17 ноември – Светски ден на предвремено родените деца

Настани

ноември 14, 2024

Мали дела, ГОЛЕМ ИМПАКТ

Светскиот ден на предвремено родените деца се одбележува секој 17 ноември и има за цел да ја подигне свесноста за предвременото раѓање и предизвиците со кои се соочуваат децата и семејствата.
Оваа година тој се одбележува под мотото: Мали дела, ГОЛЕМ ИМПАКТ: Непосреден контакт кожа на кожа за секое бебе, секаде. Ова всушност ја потенцира важноста од оваа техника која се покажува како ефективна, особено за предвреме родените бебиња.

Предвременото раѓање е глобален проблем кој се јавува во сите држави на светот. А статистиката вели дека едно од 10 бебиња се раѓа предвреме.
Сите овие бебиња родени пред 37 недела од бременоста се изложени на ризик од различни здравствени компликации. Затоа на овој ден, се организираат различни активности, вклучувајќи кампањи, семинари и настани за поддршка. Крајната цел е да се создадат подобри услови за предвремено родените деца и да им се обезбеди правилен развој, а истовремено да се подигне свеста во јавноста за предизвиците и потребите на овие мали борци.
Одбележувањето на овој ден е важен чекор кон подобрување на животот на предвремено родените деца и нивните семејства, нудејќи им надеж и поддршка во нивниот пат кон здрав развој, раст и благосостојба.

Значењето на ,,кенгурирање,, кај предвремено родени деца

Методот кожа на кожа познат и како ,,кенгурирање,, е важна стратегија во грижата за предвремено родените деца. Оваа метода вклучува директен контакт кожа на кожа меѓу новороденчето и неговиот родител, обично мајката. Тој има бројни придобивки, кои се особено значајни за развојот и благосостојбата на предвремено родените деца.

Придобивки:

  1. Топлина и удобност: Контактот кожа на кожа помага да се регулира температурата на телото на новороденчето, што е од витално значење, бидејќи предвремено родените деца не можат да ја одржуваат својата телесна температура.
  2. Подобрен процес на хранење: Оваа метода поттикнува доење, што е клучно за хранењето и имунитетот на бебето. Контактот со мајката стимулира производството на млеко и го олеснува хранењето.
  3. Психоемотивна поврзаност: Кенгурирањето помага во создавањето на силна емоционална врска меѓу родителот и детето. Оваа блискост придонесува за развој на чувството на безбедност и сигурност кај бебето.
  4. Подобрување на здравствените параметри: Истражувањата покажуваат дека овој метод може да доведе до пократко време на хоспитализација, намалена стапка на инфекции и подобрување на здравствените параметри во развојот на детето.
  5. Намалување на стресот: Како за родителите, така и за бебето, овој метод помага во намалување на стресот и анксиозноста, создавајќи спокојна средина.

Кенгурирањето е многу значајно за предвремено родените деца, нудејќи им физичка, емоционална и нутритивна поддршка. Примената на оваа метода не само што подобрува здравствените резултати, туку и го зајакнува родителството и создава посебна врска помеѓу мајката и бебето. Затоа, охрабрувањето за примена на оваа метода е клучно кај предвремено родените деца.