Закажете преглед

Закажи преглед

00389 2 3091 484

26.04.2024

Алергија кај деца

Што е алергија?

Алергијата преставува зголемена осетливост на организмот на одредени супстанции познати како алергени.
При тоа настанува цела низа на процеси-реакции на создавање на антитела од типот на IgE како и различни видови на имунолошки комплекси од кои потоа ќе зависи и како ќе се манифестира целокупната реакција како здравствен проблем.
Околу нас има многу алергени кои за дел од популацијата се безопасни, додека за останатите може да бидат и животозагрозувачки. Општа констатација е дека променетиот начин на живеење доведува до тоа организмот на децата да не ги препознава вообичаените нешта од окружувањето и да реагира на начин како да се непријател.

Кои се ризик факторите за развој на алергија кај децата?

  • Генетска предиспозиција (алергии кај родителите или членови од поширокото семејство). Ако еден од родителите има алергија 50 % се шансите и детето да има алергија. Ако и двајцата родители имаат алергија, 80 % се шансите и детето да има алергија.
  • Аерозагадувањето влијае негативно на дишните патишта. Поголемите честички ПМ10 честичките се задржуваат во горните дишни патишта, но помалите ПМ1 и ПМ2 кој се поситни одат до најмалите дишни патишта во белите дробови и прават хронична инфламација односно воспаление на слузницата и оштетувања.
  • Изложеност на чад од цигарите
  • Неправилна исхрана кај децата и намалена физичка активност
  • Престој на децата во затворени простории каде што се запазува прекумерна чистота (хиперчиста средина).
  • Влагата во затворен простор е фактор за развој на алергиски ринитис.
    Сето ова погоре споменато влијае имунолошкиот систем кај децата да реагира малку поинаку од вообичаено.

Видови алергени – што се може да предизвика алергија?

Алергиите се поделени во групи во зависност од сезоналитетот или алергенот предизвикувач.

Во зависност од тоа кога се јавуваат, алергиите може да бидат:

  • Сезонски (се јавуваат во одредена сезона од годината – пролет, лето или рана есен). Такви се пред се алергиите од полен. Најчесто се манифестираат како алергиски ринитис и кај нас почнуваат од февруари и траат до ноември. Од февруари до април цветаат дрвјата, од април до јуни цветаат тревите, во мај месец цвета брезата кој е доста јак алерген, крај на август имаме полен од амброзија.
  • Целогодишни (се јавуваат во текот на целата година). Такви се алергиите на домашна прашина. Тоа се всушност дерматофагоиди – микрокрлежи или народски познати како грини кои се присутни во домот. Нив ги има во душеците, перниците, теписите, кадифените играчки. Поради тоа се препорачува доколку се утврди дека детето има алергија на домашна прашина да се извадат теписите, завесите и да не се употребуваат кадифени играчки. Душеците да се чистат со длабински чистачи, да се користат антиалергиски перници, навлаки, душеци.

Од алергии на домашни миленичиња тоа се претежно алергии на куче, маче или на други домашни животни.

Како најсилен алерген во исхраната кај децата е млекото и млечните продукти, белката од јајцето, риба и морски плодови, јаткастите плодови (ореви, лешници, бадеми, фстаци) од овошјето: малини, капини, јагоди, киви.
Алергиите на храна и лекови се манифестираат секој пат кога детето ќе дојде во контакт со нив.

Во зависност од тоа кој е предизвикувачот на алергијата алергените се делат на:

  • Инхалаторни алергени – тоа се алергени кои се присутни во воздухот (полен, домашна прашина, мувла, домашни миленичиња).
  • Нутритивни алергени – тоа се алергени кои се присутни во прехранбените производи.
  • Контактни алергени (козметички средства, хемиски препарати итн.)
  • Убод од инсекти што содржат отров (пчели, оси, стршлени).

Што се случува во организмот на детето кога доаѓа до алергија

Кога организмот на детето е во контакт со некој алерген за него, доаѓа до создавање на имуноглобулини од класата на IgE. Настанува една имунолошка реакција каде што доаѓа до оштетување на мембраната на мастоцитите и при тоа од нив се отпушта хистамин, простагландини и други медијатори кои предизвикуваат одредени симптоми.

Овие медијатори предизвикуваат:

  • Вазодилатација на крвните садови (проширување на крвните садови) па поради тоа се јавува и црвенило на кожата, оток на носната слузница која резултира со опструирано односно затнато носе и солзење на очињата.
  • Зголемена осетливост на нервните завршетоци и како резулат на тоа имаме чешање на носето, очињата и на кожата.
  • Спазам на мазната мускулатура кој може да се манифестира со ларингити, бронхоопструкции и асматичен напад.

Како се манифестира алергијата кај децата?

Таргет органи кој што реагираат на одредени алергени се:

  • респираторниот
  • гастроинтестиналниот систем
  • кожата.

Во однос на клиничката слика може да бидат со лесно изразени симптоми па се до силни симптоми кои во некои случаи може да предизвикуваат и животозагрижувачка состојба позната како анафилактичен шок.
Во доенечкиот период и кај деца до 3 годишна возраст најчесто се јавуваат алергиски манифестации на ниво на кожа од типот на егзема односно атопичен дерматит.

Што следно да преземете?

Доколку се сомневате дека вашето дете има алергија, закажете преглед во термин кој ви одговара на 02/3091-484