Закажете преглед

Закажи преглед

00389 2 3091 484

Дневна доза здравје

Назад до Дневна доза здравје

29.08.2023

4 најчести причинители на болки во грбот

Ние имаме решение

Болките во грбот се честа состојба од која страда голем дел од популацијата. Најчесто станува збор за болки кои се лоцирани во долниот дел на грбот, карлицата или пак во пределот на вратот и горниот дел од ‘рбетниот столб (цервикална зона). Овие болки може да имаат различни причинители и да се разликуваат по својот интензитет и времетраење.

Најчести причини за болки во лумбалниот и цервикалниот регион

Некои од најчестите причини за болки во грбот и вратот вклучуваат:

  • Повреди и прекумерен напор – болката во грбот може да биде предизвикана од повреди на рбетот како што се: истегнување на мускулите, истегнување или хернија на дискусите (перничињата) меѓу пршлените. Повторлив напор/пренапрегнување или неправилно кревање тешки предмети, исто така, може да предизвикаат болка во долниот дел на грбот.
  • Неправилно држење на телото – континуирана неправилна позиција на телото, односно негово несоодветно држење подолг временски период, без разлика дали седите или стоите, може да направи притисок врз ‘рбетот и мускулите на грбот, што пак може да резултира со болки во долниот дел на грбот или во вратот.
  • Дегенеративни проблеми – со стареењето, интервертебралните перничиња (дискуси) може да се истрошат или да се појави хернија/абење, што може да резултира со болки во грбот. Остеоартритисот и ‘рбетната стеноза се исто така дегенеративни состојби кои можат да придонесат за болка во долниот дел на грбот или вратот.
  • Компресија на нервите – доколку нервите кои излегуваат од ‘рбетниот столб се компресирани/вклештени или иритирани, може да дојде до болка во грбот. На пример, хернираниот односно оштетен диск може да ги компресира нервите и да предизвика болки во грбот или вратот, во зависност од локацијата на хернијата.

Можни третмани за болки во грбот

Третманот за овој ти на болки во грбот зависи од основната причина, односно предизвикувач и може да вклучува мерки како што се:

  • Одмор и умерена физичка активност – одморањето во акутна фаза односно во првите неколку дена по појавата на болката, може да биде корисен. Сепак, важно е да останете активни со лесни вежби за одржување и зајакнување на мускулите на грбот и подобрување на држењето на телото.
  • Лекови – медикаментите кои се користат со цел ублажување на болката како што се ибупрофен или ацетаминофен може да се земат без рецепт. Во потешки случаи, може да се препишат и нестероидни противвоспалителни лекови или мускулни релаксанти.
  • Физикална терапија – може да вклучува вежби за истегнување, зајакнување на мускулите и техники за релаксација за ублажување на болката и подобрување на подвижноста.
  • Алтернативни терапии – кај некои лица, болката во долниот дел на грбот или вратот може да се смири преку и со комплементарни терапии како што се: акупунктура, киропрактика или терапија со масажа. Сепак, клучно е да се консултирате со стручно лице пред да ги испробате овие опции.

Доколку чувствувате постојана или силна болка во долниот дел на грбот или вратот, се препорачува да се консултирате со лекар или специјалист ортопед. Тие ќе можат да направат целосна проценка и да ви дадат точна дијагноза, како и да го препорачаат најдобриот третман за вашата специфична состојба.

Во нашата клиника достапни за прегледи и совети ви се нашите специјалисти ортопеди, травматолози и физиотерапевти кои имаат долгогодишно искуство во оваа област. Исто така располагаме со центар за третман на болка, кој е специјализиран за дијагноза и третирање на хронични болки од различни причинители и потекло кои не реагираат на вообичаените аналгетски лекови. За да закажете термин ве молиме јавте се во нашиот контакт центар на 02/3091-484.