00389 2 3091 484
февруари 02,2020
1 март 2020 година е датумот на кој „Zan Mitrev Clinic“ ќе го одбележи својот 20-годишен јубилеј. По тој повод, токму на тој ден се предвидени низа активности со кои ќе биде одбележан овој мошне значаен датум и јубилеј, а во меѓувреме со помош на дел од приказните испишани заедно со пациентите на оваа клиника ќе се потсетиме на почетоците, на приказните со среќен крај, но и на она дека сите поседуваме срце, богато или опустошено или полно како овој свет…
Поголема радост за една жена, една мајка од онаа кога на свет ќе донесе нов живот велат нема. Ниту поголема љубов и среќа… Емоција која не може да се опише со зборови… И болката е емоција, и нема поголема и пострашна за една мајка на која наместо да му се радува на новиот живот и рекле да се подготви на најлошото…
„Наместо да се радувам и да го држам во прегратките своето чедо, ми рекоа да се спремам за најлошото. Неколку часа откако се породив, кога веќе почнаа да пристигнуваат честитките, ми кажаа дека детето е критично и не се знае дали ќе преживее. Тоа за мене беше огромен удар, наместо да го подојам, да го држам во раце, станав да се простам од моето дете“, вака ја почнува својата трогателна приказна Даниела Ефремовска од Свети Николе, млада мајка која денес има насмевка на лицето, но признава, после сè што им се случило нејзе и на нејзиниот сопруг Димитар сè уште не може да поверува дека нивниот Михаил, нивното сонце е тука, дека го држат во рацете.
Михаил денес има три месеци и овој мал јунак воопшто не изгледа како животот да му висел на конец и како на неполни 24 часа да издржал операција на срценцето. Михаил не знае и можеби нема да се сеќава, но мама и тато и тоа како ќе го паметaт денот кога се роди и денот кога доктор Жан Митрев со својот тим го дадоа и својот последен атом енергија и знаење срцето на Михаил да продолжи да чука и посилно, и поубаво, и посигурно. Мама и тато велат Михаил имал век, но за него имало и лек.
„После породувањето, после некаде околу шест часа ми рекоа дека бебето итно мора да се однесе во Скопје, а се породив во Штип. Не беа сигурни дали има срцева мана или можеби аспирирал плодова вода. Сопругот замина со брзата помош за Скопје, а јас останав во болница. Вечерта ме контактираа и ми рекоа дека најверојатно нема срцева мана, но оставија да ми потврдат следното утро. Имав нормална бременоста. Второ дете ми е и ги направив истите прегледи како и со првото, ниту помислував дека може да има некаков проблем. Следното утро околу 8 часот ми се јавија и ми рекоа сопругот итно да дојде во Скопје затоа што детето има срцева мана и ќе се носи во клиниката на доктор Жан Митрев, како и дека таму ќе кажат за што точно станува збор. Рекоа дека најверојатно станува збор за транспозиција на крвните садови. И тогаш го слушнав она што не посакувам да го слушне ниту еден родител, педијатрите од Штип ми рекоа си имаш друго дете сето внимание нека ти биде насочено таму и дека според нивните досегашни искуства за ваква срцева мана немало решение. Ми рекоа да се спремам за најлошото. Тоа за мене беше шок, шок… Му се јавив на сопругот, а тогаш веќе беше почната операцијата, и му реков не чекај, оди си, ми рекоа дека нема надеж…“, со солзи во очите ја почна својата страшна приказна Даниела, која не добила дозвола да ја напушти болницата бидејќи немало ниту 24 часа од породувањето.
„Ме ставија во посебна соба, бев сама. Михаил не го ни видов, не го ни подоив, а веќе ми рекоа дека треба да се простам од своето чедо“, вели оваа млада мајка и додава: „Имав многу лесно породување и мислев дека сè ќе биде совршено како и моето бебенце. Веќе бев почнала и да се јавувам по луѓето за да се пофалам дека имам син и дека сè е супер, кога почна нашата голгота. Се надеваш на најубавото, а се случува спротивното. Пред да тргнат за Скопје ми дадоа да го видам, беше модар, дури не беше ниту истото бебе кое ми го ставија на градите после породувањето.“
Стар неполни 24 часа, но голем јунак. Со измачено и слабо срценце, но огромна желба за живот. Тешката операција се случува следното утро.
„Сопругот беше тука, на „Zan Mitrev Clinic“ за време на операцијата, откако сè се заврши му кажаа дека иако е стабилен првите 48 часа се критични и дека после тој период ќе може да се дадат и првите прогнози. За тоа време побарав да ме пуштат од болница за да можам да дојдам во Скопје и да бидам покрај своето дете. Ми рекоа дека е среќа што е роден 4 100 г и е крупничко и посилно дете. Веќе на 13-иот ден ме повикаа да нè спојат со Михаил, па заедно останавме уште десетина дена.
Михаил сега е здраво бебе, а дека е голем јунак доволно зборува тоа што успеа да ја извојува најтешката битка, битката за сопствениот живот. Можеби не може да ја раскаже својата приказна сам, но затоа ако нешто не му по, се вели, ќеф знае да викне онака здраво, машки. Има само три месеци, но е напреден и веќе главчето сам го држи исправено.
Михаил е наша ѕвезда, името сам си го избра
„Го криевме од ќеркичката кога го капевме за да не му ја види раната, не сакавме да се исплаши. Има само 5 години и не може да разбере што му е на бато. Но иако не зборувавме пред неа таа, веројатно, чувствуваше дека нешто се случува и постојано му пееше: „Ти Михаил имаш големо срце.“
Михаил е нашето срце, нашиот јунак, но докторот Жан Митрев е нашиот херој, велат мама Даниела и тато Димитар.
„Нема зборови со кои можеме да искажеме колку сме му благодарни за сè што стори за нас. Секое утро додека бевме во болница доаѓаше да нè види, ни даде надеж дека детето ќе ни биде спасено. Операцијата беше ризична бидејќи Михаил беше премногу мал, но кога околу вас имате борци сè е полесно. Овде секоја операција, секој преглед, секој зафат е борба за живот. Без тимот на д-р Митрев мислам дека немаше да ја добиеме оваа битка. Вистински професионалци. Му дадоа живот. Достапни се 24/7, дури и неколку пати ни се имаат сами јавено да прашаат како е Михаил, што прави, ме советуваат. Доктор Митрев ни кажа дека Михаил после операцијата ќе си има најнормален живот и искрено веруваме во тоа“, едногласни се Даниела и Димитар, иако признаваат дека она што го преживеале ќе треба да помине многу време да го заборават.
„Се трудиме да живееме нормално, но ќе треба да помине уште многу време за да го заборавиме она што го преживеавме. Реагираме на секој шум, звук. На почетокот ми беше буквално и страв да го држам во раце за да не го повредам. Имаме среќа да имаме вакви медицински лица кои се тука за сè што ни треба, па буквално правам како ќе ми кажат тие. Си ја знаат својата работа и не им се мешаме“, вели мама Даниела.
Овде во разговорот се вклучи и тато кој буквално не можеше да изусти ниту збор кога зборувавме за периодот во кој не знаел дали ќе му го спасат синот, но и како му е сопругата која штотуку се породила.
„Најлошото помина, но уште ме болат зборовите на ќеркичката Нина, која има само 5 години и не знаеше што се случува, но постојано ми велеше: ’Тато зошто сте тажни?!’“, вели тато Димитар и додава: „Наместо да се радуваме и да славиме, ние тргнавме со плачење. Тоа што го поминавме ни на душман да не му се посака.“
Приказната за раѓањето и голготата е траорна и не остава рамнодушни. Пред оваа исповед се топат и најцврстите срца, но затоа приказната за името на Михаил е преслатка. Требало да се вика Милан, во чест на омилениот фудбалски клуб на тато, но така сакал тато, не и некој друг.
„Требаше да се вика Милан, но бидејќи е роден на 19 ноември, а операцијата се случи на 20 кога е празникот Архангел Михаил, не размислувавме, па желбата за Милан остана само желба. Сам си го одбра името, наше беше само да го потврдиме тоа. Затоа сега ќе славиме два родендени, денот кога е роден и денот кога му беше операцијата, а си има и именден“, вели мама, која ни кажа и дека е во контакт со група родители од Хрватска, кои имаат дечиња со ист здравствен проблем како и Михаил. Зборувала со една мајка чие бебенце било родено во август, а операцијата му била направена во Австрија.
„Кога ѝ кажав дека ние тоа го направивме во Скопје на „Zan Mitrev Clinic“ не ѝ се веруваше каква клиника имаме“, раскажува Даниела и додава: „Само да знаете колку пати се прашав што се случило. Зошто?! Зошто мене, каде згрешив. Си велев да не е до годините, да не е до ова, до она… Но важно најлошото заврши, а за тоа што Михаил сега е во нашите прегратки сме му благодарни на доктор Митрев и целиот докторски тим.“
Вели, благодарение на д-р Митрев нејзиното чедо е тука, во нејзините раце, до нејзиното срце. Можат да му се радуваат на животот, да го чекаат заедно првото запче, да ја пробаат првата кашичка…
Тато Димитар зборуваше помалку, не затоа што не сака да зборува и да го сподели своето искуство, туку вели затоа што има грутка во градите и грлото. Па на крајот со солзи во очите ја цитираше својата петгодишна ќеркичка Нина, која велела – „Ги сакам мама, тато и Михаил до небото и назад“, и додаде: „Така вели Нина, а ние велиме голема благодарност до доктор Митрев, до небото и назад.“
И да, ако мислевте дека Михаил е тивко и измачено бебенце, бидете сигурни дека не е. Можеби не можете да го слушнете, но нам и тоа како ни покажа дека е тука и дека е силен и полн со живот. Да си жив и здрав јунаку!