“Излези и поврзи се!” – психолошка работилница за млади волонтери од Црвен Крст

Настани

март 17, 2026

Во рамки на Неделата за борба против срцево-садови заболувања во нашата клиника беа одржани предавања и работилници за млади волонтери од Црвен Крст на град Скопје.

Нашите психолози и психотерапевти доц.д-р Кристина Егуменовска и Александра Петроски реализираа психолошка работилница насловена “Излези и поврзи се!” , нагласувајќи колку е важно да останеме поврзани со другите, да поминуваме време заедно надвор во природа, како и колку влијаат екраните и поминувањето време на социјалните мрежи врз нашето ментално здравје.

Создавањето нови контакти ни помага да се чувствуваме поврзани, поддржани и мотивирани, што е важен дел од квалитетниот и исполнет живот.

Нутриционист Татјана Павлова одржа презентација за правилна исхрана и нејзината улога во одржување на здрави крвни садови.
Присутните имаа можност да научат кои намирници помагаат за подобра циркулација, како да се избере храна која го оддржува здравјето на срцето и како да се одржува балансирана исхрана која не доведува до покачување на телесната тежина.  

Физиотерапевт Лепосава Јовановска ја истакна важноста на редовното движење и физичката активност како клучен фактор за одржување здраво срце и здраво тело.
Преку практични совети и едноставни вежби се покажа дека и умерената, но редовна физичка активност може значително да ја подобри општата здравствена состојба.