00389 2 3091 484
март 6, 2026
Клиничка болница Жан Митрев и Средно медицинско училиште на Град Скопје „Д-р Панче Караѓозов“ потпишаа меморандум за соработка со кој се отвора можност учениците од ова училиште да реализираат феријална пракса во една од најсовремените медицински установи во земјата. Со потпишувањето на меморандумот се воспоставува партнерство кое има за цел да им овозможи на учениците практично искуство во реална клиничка средина, како дополнување на теоретското знаење стекнато во текот на образовниот процес.
Во рамки на оваа соработка, учениците од медицинското училиште ќе имаат можност во текот на летниот период да ја реализираат својата феријална пракса во Клиничката болница „Жан Митрев“, каде ќе се запознаат со современи медицински процедури, организацијата на болничката работа и најновите стандарди во здравствената грижа. Преку оваа пракса, учениците ќе можат одблиску да го следат секојдневното функционирање на една врвна медицинска установа, да работат под менторство на искусен медицински кадар и да стекнат вредни практични знаења кои ќе им помогнат во понатамошното образование и професионален развој.
Од двете институции истакнуваат дека ваквата соработка е значајна за подобрување на квалитетот на медицинското образование, бидејќи им овозможува на младите идни здравствени работници навреме да се запознаат со реалните предизвици и одговорности во медицинската професија. Партнерството меѓу Клиничка болница Жан Митрев и Средно медицинско училиште на Град Скопје „Д-р Панче Караѓозов“ претставува важен чекор кон зајакнување на врската помеѓу образовниот систем и здравствениот сектор, со што се создаваат подобри услови за едукација на новите генерации медицински кадар.


