Закажете преглед

Закажи преглед

Домашна посета

Почитувани,

Zan Mitrev Clinic воведува нова услуга- ДОМАШНА ПОСЕТА со преглед од кардиолог, за сите пациенти кои поради пандемијата не можат да дојдат во нашата клиника, а имаат кардиоваскуларни заболувања.

Закажете термин за домашна посета во период од 07 до 20 часот секој работен ден, а за викенд од 07 до 15 часот, преку телефонскиот број:  02/3091 484 или преку електронската пошта: infosalter@zmc.mk.

Со почит,

Zan Mitrev Clinic

389 2 3091500

Искуства на наши пациенти

Назад до Искуства

20.02.2020

Коста Шапков и доктор Митрев не се само имиња – тие се историја, тие се првата бајпас операција кај нас

1 март 2020 година е датумот на кој „Zan Mitrev Clinic“ ќе го одбележи својот 20-годишен јубилеј. По тој повод, токму на тој ден се предвидени низа активности со кои ќе биде одбележан овој мошне значаен датум и јубилеј, а во меѓувреме со помош на дел од приказните испишани заедно со пациентите на оваа клиника ќе се потсетиме на почетоците, на приказните со среќен крај, но и на она дека сите поседуваме срце, богато или опустошено или полно како овој свет…

1 март 2000 година за многумина  е само обичен ден, датум од  минатото, но за кардиоваскуларниот хирург д-р Жан Митрев овој ден значи историја. Ден кога во 16: 00 часот беше направена првата бајпас операција во Македонија и кога стартуваше со работа тогашната Специјална болница по хируршки болести „Филип Втори“, а денес „Zan Mitrev Clinic“.

Шапков тогаш 55-годишен машин-бравар од Кочани повеќе од четири часа поминува во операционата сала. По зафатот пациентот е стабилен, лекарскиот тим задоволен, а клиниката и официјално ги отвори своите врати. Во една прилика д-р Митрев ќе рече: „Тоа беше мојата најтешка операција. Операција на духовното срце на Македонија. Реализација на една визија.“

Коста денес е пензионер, има полни 74 години, и не е само татко, сопруг, тој е и дедо. Вели, дочекав убави денови и имам среќни мигови, му се радувам на секој ден, му се радувам на животот.

„Некој мора да биде прв, ете мене така ми се погоди. Не се надевав дека со мене и моето име ќе се испише историјата. Искрено додека лежев на одделот кој во тоа време беше во склоп на Воената болница, во собата бевме неколкумина пациенти и меѓусебно си разговаравме кој ќе биде прв. Според наодите ме избрале мене, иако јас неколкупати и реков гласно дека не мора да сум прв. Кога ме викнаа немав што да кажам. Бев малку збунет, исплашен, но не можев и не сакав да преправам. Операцијата траела некаде околу четири часа, и сè помина во најдобар ред“, се сеќава Шапков.

Пред операцијата за себе вели дека бил активен човек, а здравствениот проблем кој го имал се трудел да го игнорира некое време велејќи си дека ништо не му е.

„Тие мисли ги имав сè додека еден ден додека бев на работа не почувствував многу силна болка во градите, тогаш си реков колку и да не сакам морам да се предадам и да видам што ми се случува. Едвај одев и едвај можев воздух да земам. Ме сечеа градите. Тргнав на преглед, но не можев ни да стигнам до нашата градска болница. Ми кажаа дека во Кочани за мене лек нема и ме испратија во Скопје, каде после низа испитувања и прегледи ми беше кажано дека мора да бидам опериран. Морам да признам дека ми беше страв, но немав избор си реков што треба да биде ќе биде. Имав слушнато за докторот Жан Митрев и иако имав можност да заминам на лекување во Бугарија решив помош да побарам кај него. Одделот на доктор Митрев се уште не беше готов и не се знаеше кога ќе почне со работа. Појдов во Воената болница и случајно се сретнавме, дојдов до него, му се обратив, му кажав каков проблем имам. Ми кажа дека одделот ќе почне со работа кон крајот на февруари или на 1 март, да продолжам со терапијата во меѓувреме и дека ќе ме повикаат телефонски. Така и бидна. Се вратив дома, продолжив со терапијата како што ми кажа тој и по некое време навистина добив телефонски повик да дојдам и да почнам со испитувањата“, ја раскажува својата приказна Коста и открива дека најмногу го плашела неизвесноста. Вели, мислел на тоа што ќе биде и како ќе помине зафатот.

Животот продолжил нормално, се вратил и на работа

„Некој мора да биде прв, а токму тоа мене ми донесе едно убаво пријателство со доктор Митрев. Мене ми припадна и честа да ја пресечам лентата на отворањето на новата болница. Роден сум на 4 март, а на 1 сум опериран и на 10-годишнината заедно ги прославивме моите два родендена. За д-р Митрев можам да кажам само убави зборови, тој е добар човек, исклучително комуникативен и полн со разбирање. Кој и да дојде кај него е добредојден, вратата секому е отворена. Тоа го велам секому кој ќе ме праша за мислење. Пред неколку години кај мене дојде брачен пар, дојдоа да зборуваме за моето искуство бидејќи детето им било за операција и сакале да бидат сигурни дека чедото им е во добри раце. Бев збунет и во прво време не знаев што да им одговорам, само им реков кој сум јас да решавам за туѓи судбини, особено за деца, но сфатив дека сакаа само да им го пренесам моето искуство. А што можам друго да кажам освен дека докторот е прв и најдобар кај нас, а за мене ќе биде и единствен. Кога се запознавме и му кажав дека сум од Кочани, ми рече – ’Јас сум од Штип, не сме многу далеку, наши сме’. Многу добродушен човек, кога и да се сретнеме убаво си разговараме. Благодарен сум и што кај него имам и посебно место и одредени привилегии. После операцијата на срцето имав и некои други здравствени проблеми, но сите тие беа на негов товар. Ми кажа дека кај нив сум добредојден во секое време и дека за мене вратата е ширум отворена, за што сум благодарен од дното на душата. Не можам да му се оддолжам што ми дари живот и за сè што прави за мене. Немам зборови, тој е најдобродушниот човек што кога било сум го сретнал“, раскажува Коста и додава дека ретки се оние кои не знаат дека тој е првиот пациент на доктор Митрев.

„Во тие лоши моменти пред операцијата помислував на најлошото, а ете сега дочекав да имам внуци, да живеам убав живот, да се чувствувам добро. Водам нормален живот, внимавам како се хранам, секојдневно пешачам, а и сопругата ме чува“, раскажува овој симпатичен пензионер од Кочани, кого животот не го галел, но тој и покрај сè не се предава и има, како што вели, само верба и добра мисла.

„Многу сакам јаболка, после секој оброк јадам по едно, понекогаш знам да се напијам какао затоа што од кафето и цигарите се откажав. И не се нервирам, моите нервози се веќе, што се вели, ’скинати’. Сопругата се нервира понекогаш и велам немој ќе ти штети на убавината, а и мора некој да е здрав да ми готви треба ли нешто да јадам“, се шегува Кочо и додава дека затоа ѝ обрнувал внимание не заради друго. Додуша малку и се пожали дека и таа го гледала, дури и кога спиела, па не можел да мрдне од неа.

„Ме држи под контрола, нема мрдање“, низ насмевка вели Коста и додава, онака на кочански дека сопругата го чувала ’како писано јајце’. А таа, пак, вели: „Заслуга си моја, ама и на докторот.“

Дружбата со оваа симпатична двојка од Кочани не траеше долго, но муабетот беше убав, а падна и ветување – се гледаме на дваесеттиот роденден на 1 март, оти иднина без историја не бива…