Закажете преглед

Закажи преглед

00389 2 3091 484

11.05.2018

Доктори од Zan Mitrev Clinic со атрактивни предавања и работилници на Конгресот на студенти по општа медицина во Штип

Zan Mitrev Clinic го поддржа и учествуваше во првиот „Конгрес на студенти по општа медицина“ при Факултетот за медицински науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ што се одржа во Штип. Овој настан претставуваше можност за амбициозни студенти и млади лекари да ја демонстрираат својата работа преку усни и постер презентации од полето на претклинички и клинички предмети, практична работа во работилници и присуство на предавања од реномирани професори и доктори.

Во оваа насока свои работилници и предавања имаа и доктор Родни Росалиа, научен истражувач, служба за обезбедување на квалитет, и доктор Тања Анѓушева, супспецијалист кардиолог од Zan Mitrev Clinic.

Предавањето на д-р Родни Росалиа, кој докторирал на туморската имунологија, ја запозна публиката со концептот на имунотерапија на ракот и неговиот висок клинички потенцијал. Темата на презентацијата беше: „Искористување на имунолошкиот систем за борба против ракот; имунотерапија за рак“.

– Имунотерапија на ракот е употреба на имунолошкиот систем за лекување на рак. Имунотерапиитеможе да се категоризираат како активни, пасивни или и активно-пасивни, кои се однесуваат на комбинација на активни и пасивни пристапи. Имунотерапијата на ракот го користи фактот дека клетките на ракот изразуваат аберантни антигени на нивната клеточна површина, т.н. тумор-асоцирани антигени (TAA), кои се резултат на генетски мутации што доведуваат до карциногенеза – беше потенцирано од страна на д-р Росалиа.

По предавањето, д-р Росалија имаше задоволство да одржи работилница заедно со 30 високостручни и полетни студенти по медицина од УГД. Во текот на работилницата, студентите беа подетално воведени во тематиката на „терапевтските вакцини против рак на дојка, против меланом и карцином на грлото на матката“, како примери за активна имунотерапија. Таа тема беше проследена со страсна дебата за улогата на цитокинот Интерлеукин-2 (ИЛ-2) како моќна (пасивна) имунотерапија за рак за да се засилат тековните анти-тумор имуни одговори.

Работилницата кулминираше со дискусија за националните, финансиските и бирократските пречки кои во моментот го блокираат спроведувањето на овие напредни терапии во Македонија.

Доктор Тања Анѓушева пред група од триесетина студенти одржа практична работилница за користењето електрокардиограф и читањето на ЕКГ- графиконот по што следуваше практична работа со студентите. Многуте прашања само ја дополнија работната атмосфера за која предвидените час и половина беа кратки па неминовно, на задоволство на сите, работилницата беше продолжена.

Конгресот беше одлична можност за проширување на теоретските и практични знаења, стекнување на нови колегијални пријателства.