Репродуктивно здравје и бременост: Што треба да знаете

Дневна доза здравје

март 19, 2026

Планирате бременост? Сѐ што треба да знаете за проценката на репродуктивното здравје пред, за време и по бременоста

Вашето репродуктивно здравје е наш приоритет

Кога зборуваме за репродуктивно здравје, зборуваме за многу повеќе од медицински прегледи. Зборуваме за вашата целосна физичка, ментална и емоционална благосостојба во периодот кога размислувате за бременост, за време на бременоста и кога станувате мајка.

Тоа е период исполнет со радост, но и со многу прашања, дилеми и понекогаш грижи. Многу жени имаат прашања кои не секогаш се осмелуваат да ги постават за сопственото тело, за плодноста, за текот на бременоста или за здравјето на бебето.

Токму затоа, тимот на гинеколози во Клиника  Жан Митрев е тука да ве поддржи во секој чекор од овој важен животен период – од подготовка за бременост, преку следење на бременоста, па сè до безбедно породување и грижа за новороденчето.


Подготовка за бременост – важен прв чекор

Одлуката за бременост е еден од најзначајните моменти во животот на една жена. Кога ќе донесете таква одлука, важно е да знаете дека подготовката започнува уште неколку месеци пред зачнувањето.

Една од најважните препораки е започнување со фолна киселина. Овој витамин има важна улога во правилниот развој на нервниот систем на плодот и значително го намалува ризикот од одредени вродени аномалии.

Во идеален случај, бременоста се случува природно и без потешкотии. Но понекогаш патот до посакуваната бременост може да биде подолг или покомплексен. Доколку се обидувате подолг период без резултат, препорачливо е да се консултирате со гинеколог.

Во рамки на една сеопфатна проценка на репродуктивното здравје, лекарот може да препорача неколку дијагностички анализи и прегледи со цел да се добие целосна слика за репродуктивната функција.

Најчесто се прават следните испитувања:

Хормонални анализи
Со едноставен тест на крвта се проверува нивото на хормони кои го регулираат менструалниот циклус и овулацијата.

2D или 3D ултразвук на гениталните органи
Овој преглед овозможува детална проценка на матката и јајниците и може да открие состојби како цисти на јајниците, полипи или структурни промени во матката.

Проверка на проодност на јајцеводите (хистеросалпингографија – HSG)
Испитување со кое се проверува дали јајцеводите се проодни, што е важно за природно оплодување.

Хистероскопија
Минимално инвазивна процедура со која лекарот ја прегледува внатрешноста на матката и може да дијагностицира или третира одредени промени.

Лапароскопија
Процедура која во одредени случаи се користи за дијагностика и третман на состојби како ендометриоза или проблеми со јајцеводите.

Скрининг за генитални инфекции
Одредени инфекции можат да влијаат на плодноста, па затоа се прават лабораториски тестови за нивно откривање.

Спермограм кај партнерот
Анализа со која се проценува бројот, подвижноста и квалитетот на сперматозоидите.

Секој случај е индивидуален. Затоа пристапот кон дијагностика и третман се базира на персонализирана медицина, прилагодена на потребите на секоја пациентка.


Следење на бременоста

Честитки – бремени сте!

Бременоста е уникатен период во животот на секоја жена. Во текот на овие девет месеци, редовните гинеколошки прегледи имаат клучна улога во следењето на здравјето на мајката и правилниот развој на плодот.

Покрај редовните акушерски прегледи, постојат и три важни скрининзи кои се изведуваат во различни периоди од бременоста.


Прв скрининг – прв триместар

Првиот скрининг се прави во првиот триместар од бременоста.

Неговата цел е да процени дали постои ризик од одредени хромозомски состојби кај плодот.

Постојат две опции:

PRISCA тест
Комбинира анализа на одредени ултразвучни параметри и хормони од крвта на мајката и дава статистичка проценка на ризик за хромозомски аномалии.

Неинвазивен пренатален тест (NIPT)
Современ генетски тест кој преку анализа на крвта на мајката овозможува многу попрецизна генетска проценка на плодот.


Втор скрининг – морфолошки ултразвук

Се изведува помеѓу 18 и 20 гестациска недела.

Овој преглед претставува детална морфолошка анализа на органите на плодот и овозможува проценка на неговиот правилен развој.

При овој преглед се анализираат:

  • структурата на органите на плодот
  • срцето, мозокот и ‘рбетот
  • протокот на крв во артериите кои ја снабдуваат матката

Трет скрининг – проценка на растот на плодот

Третиот скрининг се прави околу 32 гестациска недела.

Во овој период се следи:

  • растот на плодот
  • протокот на крв во крвните садови
  • зрелоста и функцијата на постелката

Овие информации му помагаат на лекарот да процени како се развива бременоста и кога е најбезбедно да се планира породувањето.


Дополнителни анализи во бременоста

Покрај основните скрининзи, постојат и други важни тестови.

Инфективен скрининг
Се прави со цел да се откријат инфекции кои можат да доведат до компликации или предвремено породување.

Скрининг за гестациски дијабетес (oGTT)
Се прави околу 24 гестациска недела и овозможува навремено откривање на гестациски дијабет.


Породување – почеток на ново животно поглавје

По девет месеци грижа и следење, доаѓа моментот на породување.

Пред самиот чин на породувањето, заедно со пациентката се разговара за:

  • начинот на породување
  • видот на анестезија
  • можноста за присуство на таткото во родилната сала

Целта е мајката да се чувствува смирена, сигурна и подготвена за овој посебен момент.


Грижа за новороденчето

Во Клиника Жан Митрев, веднаш по раѓањето, новороденчето е под грижа на педијатрискиот тим.

Од првите моменти од животот, бебето добива:

  • неонатален преглед
  • внимателна медицинска нега
  • следење на растот и развојот

Ние сме тука за вас

Во Клиника  Жан Митрев, вие, вашето здравје, вашата бременост и новиот член на вашето семејство се приоритет за секој член од нашиот тим.

Доколку размислувате за бременост или сакате да направите проценка на вашето репродуктивно здравје, нашиот гинеколошки тим ви стои на располагање за консултација и преглед.