00389 2 3091 484
февруари 02,2022
Васви сега ќе може да продолжи да расте како здраво бебе
Кај малиот Васви уште при самото раѓање бил откриен шум на срцето, по што на неговите родители им било препорачано веднаш да направат понатамошни испитувања. Истите беа спроведени во Клиничката болница Жан Митрев од страна на д-р Иван Милев, при што беше откриена компликувана вродена срцева аномалија.
Имено кај ова доенче сите крвни садови кои нормално би требало да ја враќаат крвта од белите дробови во срцето, наместо да се влеваат во левата предкомора, се влеваа абнормално во десната преткомора. Дополнително присутен бил и отвор меѓу двете предкомори, како и постоечка комуникација преку артерискиот дуктус кој во нормални услови физиолошки би требало да се затвори во тек на првите неколку дена од животот.
Како резултат на овој тип на вродена маана, протокот на крв во белите дробови кај Васви беше зголемен и резултираше со зголемен притисок во самите бели дробови, чести респираторни инфекции, отежнато дишење, брзо заморување, отежнато цицање, заостанување во растот и модреење.
Малиот Васви беше следен во континуитет. Тој манифестираше вознемиреност, имаше голем заостаток во поглед на телесната маса и повторливи респираторни инфекции.
За среќа и на голема радост на семејството, академик д-р Жан Митрев заедно со својот тим кога Васви достигна соодветна возраст го оперираше и успешно ги корегираше сите постоечки аномалии. Беше направено пренасочување на белоробните вени во физиолошката лева преткомора, затварање на атриалното септален дефект со автологен перикарден пач и затварање на артерискиот дуктус.
По завршувањето на операцијата малиот Васви беше примен на интензивна нега каде беа следени неговите витални параметри. Уште во текот на првиот ден беше исклучен од механичката вентилација и брзо се стабилизираа неговите витални параметри. Отпочнато беше со хиперкалорично хранење, кое добро го поднесуваше што се манифестираше со брз раст во телесната маса.
По 10 дневен прстој Васви е споен со неговата мајка и веќе како здраво доенче е испишан од нашата клиника.
Сега Васви е здраво дете кое брзо ќе напредува во неговиот раст и развој.