00389 2 3091 484
септември 13, 2024
Пластична Реконструктивна и Естетска Хирургија претставува посебна супспецијалност во хирургијата. Естетска хирургија е најубавиот дел од хирургијата кој се занимава со разубавување на надворешниот изглед на човекот. Хирурзите кои работат во оваа супспецијалоност се многу прецизни, трпеливи и пред се естети. Многу луѓе од пошироката популација имаат погрешен став дека естетската хирургија значи многу силикони, преголеми усни и ледени лица. Естетската хирургија е многу повеќе од тоа, пред се естетската хирургија се стреми кон се поприроден и симетричен изглед.
Каков е интересот кај нас и дали жените се најчести пациенти?
Во последните години како во светот така и кај нас естетската хирургија е во подем. Македонската современа жена во последните години разви се повисока свесност за тоа како изгледа. Желбата да се изгледа помладо и поубаво а со тоа и посамоуверено ги подигна границите на она што се бара и очекува од хирурзите. Сеуште жените се почести пациенти, но мора да нагласам дека во последниве години мажите се почесто ги гледаме во нашите ординации.
Рековте дека пациентите имаат високи очекувања од хирурзите, дали постои разидување во желбите на пациентите и она што реално може или би требало да се постигне со естетска хирургија?
Постојаната дилема во естетска хирургија е балансот помеѓу желбите на пациентите од една страна и ставот на хирургот од друга страна. Повеќето од пациентите кога се гледаат во огледало своите недостатоци ги гледаат многу поголеми од она реално, или со други зборови кажано не се доживуваат или перцепираат себеси на ист нашин како што нив ги перцепира околината. Сигурно многу пати сте слушнале за некои личности кои направиле повеќе естетски операции или процедури. Покрај тоа што мора да постои индикација за хируршкиот зафат, хирурзите имаат една голема задача да проценат самостојно или во консултација со психијатар дали пациентот има реални очекувања од саканата хируршка интервенција.
Кои се можностите во естетската хирургија?
Естетската хирургија опфаќа инвазивни и помалку или неинвазивни техники. Неинвазивните или помалку инвазивните техники кои се работат како дел од естетската медицина се апликација на ботокс, апликација на дермални филери, ПРП третмани, биоревитализацја, ласерски третмани, лифтинг на лицето и вратот со конци, трансплантација на коса итн.
Инвазивни техники кои се користат се многубројни, систематски да ги наброиме, блефаропластика (корекција на очните капаци, горни и/или долни), риносептопластика (естетска и функционална корекција на носот), отопластика (корекција на уши), лифтинг на лицето и вратот, лифтинг на веѓи, лифтинг на усни, брахиопластика (корекција на надлактиците), аугментација-зголемување на градите, мастопексија (подигање на градите), редукција на градите, гинекомастија, абдоминопластика (корекција на стомакот), аугментација- зголемување или лифтинг на задникот, липосукција, лифтинг на надколениците, трансфер на масно ткиво итн.
Кои интервенции се најчесто барани во вашата болница?
Најчесто барани естетски интервенции во Клиничката болница Жан Митрев се риносептопластика и абдоминопластика.
Што поточно значи риносептопластика?
Риносептопластика претставува хируршки зафат со кој се врши естетска и функционална корекција на носот. Функционалните проблеми се најчесто проблеми со дишењето, односно проодноста на носните ходници. Естетска индикација може да биде кифоза на носот или познато како грбав нос, долг, широк нос, нос во форма на седло, широк врв на носот, спуштен или подигнат врв на носот, широки ноздрви на носот. Исто така асиметричен, девијиран нос. За да се постигне посакуваниот резултат овој хируршки зафат најчесто опфаќа ремоделирање на коскените и рскавичните елементи на носот. Пристапот е најчесто со отворена риносептопластика која хируршка техника е веќе прифатена на светско ниво како златен стандард.
Што значи да имате функционални проблеми односно потешкотии во дишењето преку носот?
Најчесто се работи за девијација на носната преграда, септумот и оваа состојба може да се реши во истиот хируршки зафат. Тогаш станува збор за риносептопластика.
Што поточно значи абдоминопластика?
Корекција, затегнување на стомакот.
Промените на стомакот се неизбежни по породувањето или доколку изгубите повеќе килограми во пократок временски период. Мускулна слабост, стрии, вишок на кожа која го има изгубено еластицитетот, лузна како резултат на царски рез или пак кила на преден абдоминален зид, се дел од промените кои се очекувани во овие две состојби. Овие промени честопати водат кон незадоволство, фрустрации па дури и до депресија. Абдоминалните мускули се ослабени, растегнати или раслоени во текот на бременоста, оваа состојба се нарекува rectus diastasis, и може да биде придружена со кила-хернија. Мини абдоминопластика е помалку екстензивна техника од стандардната абдоминопластика. Се одстранува вишокот на кожа и подкожно масно ткиво а долната третина на абдоминалната мускулатурата се затегнува. Стандардната абдоминопластика се препорачува кога е потребно остранување на поголем вишок на кожа и подкожно масно ткиво и/или постои поголемо попуштање на абдоминалната мускулатура. Доколку имате кила на папокот или на било кое место на предниот абдоминален ѕид истата може да биде решена во истиот оперативен зафат. Циркуларна абдоминопластика е најинвазивната форма каде резот продолжува циркуларно и позади со што се постигнува подобро затегнување на слабините и подигање на задникот.
Дали абдоминопластиката се комбинира со липосукција?
Липосукцијата е често применувана во естетската хирургија. Липосукцијата претставува моделирање на поткожното масно ткиво на некои делови од телото. Липосукција не е начин на слабеење. Многу жени и мажи неможат да го изгубат масното ткиво складирано на колковите, бутовите, задникот, стомакот итн. Во тие случаи со липосукција се третираат само тие одредени, специфични депозити на масно ткиво.
Колку често пациентите се одлучуваат за неинвазивни техники и кои се најбарани?
Пациентите мнгу често се одлучуваат за неинвазивни техники.
Botox е прочистен неуротоксичен протеин кој го произведува бактеријата Colostrum Botulinum. Овој протеин делува на неуротрансмитерот на ниво на неуромускулната синапса предизвикувајќи мускулна парализа. Долго време се користел во медицината во тераписки цели. Денеска најчесто се користи во естетската медицина за израмнување на борите на лицето кои се јавуваат со текот на годините поради константното користење на лицевата мускулатура.
Дермални филери
Со стареењето кожата ја губи хијалуронската киселина, колагенот и подкожното масно ткиво. Хијалуронската киселина е природна супстанца која има улога во балансот на водата во меѓуклеточниот простор во кожата, односно хидрирањето на кожата. Дермалните филери се користат за пополнување, израмнување на бори, исто така за обликување, подигање или добивање на волумен на лицето или усните.
Постојат многу хируршки и нехируршки техники, важен е индивидуалниот пристап и проценката на пациентот на кој му е потребно. Но сакам да нагласам дека не е во мода она што младите го гледаат и пратат на социјалните мрежи. Природниот и негуваниот изглед секогаш е во мода.