Револуционерни зафати во Клиника Жан Митрев – минимално инвазивна замена на протеза на митрална валвула

Настани

јануари 22, 2025

Направена е сложена хибридна процедура – имплантација на биолошка валвула на митрална позиција (валвула во валвула) на 74 годишна пациентка во тешка општа состојба со нарушена функција на бубрезите и поставена на апарат за дијализа.

Овој мини-инвазивен метод на замена на протеза на митрална валвула е реткост во светски рамки а во Клиника Жан Митрев е спроведена на 74годишна пациентка. Тимот составен од кардиохирурзи и интервентни кардиолози, направи успешна процедура со ТМВИ (Transcatether mitral valve implatation procedure) имплантација на валвула, без класична операција.

„Денеска имаме еден посебен случај, екстремно сложен зафат на екстремно тешка пациентка. Овие навидум невозможни мисии со кои се продолжува животот на пациентите со години и декади, кај нас, во Клиника Жан Митрев стануваат возможни и се почести со што ги поместуваме границите на кардиохирургијата и во светски рамки. Тимот на Клиника Жан Митрев 25 години поставува нови стандарди во целосната здравствена нега и изнаоѓање начини како да помогне на што повеќе пациенти. Со современата апаратура, со примена на напредна технологија создаваме животни можности за нашите пациенти и ја оправдуваме вистинската функцијата на медицината“, истакна д-р Митрев.

Протезата на митралната валвула е поставена преку врвот на срцето во митралната позиција, без пациентката да биде класично оперирана. Разликата меѓу класична операција и оваа интервенција е што има само мало отворање на градниот кош – 5см од левата страна преку кое се пристапува до врвот на срцето и со помош на посебен катетер се вметнува новата во постоечката валвула, без притоа да се употреби вонтелесна циркулација.

„Ваквите кардиохируршки дострели укажуваат на големиот потенцијал на здравството во Македонија. Иновативниот начин на спроведување на зафатот, минимално инвазивен, безбеден за пациентот пред се, го олеснува опоравувањето на пациентот и заштедува болнички денови. Овој зафат е овозможен со пристапот на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, за пакет за највозрасни пациенти, кој вклучува и овој тип на интервенции и нивно значително зголемување за 2025 година, потоа поддршка на нови зафати/интервенции, како и на комплементарноста на јавниот и приватниот сектор“, истакна Сашо Клековски, директор на Фондот за здравствено осигурување на Македонија.

Тимот кардиохирурзи и интервентни кардиолози беше предводен од д-р Митрев, заедно со доц. д-р Оливер Бушљетиќ, специјалист по интерна медицина, супспецијалист кардиолог и д-р Вилма Ампова Соколов, специјалист по интерна медицина и супспецијалист по кардиологија.

„Пациентката претходно двапати била оперирана и имаше потреба третпат да се оперира, бидејќи протезата на митралната валвула беше комплетно пропадната. Успеавме да поставиме протеза на митралната валвула, преку врвот на срцето, во митралната позиција, без да биде пациентката класично оперирана и да биде изложена на дополнителен ризик, операција којашто таа сигурно немаше да може да ја издржи. Овој тип операција е релативна новина во применета за замена на аортна валвула, а за митралната протеза, ова се исклучително ретки случаи. Обично ваквата процедура се работи за аортна валвула, а кај митрална многу ретко. Кај оваа пациентка, бидејќи два пати претходно и бил отворан градниот кош, ова беше единствена опција за да и го спасиме животот. Ова беше единствена шанса за позитивен исход за пациентката“, истакна д-р Бушљетиќ.

Пациентката првпат била оперирана во 1994 година на ВМА во Белград, а вторпат во 2011 година во Клиника Жан Митрев каде е направена реоперација за замена на митралната валвула со биолошка протеза. Со двете операции претходно, првата на 43 години во Белград, втората по 17 години (2011) и сега по 14 години, пациентката добива 30 години живот што е доказ за борбата на докторите и соодветна примена на модерна медицина во функција на спасување и продолжување на живот.