00389 2 3091 484
септември 09,2019
Пред еден месец, пациентката Д. В на возраст од 65 години се јавува во нашата поликлиника „Филип Втори“ во Струмица со симптоми на слабост и трнење во двете раце, болка во вратот и градите. По направените амбулантски иследувања а воедно и влошување на невролошкиот статус на пациентката истата е испратена на болничко лекување во Zan Mitrev Clinic во Скопје за понатамошен третман.
Вака почнува животната приказна на оваа наша сограѓанка која живее во околината на Струмица и по свој избор решава да се обрати за помош токму на нашиот тим доктори за големиот здравствен проблем кој и го загорчи животот.
Со комплетна одземеност на рацете и нозете таа буквално само лежеше додека нашиот медицински тим ги правеше сите испитувања со цел да се најде причината за ваквата состојба на пациентката. Повеќе од јасно беше дека станува збор за комплексна проблематика која ќе бара повеќеслоен пристап за точна дијагноза.
– Направена е селективна ангиографија на коронарните крвни садови. Исклучена е коронарна артериска болест. Направени се лабораториски иследувања без значителни отстапки. Направена е компјутерска томографија на глава и врат на кој е евидентирано дека мозочниот паренхим е со уредна атенуација без фокални паренхимски лезии.
Артериите на глава и врат се без знаци за васкуларни малформации и опструктивни лезии. Исто така е евидентирано дека постои Апланирана цервикална лордоза со спондилоартрозни промени. По консултација со ортопед поради наодот на цервикална кичма донесена е одлука за магнетна резонанца на вратна кичма. Истата е со наод за присуство на мултипни во белата маса паравентрикуларно микроангипатски демиелинизирачки фокални лезии, компресија и стеноза на спиналниот канал – ја дефинира состојбата на пациентката др. Драгица Вучкова, анестезиолог во нашата клиника.
Веќе станува јасно дека пациентката има повреда на ’рбетниот мозок меѓу четвртиот и петтиот вратен пршлен т.е. протрузија на дискусот. Таа повреда предизвикува директна компресија на ’рбетниот мозок која се манифестира со невролошки испад (нефункционалност на горните и долните екстремитети).
Следуваше оперативен зафат кој беше специфичен и комплициран по многу параметри. Доктор Љупчо Николов, трауматолог во нашата клиника, кој ја изведе оперативната интервенција, објаснува како течеше оперативниот зафат.
– Пациентката е дојдена кај нас после повреда која се случила во нејзиниот дом во Струмица. По направените испитувања, клинички и радиографски евидентирана е промена меѓу четвртиот и петтиот вратен пршлен. Евидентно беше дека дискусот го притиска продолжениот мозок. Токму тој притисок се манифестира со одземеност на рацете и нозете. Таа имаше само минимални движења, само на рамењата, додека нозете и беа комплетно одземени или медицински кажано беше класифицирана како „Франкел Ц“, т.е. некомплетна моторна лезија на ’рбетниот мозок. Што направивме? Операцијата се изведе во еден акт со преден пристап на вратен ’рбет од десна страна. Тежината на операцијата беше и во тоа што токму тука поминуваат многу витални органи како што се главната каротидна артерија, хранопроводник, душник, нервус вагус… се тоа требаше убаво прецизно да се испрепарира за да се стигне до кичмата. Поради тоа се дава специфична тежина на интервенцијата … така се стигна до дискусот меѓу 4 и 5 пршлен, кој се извади како и останати елементи, се стигна до ’рбетниот мозок по што се извади парченцето од дискусот што вршеше притисок во каналот на ’рбетниот мозок. Со тоа се направи декомпресија на ’рбетниот мозок по што следеше реконструкција и стабилизација на вратниот дел од ’рбетниот столб. За тоа искористивме еден нов имплант којшто се вика Зеро- Пе којшто ни дава можност истовремено да направиме замена на дискусот и истовремено да го стабилизираме ’рбетниот столб – појаснува доктор Николов.
Постоперативно пациентката е префрлена на одделот за интензивно лекување. Следеше интензивна физикална терапија со позитивен одговор на истата. Деновиве, триесетина дена по операцијата, пациентката е способна сама да ги извршува сите физиолошки потреби. Деновиве таа во нашата клиника го прослави својот роденден во друштво на своето семејство и медицинскиот персонал кој секојдневно се грижи за неа.
– Бев парализирана, само дишев и гледав. Сега можам повторно сама да одам и да ги движам рацете. Верувајте се чувствувам повторно жива и храбра. Благодарам на сите доктори и останатиот персонал кој се грижеше за мене. Благодарам и на моето семејство кое исто така ми даде безрезервна поддршка – ни изјави нашата пациентка која по роденденското изненадување кое и го подготвивме за неа нетрпеливо чека да замине во својот дом.