Родено 100-то бебе во Центарот за мајка и бебе на Клиника Жан Митрев – нов живот започна во безбедни и грижливи раце!

Настани

јули 16, 2025

Во Центарот за мајка и бебе на Клиника Жан Митрев се роди 100-тото бебе, момент кој го одбележува растот и довербата што стотици семејства им ја даваат на нашите медицински тимови. Овој значаен настан не е само бројка, туку симбол на љубов, посветеност и современа медицинска грижа, која овозможува секое породување да биде најубаво и најбезбедно искуство за мајките и нивните семејства.

Центарот за мајка и бебе е создаден како место каде што животот започнува со највисока можна грижа и внимание. Од моментот кога беше родено првото бебе во Центарот, пред нешто повеќе од половина година, па сè до денес, нашата мисија останува иста: да обезбедиме врвни услови и безбедност за секоја мајка и секое новороденче. Со комплетно опремени породилни сали, современа неонатолошка интензивна нега, приватни и удобни соби, и тим од искусни гинеколози, неонатолози, анестезиолози и медицински сестри, Центарот претставува дом за безбедни породувања и топол почеток на секој нов живот.

„Секое бебе е посебна радост и огромна одговорност. Со секое бебе родено во Центарот на Клиника Жан Митрев, испраќаме порака дека секој живот е бесценет и заслужува најдобра можна грижа уште од првиот здив. Благодарни сме за довербата која секојдневно ни ја укажуваат идните родители,“ велат од тимот на Центарот за мајка и бебе на Клиника Жан Митрев.
Безбедноста и индивидуалниот пристап се темел на работата на Центарот. Се применуваат највисоки стандарди за хигиена и стерилност, а секое породување се одвива со 24-часовна медицинска поддршка и внимателно следење на здравјето на мајката и бебето. Со ова, Клиника Жан Митрев ја продолжува својата посветеност кон создавање здрави генерации и обезбедување најсовремена медицинска грижа во земјава.