолжна ресекција на асцедентна аорта со артопластика и 3 бајпаса. Операцијата беше направена од д-р Жан Митрев.

По веста дека денес си заминува дома кај Ѓорги се забележа возбуда. Средбата со неговиот син кој дојде за да го однесе дома потврди за поврзаноста на Ѓорги со неговите најблиски, што е тој повторно со нив. Персоналот кој беше деноноќно со Ѓорги го испрати и му посака уште многу убави моменти со неговата фамилија.

Трет повик за средно медицински персонал во Центарот за едукација ZAN MITREV CLINIC

По успешното завршување на едукацијата на првата и втора генерација на средно медицински персонал, отворен е нов повик за пријавување на кандидати. За едукација на средно медицински персонал во Центарот за едукација ZAN MITREV CLINIC може да се пријават сите заинтересирани кои завршиле четиригодишно средно медицинско образование, но и останати лица од оваа област кои сакаат да го надоградат своето знаење и да имаат врвна пракса во Специјализираната болница ЖАН МИТРЕВ.

Едукацијата и за оваа генерација ќе трае 3 месеци, според веќе практикуваниот курикулум за обука која се состои од теоретски и практичен дел. Предавањето се одвива пет дена во неделата, од 3 до 4 часа и пракса во траење од 4 часа. На крајот од денот, за наученото се прави евалуација од менторот. По тримесечната едукација, секој кандидат ќе полага испит, пред комисија за сертификација, и секој што успешно ќе помине на истата ќе добие сертификат за завршена едукација. Сите кои ќе покажат одлични резултати, а по препорака на комисијата, ќе имаат можност да се вработат во болницата.

Заинтересираните кандидати може да се пријават кај Александра Темелковска на е-маил: temelkovska@zmc.mk, а за сите детални информации може да се јавите на 02/30 91 500 и 02 / 30 91 484.