Интервју со д-р Џулиана Михајловска: Јазли на тироидната жлезда – долгорочен товар или стил на живеење

Дневна доза здравје

август 26, 2024

Најчесто јазлите се асимптоматски и не даваат ниту знаци, ниту симптоми кај пациентот, освен доколку не станува збор за јазол со големи димензии кој е видлив и со голо око во пределот на предната страна на вратот, или доколку врши притисок врз големите крвни садови или врз душникот што резултира со отежнато дишење, зуење во ушите или вртоглавици. Понекогаш, во ретки случаи се јавува и промена на бојата на гласот

Тироидната жлезда е мала, но исклучително важна ендокрина жлезда сместена на предниот дел од вратот, која игра клучна улога во одржувањето на целокупната рамнотежа во организмот. „Јазлите, уште познати како нодуси на тироидната жлезда, претставуваат фокални, ограничени, физички промени во тироидното ткиво, со различна димензија кои може да се дијагностицираат со ултрасонографски преглед на жлездата и при тоа да се опишат нивните ехографски карактеристики“, објаснува д-р Џулиана Михајловска, специјалист по ендокринологија од клиничката болница „Жан Митрев“. Со д-р Михајловска зборуваме детално за јазлите на тироидната жлезда, причините за нивната појава, дијагностиката, симптоматологијата, какви се по природа и како се третираат.

Што претставуваат јазлите на тироидната жлезда, кои се причините за нивната појава и како се дијагностицираат?

Д-р Михајловска: Тироидната жлезда претставува ендокрин орган, сместена во предниот дел на вратот, со форма на пеперутка. Се состои од лев лобус, десен лобус и истмус. Има многу значајна улога во одржувањето на нормалната функционална рамнотежа на организмот. Физичките абнормалности на жлездата може да бидат изолирани или во склоп на некое од функционалните нарушувања на тироидната жлезда. Па така кај хипотиреозата најчесто имаме намалени димензии на жлездата, кај хипертиреозата, зголемени димензии. A, тука е и Хашимото тироидитисот. Јазлите, уште познати како нодуси на тироидната жлезда, претставуваат фокални, ограничени, физички промени во тироидното ткиво, со различна димензија кои може да се дијагностицираат со ултрасонографски преглед на жлездата и при тоа да се опишат нивните ехографски карактеристики. Постојат повеќе поделби на јазлите. Според бројноста, може да бидат единечни и многубројни, а според функцијата – функционални или афункционални. Според структурата на јазолот и која компонента повеќе доминира се делат на солидни и цистични јазли. Според нивната природа се делат на бенигни и малигни. Причината за појавата на јазлите не е конкретизирана, но се смета дека улога имаат генетиката, автоимунитетот како и надворешните влијанија врз нивната патогенеза.

Постојат ли одредени симптоми и знаци кои упатуваат на постоење на јазли на тироидната жлезда и како навреме да се дијагностицираат?

Д-р Михајловска: Најчесто јазлите се асимптоматски и не даваат ниту знаци, ниту симптоми кај пациентот, освен доколку не станува збор за јазол со големи димензии кој е видлив и со голо око во пределот на предната страна на вратот, или доколку врши притисок врз големите крвни садови или врз душникот што резултира со отежнато дишење, зуење во ушите или вртоглавици. Понекогаш, во ретки случаи се јавува и промена на бојата на гласот.
Третманот на јазлите најчесто е со хируршко отстранување на дел од лобусот, целиот лобус или целата тироидна жлезда, во зависност од бројноста, големината како и резултатите од цитопатолошкиот наод при тенкоиглената пункција.

Јазлите се спорорастечки – колку долго се следат, на колкави периоди треба да се прави контрола и кога се преземаат конкретни мерки?

Д-р Михајловска: Јазловидните промени на тироидната жлезда, најчесто се спорорастечки и потребно е редовно, долгорочно следење на промените односно нивната димензија, изглед, ехографски карактеристики како и индиректни фактори кои влијаат на планот за третман на овие промени. Тука не спаѓаат брзорастечките промени кои најчесто се со лоша природа. Тоа значи дека за нив треба брза и навремена дијагностика и третман. Во принцип секоја промена која бргу ги менува димензиите или карактеристиките, треба да се додијагностицира. Тоа подразбира правење на тенкоиглена аспирациона пункција, која ќе ни даде генерален клеточен приказ за природата на јазолот. Димензија на која сите јазли во принцип треба да подлежат на пункција е 10 mm. Но, понекогаш останува ексклузивно правото на докторот, во зависност од карактеристиките на јазолот, да одлучи дали ќе препорача пункција на јазол со димензија од 5 mm или ќе почека пораст до 15 mm.

Иако јазлите на тироидната жлезда се главно бенигни по природа, приближно 5 % од јазлите се всушност малигни, т.е. рак на тироидната жлезда. Какви се разликите помеѓу бенигните и малигните јазли?

Д-р Михајловска: Важно е да напоменам дека нарушувањето во физичката градба на жлездата, најчесто не е поврзана со функцијата, па така најголемиот дел од пациентите со јазли на тироидната жлезда имаат уреден тироиден статус и се во еутироидна состојба. Исто е важно да се потенцира дека уредниот тироиден статус не значи по автоматизам и бенигна природа на јазлите. А тиреоглобулинот не претставува предоперативен туморски маркер. Како туморски маркер единствено се смета калцитонинот кој е покачен само кај одреден тип на малигнитет на тироидната жлезда, а тоа е медуларниот карцином. Тиреоглобулинот е постоперативен туморски маркер за следење на пациентите кои се претходно оперирани од папиларен или фоликуларен тироиден карцином.

Како се третираат јазлите на тироидната жлезда?

Д-р Михајловска: Третманот на јазлите најчесто е со хируршко отстранување на дел од лобусот, целиот лобус или целата тироидна жлезда, во зависност од бројноста, големината како и резултатите од цитопатолошкиот наод при тенкоиглената пункција. Во нашата болница од година во година се зголемува бројот на ваквите хируршки интервенции првенствено затоа што активно работиме на скринингот кај пациентите, но и на детална и прецизна анализа на промените на тироидната жлезда од страна на ендокринолог, кој дава насоки за понатамошен третман, согласно протоколите и алгоритмите за лекување на ваков тип на заболување.

Извор: Panacea.mk