00389 2 3091 484
декември 10, 2025
Современ и клинички супериорен пристап во кардиохирургијата: Во Клиника Жан Митрев изведена минимално инвазивна операција на срце без сечење на градната коска
Во Клиника Жан Митрев, кардиохируршкиот тим предводен од д-р Митрев, успешно изведе современа минимално инвазивна операција на срце, позната како MIDCAB (минимално инвазивен директен коронарен артериски бајпас).
Операцијата се изведува преку мал засек меѓу ребрата, без сечење на градната коска и без употреба на апарат за вонтелесна циркулација. Со оваа техника се постигнува реваскуларизација, односно се подобрува крвотокот кон срцето, додека останатите стеснувања се третираат со поставување стентови за максимален ефект и безбедност, со што се овозможува сигурно лекување на коронарната болест.
Овој пристап значително ја намалува инвазивноста и го зголемува нивото на безбедност, а истовремено обезбедува одлични функционални и клинички резултати. За пациентот овозможува побрзо закрепнување, помала болка и пократок престој во болница, како и помал ризик од компликации. Дополнителна предност е и подобриот естетски резултат со минимален и дискретен постоперативен белег.
Изведбата на вакви хибридни процедури кои ги комбинираат предностите од двете интервенции бараат високо обучен мултидисциплинарен тим, напредна медицинска опрема и прецизно интраоперативно следење. Со соодветна селекција на пациенти, овој вид на минимално инвазивни операции претставува безбеден, современ и клинички супериорен избор во кардиохируршката пракса.
Со примена на најсовремените методи и технологии, Клиниката продолжува да поставува високи стандарди во лекувањето на срцеви заболувања.





