Тестаментот не се прави во криза, туку во мир

Дневна доза здравје

јануари 14, 2026

Важните животни одлуки бараат јасно размислување, психичка стабилност и време – без притисок и туѓо влијание.
Многумина сметаат дека тестамент се прави само кога човек е многу стар или сериозно болен. Но одлуката да се остави тестамент е голема и важна животна одлука – слична на одлуките за вложување пари, склучување животно осигурување или уредување значаен имот.

Иако тестаментот е правен документ, најважно е човекот во моментот кога го прави да може јасно да размислува и слободно да одлучува.

За да се донесе ваква одлука, потребно е човекот да има јасна претстава:

  • кому што остава,
  • со каков имот располага,
  • што значи таа одлука и какви последици носи.

Ова не зависи само од возраста, туку и од здравствената состојба – телесна и психичка – во моментот кога одлуката се носи.

Но има и Емотивната страна на одлуката

Составувањето тестамент не е само правна или финансиска постапка – тоа е длабоко лична и емотивна одлука.

Многу луѓе ја одложуваат поради страв или непријатност:

  • некои се плашат дека со тестаментот ќе ја „повикаат“ смртта,
  • други мислат дека е премногу рано,
  • трети ја префрлаат одговорноста на наследниците по нивната смрт.

Често, причините се уште подлабоки:

  •  страв да не се повредат блиските,
  • тешкотија да се „одбира“ меѓу децата и другите блиски лица,
  • двоумење, вина или избегнување на соочување со сопствената минливост,
  • надеж дека сè ќе се среди само од себе.

Всушност, составувањето тестамент е чин на лична зрелост. Тоа е начин човек да:

  • ги надмине сопствените стравови,
  • остави јасна и мирна порака до блиските,
  • со грижа да спречи идни недоразбирања меѓу наследниците.

Навремено направен тестамент не е знак на слабост, туку знак на грижа, одговорност, автономија и достоинство. Јасноста околу донесената одлука носи чувство дека важните работи се ставени на место. Понекогаш, токму преку овој чин се отвора и можност за разрешување стари тензии, па дури и за помирување.

Кога одлуките не се навистина наши

Секојдневно носиме одлуки и често веруваме дека тие се целосно наши. Но во одредени животни ситуации, способноста за одлучување може тивко и незабележливо да се наруши.

Одлуките можат да зависат од:

  • физичкото здравје,
  • психичката стабилност,
  • заморот, болката и стресот,
  • притисокот од околината,
  • потребата да се избегне конфликт.

Кога човек е исцрпен, болен или исплашен, одлуката може да изгледа разумна во моментот, но подоцна да не ја одразува неговата вистинска волја.

Кога телесното здравје може да влијае на расудувањето

Одредени телесни заболувања можат да влијаат на јасноста на размислувањето и критичката проценка, како што се:

  • тешки малигни заболувања,
  • мозочен удар,
  • сериозна срцева, белодробна или бубрежна слабост,
  • тешки заболувања на црниот дроб и други состојби.

Овие состојби можат да доведат до:

  • забавено или нејасно размислување,
  • намалена концентрација и внимание,
  • заборавеност,
  • поголема подложност на туѓо влијание.

Тоа не значи дека секое болно лице не може да остави тестамент, туку дека телесната болест може да влијае на слободата и јасноста на одлучување.

Психичката состојба е исто толку важна

Психичко заболување не значи автоматски неспособност за оставање тестамент.
Лице со психичко заболување кое е стабилно и во ремисија може да донесе валидна и информирана одлука, а притоа да не му е одземена деловната способност.
Од друга страна, лице во акутна психотична состојба, со нарушен контакт со реалноста, не може – бидејќи одлуката не е слободна ниту свесна.

Што е деменција?

Деменцијата е прогресивно нарушување на когнитивните функции – меморија, ориентација и расудување.
Лице со умерена или тешка деменција не е способно да остави тестамент, бидејќи не може да донесе информирана и слободна одлука.

Кога болеста тивко ја презема контролата

Силна болка, хронична исцрпеност, акутен стрес, депресија или когнитивно опаѓање можат постепено да ја ослабнат волјата, без човек тоа јасно да го забележи. Во такви ситуации, лицето може полесно да се согласи со туѓи предлози или да почувствува дека „нема избор“, иако објективно има.

Заклучок

Навремено направен тестамент е чин на грижа, зрелост и одговорност – кон себе и кон блиските.
Истовремено, важно е да се разликува:

  • зрела и слободна одлука, од
  • одлука донесена под притисок, болест или туѓо влијание.

Психијатриската проценка не е формалност и не значи одземање на право. Таа служи за заштита на автентичната волја на човекот и за сигурност на сите вклучени.

Текстот е подготвен од д-р Марија Костадиновска, психијатар, со цел информирање и подигнување на свесноста за значењето на менталното здравје при донесување важни животни одлуки.
Доколку постојат нејаснотии или прашања поврзани со вашите размислувања, може да се закаже консултација/преглед, на следниот телефонски број ☎️ 023091484.