Закажете преглед

Закажи преглед

00389 2 3091 484

Дневна доза здравје

Назад до Дневна доза здравје

30.08.2023

Кинезиотејпинг за трудници

Кинезиотејпингот претставува еластична, самолеплива лента која што е развиена уште во 1979 година. Карактеристично е тоа што таа бе содржи латекс, хипоалергена е и може да се носи и повеќе денови. Безбедна е за целата популација од бебиња до возрасни пациенти.
Лентата е изработена од 100% памучни влакна и медицинско акрилно лепило. Водоотпорна е и не го ограничува обемот на движење. Еластичноста на лентата има особина да влијае во релаксација и стимулација на мускулатурата. Самата лента го олеснува природниот процес на заздравување на телото, дава поддршка и стабилност на мускулите и зглобовите, ја подобрување крвната и лимфната циркулација, ја намалува болката, го намалува отокот и го контролира воспалението.

Кинезиотејпинг во бременост

Мускулоскелетните болки се вообичаени за време на бременоста, особено во пределот на грбот и карлицата. Тука е и болката во лигаментите (особено во долниот дел на абдоменот или препоните). Во овој сензитивен период кинезио лентата е безбедна и ефикасна опција за третман и истата претставува алтернативна метода во однос на користењето на лекови против болка. Со соодветна апликациjа кинезио лентите се идеална опција за ослободување на болките за време на бременоста бидејки немаат фармаколошко дејство не содржат хемиски супстанци..
Доколку кинезио лентите се постават во пределот на лумбалниот рбет или долниот дел од абдоменот, тоа помага во распределувањето на тежината и воедно во намалување на заморот и болката која што се јавува.

Со цел да се делува во поддршка на абдоменот, абдоминалната и грбната мускулатура, постојат неколку типови на примена на кинезио лентите и тоа:

  • Абдоминален “појас” – тоа се вертикални ленти за поддршка,
  • Бебешки “појас” – апликација за целосна поддршка на абдоменот и
  • Комбинирана апликација – таа се поставува во зоната на лумбален `рбет и абдоминална мускулатура со цел поддршка на дијафрагмата и слично.

Со алицирање на некоја од овие техники (зависно од потребата) се постигнуваат различни ефекти: поддигнување на абдоменот и ослободување на притисокот во карлицата, ослободување од болките во долниот дел на абдоменот и грбот, поддршка и поддигнување на долниот дел од абдоменот, спуштање на горниот дел од абдоменот и ослободување на дијафрагмата за олеснување на дишењето.
Овие апликации може да се комбинираат и со соодветни апликација за грбна мускулатура, особено лумбалниот дел од `рбетот.

Кинезиотејпинг по царски рез

Добро е да се знае и дека постојат и соодветни техники кои што се применуваат при третман на “лузни” од царски рез. Тие помагаат во олеснување на абдоминалната мускулатура во таа регија, а воедно и во ослободување на фасцијата.
По царски рез стомачните мускули се ослабени, а нивото на маснотии во пределот на половината се зголемува. Кинезио тејпингот е лесно применлив метод и го стимулира активирањето на мускулатурата која е засегната. Голем број на студии покажуваат дека комбинацијата на кинезиотејпинг со вежби за стомачна мускулатура значително го забрзува опоравувањето на стомачната и грбната мускулатура кај жените после породување со царски рез.
Постпородилниот период исто така може да биде период во кој ќе се јават одредени тегоби кај жените.
Diastasis recti е состојба на одвојување на левата и десната страна на мускулот rectus abdominis. Овој мускул ја покрива предната страна од пределот на стомакот. Оваа состојба може често пати да се појави кај бремените жени поради преголема напнатост врз предниот абдоменален ѕид. Ризикот е поголем кога има повеќебројно раѓање (близнаци на пример ), или по голем број на бремености. Diastasis recti изгледа како гребен кој што се протега преку средината на стомакот. Се протега од дното на градниот кош до папокот. Се зголемува со затегнување на мускулите во таа област.
Кинезиотејпинг техниката која се користи за оваа состојба го стимулира нормалното функционирање и ги зајакнува стомачните мускули. Кинезиотејп лентата создава невролошки одговор кој им дава наредба на мускулите да се спојат повторно во првобитната состојба.

Кинезиотејпинг при циклус

Кинезиотејпинг техниката исто така може да се применува и при состојби предизвикани од менструални тегоби. Во овој случај придонесува за значајно ослободување од болката и напнатоста во абдоминалната мускулатура.

Бидете слободни, за време на бременоста, по породувањето или во деновите за време на месечниот циклус.
Консултирајте се и побарајте помош од сертифициран физиотерапевт за кинезиотејпинг техники.

Лепосава Лазаровска
Дипл.Физиотерапевт
Серифициран кинезиотејпинг практичар