Воспаление на слепото црево – симптоми и дијагностика
Дневна доза здравје
март 6, 2026
Воспалението на слепото црево или апендицитис е честа појава и истата може да се случи во било кој период од животот. Главна карактеристика е болка во долниот десен дел од стомакот. Може да започне со болка околу папокот, а потоа да се шири. Како што воспалението се засилува, болката од апендицитис се зголемува и станува посилна. Воспалението најчесто се јавува кај луѓе на возраст меѓу 10 и 30 години, но не се исклучени и другите возрасни групи. Третманот за апендицитис може да вклучува антибиотици или во повеќето случаи се пристапува кон хируршко отстранување на слепото црево.
Симптоми
Симптомите на апендицитис може да вклучуваат:
Ненадејна болка што започнува во долната десна страна на стомакот.
Ненадејна болка што започнува околу папокот и се движи кон долната десна страна на абдоменот.
Болка што се влошува при кашлање, одење или правење други движења.
Гадење и повраќање.
Губење на апетитот.
Блага треска што може да се зголеми како што напредува восопалението.
Запек или дијареа.
Надуеност на стомакот.
Гасови.
Локацијата на болката може да варира во зависност од возраста и положбата на слепото црево. Доколку се случи слепото црево да се воспали за време на бременоста, болката може да изгледа дека потекнува од горниот дел на стомакот, бидејќи слепото црево тогаш е позиционирано повисоко.
Причини за апендицитис
Блокада во средишната празнина на слепото црево, наречена лумен, е најверојатно причината за настанување апендицитис. Оваа блокада може да доведе до инфекција. Бактериите брзо се размножуваат, предизвикувајќи слепото црево да стане воспалено, отечено и исполнето со гној. Доколку не се лекува навремено, слепото црево може да пукне.
Компликации и нивен третман
Апендицитисот може да предизвика сериозни компликации, како што се:
Пукнато слепо црево. Пукнатото слепо црево, познато и како перфориран апендицитис, доведува до ширење на инфекцијата и воспалението низ абдоминалната празнина, состојба наречена перитонитис. Оваа состојба може да биде животозагрозувачка и бара итна хируршка интервенција за отстранување на слепото црево – апендектомија и чистење на абдоминалната празнина.
Формирање џеб од гној во абдоминалната празнина. Во деновите после оперативно лекување на перфориран апендицитис, може да се развие ограничено жариште на инфекција, познато како апсцес. Во повеќето случаи, интервентен радиолог го дренирa (празни) апсцесот со игла преку абдоминалниот ѕид директно во апсцесот под контрола на компјутеризирана томографија. Потоа се препишуваат антибиотици за целосно санирање на инфекцијата.
Дијагноза
За да се утврди точна дијагноза, медицинско лице ќе земе анамнеза за вашите симптоми и ќе направи преглед на вашиот абдомен.
Тестовите што се користат за дијагностицирање на апендицитис вклучуваат:
Физички преглед. Лекарот може да примени нежен притисок врз болното подрачје. Кога притисокот одеднаш ќе се ослободи, болката од апендицитисот обично се влошува. Ова се должи на воспаление на обвивката на абдоминалната празнина, наречена перитонеум. Исто така, лекарот може да провери дали има абдоминална ригидност и тенденција за згрченост на абдоминалните мускули како одговор на притисок врз воспалениот дел. Кај женските пациенти во репродуктивна возраст може да се направи гинеколошки преглед кој вклучува и ехо преглед за да се провери дали има други проблеми што би можеле да ја предизвикаат болката.
Крвна анализа. Овој тест проверува дали бројот на бели крвни клетки е висок. Висок број на бели крвни клетки може да укажува на присуство на инфекција. Нормални вредности на бели крвни зрнца во крвта не исклучуваат воспаление на слепото црево.
Анализа на урина. Преку тестот на урина се открива/исклучува дека болката не е поради инфекција на уринарниот тракт или камен во бубрег.
Радиолошки испитувања. Доколку изворот на болката не е јасен, лекарот препорачува радиолошки испитувања кои вклучуваат абдоминален рендген, абдоминален ултразвук, компјутерска томографија или магнетна резонанца.
Тимот на лекари при Клиника Жан Митрев, ви стои на располагање со брза и соответна дијагноза и третман на сите абдоминални заболувања.