00389 2 3091 484
февруари 02,2020
1 март 2020 година е датумот на кој „Zan Mitrev Clinic“ ќе го одбележи својот 20-годишен јубилеј. По тој повод, токму на тој ден се предвидени низа активности со кои ќе биде одбележан овој мошне значаен датум и јубилеј, а во меѓувреме со помош на дел од приказните испишани заедно со пациентите на оваа клиника ќе се потсетиме на почетоците, на приказните со среќен крај, но и на она дека сите поседуваме срце, богато или опустошено или полно како овој свет…
Велат времето лекува сè, но времето може да залечи само „скршено“ срце… не и болно. За него е потребен вистинскиот доктор, токму онаков каков што имал среќа пред речиси две децении да има Ѓеорги Јовановски, стар скопјанец, пензионер и еден од првите пациенти кои се лекувале на клиниката на д-р Жан Митрев, тогаш позната како Специјална болница по хируршки болести „Филип Втори“.
Јовановски, вели, не сакам да се сеќавам на тоа време зашто живеам живот како да не сум опериран, но, од друга страна, не можам да заборавам што за мене стори д-р Митрев и бескрајно сум му благодарен и нему и на целиот негов тим, кои полни 19 години се грижат за мене.
„Сè се случи пред 19 години. Дојдов овде околу 10 јуни, во тогашниот, стар објект, лежев на шестиот кат. Операцијата не можам да кажам дека беше лесна затоа што не само што имам бајпасови, туку ми е санирана и левата комора. Колку часа траела операцијата не знам, но знам едно дека се рехабилитирав брзо за што сум му благодарен на докторот Жан Митрев, кој успешно ја изврши операцијата. Потоа за целиот процес на опоравување многу сум ѝ благодарен на докторката Тања Анѓушева, јас на друго место на контроли не одам, само таа се грижи за мене и моето здравје“, ја почна својата приказна Ѓеорги, кој иако не сака многу да зборува за тој период од својот живот и не сака да се сеќава на неубавите моменти, сепак реши да ни ја раскаже својата приказна за, како што вели, да им помогне на луѓето со сличен здравствен проблем. А пред операцијата прогнозите не му биле најдобри и за неа во тоа време требало да добие конзилијарно мислење. Тоа му било потребно за всушност лекувањето да може го продолжи кај д-р Митрев бидејќи тогаш се сметало дека таквиот зафат на аневризма на левата комора не треба да се прави бидејќи пациентите или не го преживувале или умирале набрзо по него.
„Мојата состојба кога побарав лекарска помош воопшто не беше едноставна, тогаш всушност и ми беше откриено дека сум преживеал инфаркт за кој не сум ни бил свесен. Бев човек кој е постојано во движење и некако не чувствував дека имам време да се справувам со какви било болести. Кога ми рекоа дека сум прележал инфаркт пред две години бев убеден дека тоа е невозможно, а всушност кога почнав да си го враќам филмот се сетив дека имав една случка кога почувствував слабост и силна неподнослива болка за која немав објаснување. Бидејќи работев во ФАС во тамошната амбуланта ми беше кажано дека сум имал реума, добив терапија од која не ми беше подобро затоа што всушност тогаш сум доживеал инфаркт, а не сум имал реума. Цела недела имав неподносливи болки, но некако остана на тоа. Во тоа време, инаку многу пушев, алкохол никогаш не сум пиел, но со цигарите знаев да претерам. Некаде после две години, повторно имав слична ситуација и откако ми се слоши појдов на лекар кога всушност и ми беше поставена вистинската дијагноза. Иако всушност и тогаш мислев дека не ми е ништо“, раскажува Ѓеорги и признава дека во тој момент на шок и паника го освестиле зборовите на докторката од Брзата помош, која дошла по него откако реагирало неговото семејство. Докторката и рекла на неговата сопруга дека доколку не појде со нив во болница може да биде предоцна.
„Ме хоспитализираа и тогаш ми беше кажано дека мојот проблем мора да се реши хируршки. Уште еднаш голема благодарност до докторот Митрев и докторката Анѓушева која постојано е со мене. Благодарение на нив живеам квалитетен живот. Се придржувам до сè што ми е кажано. Терапијата ја земам редовно, доаѓам на контроли. Внимавам на исхраната, цигарите за мене се минато, секојдневно без исклучок пешачам. Живеам на средината меѓу Влае и Хром и секој ден од таму до Ново Лисиче, до кај мостот Близнак, возам велосипед. Натаму возам, а накај дома пешачам и го туркам велосипедот. Тоа го правам 19 години“, раскажува Ѓеорги и вели дека не сака да се враќа наназад, туку да си го живее животот квалитетно и со позитивна мисла и грижа за сопственото здравје.
„Навистина се чувствувам како да не сум опериран, сега ќе полнам 77 години и не верувам дека некој што не пешачи, а е многу помлад може да се мери со мене во одење. Имам кондиција. И да врне и да дува јас рутата морам да ја поминам. Тоа е навика. Не се враќам наназад и не размислувам за тоа што се случи, тоа им го велам и на сите кои имаат сличен проблем како мојот. Знаат да ми кажат ’ти многу се пазиш’, а јас на тоа одговарам ’секој за себе’. Вака сум навикнат и додека сум жив така ќе биде“, вели овој пензионер, а неговата препорака до сите е да си го чуваат здравјето и да прават редовни здравствени контроли, а не да се оди на лекар само кога ќе се има проблем. Вели, цигари никако. Храната е многу важна и треба да се внимава што се консумира, а рекреацијата и спортот се, исто така, од големо значење. Признава дека најмногу сака да пешачи сам, само така си се држел до темпото и рутата кои му се пракса долга 19 години.
„Летно време излегувам порано и сум готов до пладне, а кога е ладно пешачам подоцна, раскажува Ѓеорги, кој на нашата средбата дојде со велосипед. Веќе беше на половина пат кон дома и сега тој му беше само друштво, а не и превозно средство. Таква функција има кога тргнува во својата секојдневна авантура, но не и кога е на пат кон дома. Вели домашните не го чуваат, не за друго туку немало потреба бидејќи тој не е болен.
„Се чувствувам како да не сум опериран и не мислам на тоа“, уште еднаш ни потенцираше Ѓеорги и додава дека најважна од сè е мислата која треба да е позитивна и, секако, редовните контроли и исхраната.
„Одбегнувам сè што ми е забрането, а консумирам сè што ми е препорачано. Сакам риба, најмногу скуша бидејќи содржи многу омега-3 масни киселини, пилешко, па и јунешко, иако поретко. Свинско нема на моето мени, исто како и месни преработки и благо. Тоа не доаѓа предвид. Мераклија сум за луто. Наутро појадувам овошје, ручекот ми е некаде околу 13-13:30 часот, а вечерата се трудам да ми е полесна“, ни откри Ѓеорги на самиот крај од разговорот кој го водевме на „Zan Mitrev Clinic“, каде призна дека не се чувствувал како да е во болница.
„Сите се исклучително љубезни и внимателни. Презадоволен сум, навистина немам никакви забелешки, напротив имам само убави и пофални зборови и, секако, срце полно благодарност за мојот спасител кому сум му бескрајно благодарен“, заврши Ѓеорги, овој симпатичен пензионер кого ако прошетате на кејот на Вардар сигурно ќе го сретнете. Не сакаше многу да се задржува не затоа што не беше расположен за муабет, туку затоа што тоа време од денот му било резервирано за пешачење, а без дневната доза некако не му бил денот. Се разделивме со ветување дека се гледаме на 20-годишниот јубилеј на „Zan Mitrev Clinic“, на 1 март – денот кога е направена првата хируршка интервенција.