Изведена прва неврохируршка операција со микроскоп во Клиника Жан Митрев

Настани

ноември 11,2024

Првата неврохируршка операција на Одделот за неврохирургија во Клиниката Жан Митрев е изведена со врвен неврохируршки микроскоп, еден од најсовремените во регионот. Неврохируршкиот тим предводен од проф. д-р Владимир Рендевски, заедно со д-р Михаил Таушанов и останатите членови на интердисциплинарната медицинска екипа, успешно изведоа операција на ‘рбетниот столб на пациентка со огромни болки во крстот и ограничена подвижност на десната нога.


Со исклучителното ниво на визуелизација на овој современ микроскоп, беше овозможено искусниот тим со најмала инвазивност да направи отстранување на дискус хернијата во лумбалниот дел ‘рбетот и ослободување на притиснатиот корен на нервот, што ги предизвикуваше наведените клинички симптоми и знаци кај пациентката.
Во иднина, микроскопот од брендот Zeiss Kinevo 900, со неговите врвни перформанси и дополнителните оптички филтри кои овозможуваат интраоперативно пребојување на туморите, васкуларните промени (аневризми) и други патолошки промени на мозокот и ‘рбетниот мозок, ќе биде користен за нивно безбедно и прецизно оперативно отстранување со најмала можна инвазивност и притоа зачувување на околното здраво ткиво.