00389 2 3091 484
мај 05,2024
Коронарната артериска болест е предизвикана од атеросклерозата која ги зафаќа коронарните артерии и доведува до стеснување на нивниот лумен или во потешки случаи доведува до ниво комплетно запушување. Во почетниот стадиум на болеста таа се манифестира со градни болки, стегање во градите, гушење, а при напредни фази на болеста, запушувањето доведува до инфаркт на срцето, кој се манифестира со јаки болки, а може да доведе и до опасни аритмии па дури и фатален исход поради прекин на срцевата работа.
Третманот на коронарната артериска болест во најраните фази на болеста се состои од превентивни мерки и медикаментозен третман. Додека, во понапредните фази на болеста, потребно е да се преземат поагресивни мерки за спречување на напредокот на болеста и нејзин третман, со цел спречување на инфаркт на срцето и евентуален фатален исход. Во одредени околности и во поран стадиум на болеста, се применува стентирање на коронарните артерии, што претставува инвазивна процедура на поставување на стент во коронарната артерија за да се отвори стесувањето или запушувањето. Коронарното стентирање е особено важно при акутен миокарден инфаркт, со што се отвора запушената коронарна артерија која довела до инфарктот и на тој начин да се превенираат потешки компликации од инфарктот.
Кога коронарната болест ќе зафати две и повеќе коронарни артерии, се работи за дифузна коронарна болест. Во тој случај единствен избор на лекување е со помош на оперативен третман на коронарната болест, или таканаречена “бајпас” хирургија на срцето. Со бајпас хирургијата се врши премостување на заболениот дел од коронарната артерија – стеснет или запушен. При бајпас хирургијата се користат венски крвни садови од самиот пациент, од левата или десната нога, и истите се поставуваат на срцето, од аортата кон срцето, и затоа и се нарекува аорто-коронарно премостување. Овие венски крвни садови имаат ограничен животен век, по неколку години обично и тие се запушуваат, и затоа мора да се прави реоперација за да се постават нови аорто-коронарни премостувања.
Во нашата болница, како стандардна процедура, за овие премостувања на коронарните артерии се користат артерии од самиот пациент, при тоа се користи левата радијална артерија од левата подлактица, и две внатрешни торакални/мамарни артерии, лева и десна. Оваа бајпас операција се нарекува комплетна артериска реваскуларизација (слика 1 и 2). Истата е технички потешка за изведување, меѓутоа предностите и се многукратни. Најголемата предност е фактот дека премостувањата направени со користење на артерии од самиот пациент се многу подолготрајни/доживотни.
Научно е докажано дека при користење на левата и десната торакална/мамарна артерија, и после 15 години кај повеќе од 95% од пациентите артериите остануваат проодни, на тој начин се избегнува потребата за реоперација. Втора предност е тоа што се избегнува манипулација на асцедентна аорта кај пациентите, која истатака може да биде зафатена со атеросклероза, на тој начин избегнувајќи компликации од типот на мозочен удар. Како трето се зачувуваат вените на нозете за евентуални премостувања кај заболувања на артерии на нозете, за бајпас хирургија на нозете. За намалува и бројот на оперативни рани, се избегнува оперативниот рез на нозете кој може да даде проблеми со заздравувањето и евентуални инфекциии на тие рани.
Комплетната артериска реваскуларизација е стандардна оперативна процедура во нашата болница. За подетални информации околу процедурата може да се обратите на нашите кардиоваскуларни хирурзи преку e-mail или да закажете консултација на 02 3091 484.