00389 2 3091 484
февруари 02,2020
1 март 2020 година е датумот на кој „Zan Mitrev Clinic“ ќе го одбележи својот 20-годишен јубилеј. По тој повод, токму на тој ден се предвидени низа активности со кои ќе биде одбележан овој мошне значаен датум и јубилеј, а во меѓувреме со помош на дел од приказните испишани заедно со пациентите на оваа клиника ќе се потсетиме на почетоците, на приказните со среќен крај, но и на она дека сите поседуваме срце, богато или опустошено или полно како овој свет…
Кога гледате во една мајка гледате во најчистата љубов која некогаш ќе ја запознаете… Кога гледате во мајката чие дете страда тогаш ѝ гледате директно во очи на болката, на тагата… Иако најлошото завршило, од очите на Јасмина Додевска од Куманово прелева тага. Солзите како да пресушиле, но горчината е присутна. Иако тешките мигови се зад неа и веќе нејзините деца се добро, вели не може да заборави што преживеала и низ што ѝ поминале децата. Мајка е на три деца, а најголемото и најмалото доживеале иста судбина, иста болест, иста операција. 14-годишната М.Д. и 11-годишниот А.Д. се брат и сестра, иста крв, иста фамилија, иста судбина… Велат, болеста не прашува за возраст, пол… Таа доаѓа кога најмалку се надеваш, но се вели додека има лек има и век.
На прв поглед насмеани и среќни деца, но после два реда муабет сфаќате дека животот им е полн со болници, терапии, бели мантили. Голгота која некој не би можел да ја помине ни за три животи. Нивната приказна ја раскажа мама Јасмина, самохрана мајка, која вели да ѝ кажувал некој дека најголемото и најмалото дете ќе ја имаат истата дијагноза и дека за само два месеци ќе завршат на иста операција немало да верува. Операцијата на ќерката се случи во април минатата година, а на синот во јули. А тие – златни деца, срамежливо се смешкаат и велат болницата на доктор Жан Митрев е најдобра, а тој е најдобриот човек и најдобриот доктор.
„Уште на шестмесечна возраст и кај двајцата е откриена миокардиопатија, после неколку години полицистични бубрези за на крајот да се утврди и цироза на црниот дроб. Тешка борба, постојани контроли, испитувања, болници. Пред операцијата и кај двајцата се јавија крвавења заради кои мораше да се направи оваа интервенција“, раскажува Јасмина, сеќавајќи се на периодот кога животот на нејзината ќерка буквално висел на конец.
„Ми рекоа дека детето го губат, заради обилното крвавење од уста. Причина за ова беа проширените вени на хранопроводот. Ситуацијата беше пресериозна, детето беше во шокова состојба и никој не предвидуваше дека ќе преживее… Нè праќаа на лекување во Турција. Минути беа во прашање. Да не дојдевме кај д-р Жан Митрев не сакам ни да помислам што можеше да се случи“, со солзи во очите раскажува Јасмина и вели: „Не знам дали некогаш ќе можам да заборавам низ што поминав. Нема ден да не се запрашам зошто токму мене и на моите дечиња мораше да ни се случува ова…“
Операцијата на ќеркичката поминала добро, иако била правена, како што раскажува Јасмина, под ризик. Набрзо детето почнало да се чувствува добро и сè да си доаѓа во нормала. И наместо да се радуваат на животот и на едно ново и посреќно време, следува нов проблем. Се влошува состојбата и кај најмалото од трите деца, синот кој мора да замине на истата операција.
„Засега се добри, одиме на редовни контроли. Единствениот здравствен проблем кој го имаат се полицистичните бубрези, но и тоа се следи и како што ми кажуваат добро е и кај двајцата“, вели Јасмина и додава: „Болест на дете е најголема трагедија за една мајка, за секој родител. Нема зборови со кои би можела да опишам низ што поминав, едноставно не може да се раскаже. Кога ми кажаа дека и синот ја има истата дијагноза не можев да верувам, не можев да сфатам како е возможно. Страшно! На ниту еден родител ова да не му се случи. Кога ми се јавија да ми кажат дека следните 12 часа се многу ризични по животот на ќерката не знаев каде сум. Навистина за мене тоа беше најтешкиот момент во животот. Сме имале секакви ситуации и добри и лоши, но ова едноставно не може да се опише.“
Иако ситуацијата била сериозна, вели, нешто од внатре ѝ давало сила и верба и ѝ кажувало дека сè ќе се заврши добро.
„Верував, верував дека ќе успее операцијата и кај двајцата. Кога се видовме со докторот Митрев тој ми рече дека, бидејќи ми беше споменувана и трансплантација на црн дроб, децата се добри и засега таква потреба нема. Траумите и стресовите поминаа, сè заврши со добро и тоа е најважно. Децата веќе навистина се добри, добро се чувствуваат, напредуваат“, раскажува Јасмина.
Дека се чувствуваат добро потврдуваат и братчето и сестричката. Велат дека сакаат на сите да им кажат дека да не бил доктор Митрев немало да можат да имаат нормален живот, да се дружат, шетаат, играат фудбал… Но едногласни се и двајцата – имаат еден проблем, голем, се плашат дека другарчињата ќе се шегуваат со нив, ако си го откријат идентитетот.
„Со некои деца едноставно не можеш да се разбереш. Тие нема да сфатат дека ние би сакале да помогнеме, туку ќе се потсмеваат со нас. Една другарка беше болна и кажа пред сите што ѝ се случува, па сега со неа се шегуваат, не сакам и јас да се соочам со истото, иако би сакала да зборувам за мојот проблем и да им помогнам на сите дечиња кои се болни и кои се чувствувале како мене“, раскажува 14-годишната М.Д. и признава дека не била исплашена од операцијата затоа што не ни била свесна што ѝ се случува. Мислела сè ќе помине со една инфузија. Нејзиното братче, пак, вели дека сега се чувствува одлично и можел и фудбал да игра.
“Си играм со другарите, играме и фудбал, а јас сум добар во напад“, раскажува малиот борец. Признава дека малку се уморува, но не се предава. Неговото лицето не покажува знаци на болест, но очињата длабоко во себе кријат една измачена душичка која иако не се плаши од ништо поминала многу за своите 11 години. Од бебе сум по болници, некако се навикнав и нема од што да се плашам. Со докторот Митрев сме и другари и селфи си правевме. Не е секој доктор ист, нашиот е најдобар“, раскажува малиот фудбалер кој кога ќе порасне не знае што ќе биде, за разлика од дада која размислувала да ја изучува медицината, но вели: „Многу учење има, па тоа ме премислува. Иако праксата веќе ја совладав.“
Благодарна до небото од третманот, персоналот и целата клиника е и мама Јасмина која вели дека нема зборови со кои може да ги искаже чувствата.
„Немам зборови и на д-р Митрев и неговиот тим до небото сум им благодарна што ми ги спаси децата, едноставно не постојат зборови со кои би можела да ги искажам чувствата. Да можат да ѕирнат во моето срце и душа ќе ја сфатат оваа мајка, ќе сфатат што чувствувам и колку сум благодарна“, низ солзи раскажува Јасмина и додава: „Среќна сум што го послушав д-р Митрев дека нема потреба од трансплантација, среќна сум што секое утро се будам покрај моите три сонца. Конечно после толку време сум мирна, иако траумите се тука и не можат да исчезнат преку ноќ и постојано сум на штрек.“
Доктор Митрев за нас е најдобриот човек во светот
„Докторот Митрев е најдобриот човек, дури и селфи имаме. И јас и бато сме му благодарни и тој за нас ќе биде најдобриот доктор и човек на светот. За него сè најдобро“, раскажуваат овие дечиња, пред кои стои нова празна страница наречена живот, која веќе почнаа да ја испишуваат со ново и розово мастило.