00389 2 3091 484
март 24, 2025
Деновиве, сите ние се соочуваме со одредени измешани чувства на кои никој од нас не останува имун, чувства кои попримаат колективно непријатно доживување, кои се поврзуваат со тагата.
Тагата и нејзиното оджалување минува низ неколку фази. Започнува со негирање, по првичното неверување за случениот настан. Но, потоа кога настапува свеста за настанот, во склоп на процесот на тагување може да се почувствува бес и гнев, чувство на вина и жалење за пропуштени настани и разговори, лутење, како и неприфаќање на состојбата.
Во овие моменти во кои се соочуваме со сериозна загуба и нечуена катастрофа во државата потребно е да се иземеме од сопствената тага, жал, емпатски да дадеме несебична помош кон членовите на семејствата на починатите, семејствата на повредените кои и понатаму трептат за животот на своите најмили.
Потребно е да бидеме до нив, да дозволиме да бидат свои – да сакаат да зборуваат или не, да конзумираат храна или не, или трпеливо да ги поттикнеме, да им покажеме дека не се сами, да прозбориме за убавите мигови поминати заедно.
Секој може да понуди добар збор, да понуди парче храна, да подаде рамо за плачење, бидејќи во овие немерливи моменти на душевна болка најбитно е да се обезбеди безбедна средина, поддршка и несебичност. Во овие моменти е неопходно да почувствуваат љубов, разбирање, негување, односно да сфатат дека не се сами.
Сето ова е клучно поради фактот дека:
Изразот ,,Скршено срце,, не е само термин туку е вистинска состојба и симптом во медицината кој се јавува при силна и тешко издржлива емотивна и телесно стресна состојба. Оваа состојба во медицината е именувана како – Синдром на скршено срце.
Во моменти на емотивно соочување со стрес кај дел од лицата може да се ослободи адреналин и норадреналин во голема мера што може да предизвика стеснување на крвните садови, намален довод на крв во срцето и можен срцев удар.
Оваа состојба може да се јави во моменти на емотивна загуба на член на семејство, блиски значајни лица, губење на општествениот статус или работа, ненадејна болест, средби со драги лица со кои долг временски период немало комуникација. Состојбата може да се појави и при наеднаш настапена состојба на тага или по одреден период на тагување.
Лицата чувствуваат стегање и притисок во градите, недостиг на воздух, ненадеен почеток на изразен умор, ладна пот или зашеметеност.
Значајно е да знаеме и дека:
Покрај обезбедување и грижа за секојдневните потреби на оние кои тагуваат, лицата кои го потпомагаат нивниот процесот на тагување треба да препознаат и состојби на влошување на телесното или психичкото здравје и да помогнат во обезбедување на соодветен медицински преглед (интернистички-кардиолошки и психијатриски)
И сето ова е од голема важност бидејќи не страдаат само прво засегнатите туку и нивни блиски роднини и пријатели. Затоа помошта треба да продолжи и да трае. И не само во градот Кочани, туку и во останатите градови во Источна Македонија.
Во Жан Митрев Клиника постојат стручни лица психијатар, психотерапевт, психолог кои можат да овозможат подобрување на менталното здравје кај лицата во процесот на оттагување и оджалување.